Бродски дневник на Ивана: „Ме стегаше срцето на скопскиот аеродром кога првпат заминав на брод – по 8 години, пак се пакувам“

Деновите поминуваа, ама не поминуваа, како да летаа... Полека, но сигурно, го научив патот од кабина до галерија, научив да монтирам фото студио со високи и тешки триподи и светла со големи софтбокси, да трчам од сликање во ресторан до сликање на феноменалите скали со Сваровски кристали и многу тренинзи, како за безбедност на брод, така и за позирање во студио и трикови за продажба. Среќа моја што брзо учам, па лесно се снајдов и се вклопив во бродската шема.

На почетокот често имав моменти на плачење и нервоза од романските колеги, си имаа формирано своја група, свој клан, се држеа заедно за да добијат промоција на работното место, а на патот до промоцијата газеа сè пред себе, правеа драми и замки, но моите ангели чувари беа таму за ме поддржат, советуваат, на некој начин заштитат.

Бев малку помала од нив, а тие малку поискусни. Осум години подоцна, се смеам кога ќе сеќавам колку сум била наивна и попусто сум се нервирала.

brodski-dnevnik-osum-godini-podocna-dodeka-povtorno-se-pakuvam-se-sekavam-na-prviot-den-na-brod-04.jpg

Бродскиот екипаж беше вистински микс од сите нации и раси, пријателски настроени или оние другите, кои под око те гледаат и чекаат на твоја грешка за гордо да те исцинкарат кај менаџерите, но се родија вистински пријателства кои ден-денес траат.

Најбројни беа, а и сè уште се Индијците и Индонезијците, кои се вработени во кујната, рестораните и одделот за одржување на хигиена, потоа гласните и само прогласени „Мачо“ келнери од Хондурас, Филипинците од спа центарот, по некој Балканец, барем тогаш, и многу Италијанци во бели униформи, кои се замислуваа дека токму тие се газди на бродот.

А, рутата на мојот прв пловен дом баш Медитеранска, од прекрасната Венеција и шармантниот Бари, преку романтичното Санторини, забавниот Крф со одличните плажи, легендарните Пиреус/Атина и Катаколон/Олимпија и до мене го чувствував најблиску до дома тогаш омилениот Дубровник, со кафе и бурек.

brodski-dnevnik-osum-godini-podocna-dodeka-povtorno-se-pakuvam-se-sekavam-na-prviot-den-na-brod-03.jpg

И секои седум дена иста приказна, исто сценарио, исти глумци, само со редовно менување на публиката, а таа прилично италијанска, по малку Шпанци и Британци, нељубезните Германци, некој залутан Балканец и ретки, но навистина пребирливи и досадни, Американци.

Со подеми и падови, моменти на слабост и желба за откажување, со солзи, но и многу смеа, поминаа првите два месеци, а тоа беше доволно за да се навикнам на мојот морски живот, трка меѓу копното и брановите, работа и уживање, тага за старите, но и многу нови пријателства... Вистински клик-клак на емоции и доживувања.

Работевме навечер, кога бродот веќе пловеше, а гостите дотерани и насмеани беа подготвени да ни позираат пред камерите. Кога бродот закотвуваше, ако не бев дел од тимот за ембаркација, т.е сликање на новите гости, имав слободно време за шетање, а тоа беше и до денеска е, мојот прв мотив на мојата бродска кариера. А, да, и платата...

По кратко време брзо се вклопив во таа шема, секој недела ист распоред, исти места, но барем прекинаа нозете да ме болат и веќе знаев кои кафулиња на копно имаат добар интернет за да се чујам со моите дома.

brodski-dnevnik-osum-godini-podocna-dodeka-povtorno-se-pakuvam-se-sekavam-na-prviot-den-na-brod-06.jpg

Оние кои работеле на брод често знаат да кажат, или ќе се откажеш во првиот месец или ќе останеш цел живот...

Осум години подоцна, повторно ќе ги пакувам куферите...

Ивана од Скопје има работено на брод 8 години. Моментално живее во Бразил, а по пандемијата повторно ќе продолжи со работа. Во наредниот период таа за CRNOBELO.com ќе споделува лични искуства и приказни од работата на брод.

Сите статии од серијалот „Бродски дневник“ може да ги прочитате ТУКА

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

 И. Ј. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

На одмор со Нина Ред на Миконос: „Нема пауза од забави, сите шетаат дотерани, а за секаде се потребн... „Овде навистина владее ноќниот живот, има посебен дух. Ме воодушевува модата, си...
Бев во Рим на два дена, од Скопје со автомобил до Тирана, па со авион за 50€ - Што успеав да видам з... Предноста на сместувањето во Трастевере е што секаде можевме да стигнеме пешки -...
Магично шпанско селце за кое не ви треба мапа - 2 часа ви се доволни за прошетка, се наоѓа на Коста ... Ќе уживате да се „губите“ по неговите улички со калдрма, ќе се чувствувате како ...
„Бев во Чинкве Тере и низ Тоскана, возови, магични селца, недогледни лозја - вредеше патот со автобу... „Буквално сум маѓепсана! Од живописните рибарски селца на Чинкве Тере со неверој...
На одмор со Маја Кикириткова во хрватски камп: „Поскапо е од кампување во Грција, но има топла вода ... „Првата година отидовме кај пријатели во Љубаништа, со нас немавме буквално ништ...
Како во рајот: Најубавиот пристап во море преку скали се наоѓа во Хрватска (фото) Бајковита вила во заливот Чикат на островот Лошињ ги има најубавите скали за вле...

Најчитани неделава