Бродски дневник на Ивана: „8 години работев на брод - таму го запознав сопругот од Бразил, а колегите ми се како семејство“

Од Италија и Франција, преку Португалија и Шпанија, до Бразил, Аргентина и Уругвај, од Осло и Хелсинки до рускиот бисер Санкт Петербург и мали полски крајбрежни гратчиња, ме маѓепсаа норвешките фјордови, пловев низ грчките острови и црногорски средновековни пристаништа, прошетав многу, ама имам уште многу за шетање, гледање, откривање. Работењето на брод ми ја отвори вратата кон светот, а сонот ми е, последниот договор, онаа јаготка на шлагот, да ми биде крстарењето околу светот, да видам сè што досега не успеав. 

brodski-dnevnik-na-ivana-8-godini-rabotev-na-brod-tamu-go-zapoznav-soprugot-od-brazil-a-kolegite-mi-se-kako-semejstvo.jpg

За помалку од еден месец повторно се враќам на мојот пловен дом, и возбудена и исплашена, многу нови правила, онакви, постпандемски правила за сите мирно да спијат.

И додека полека се подготвувам за новата авантура резимирам што сè добив од мојата осумгодишна бродска кариера. Патувања, забави, екскурзии, добра заштеда и многу спомени, и добри и лоши, ама тие вторите малку се.

Крстарење околу светот

Кога пред осум години решив да работам на брод никогаш не ни помислив дека ќе останам толку години, дека ќе се заљубам во тој начин на живот, брз и исполнет со многу предизвици и авантури, дека понекогаш ќе ми биде тешко да бидам далеку од пловниот дом, и дека толку добро ќе научам да го избалансирам животот на копно и море.

Првата причина која ме натера да бидам модерен морнар беше можноста за патувања. Јас гладна и жедна за светот, за егзотични плажи, за стари градови, средновековни тврдини и познатите дестинации сфатив дека само со крстарење ќе можам да си ги исполнам своите соништа.

brodski-dnevnik-na-ivana-patuvanja-pari-prijateli-shto-dobiv-od-rabotenjeto-na-brod-02.jpeg

Од Италија и Франција, преку Португалија и Шпанија, до Бразил, Аргентина и Уругвај, од Осло и Хелсинки до рускиот бисер Санкт Петербург и мали полски крајбрежни гратчиња, ме маѓепсаа норвешките фјордови, пловев низ грчките острови и црногорски средновековни пристаништа, прошетав многу, ама имам уште многу за шетање, гледање, откривање.

Работењето на брод ми ја отвори вратата кон светот, а сонот ми е, последниот договор, онаа јаготка на шлагот, да ми биде крстарењето околу светот, да видам сè што досега не успеав.

Ориентот, Куба – мојот сон, тиркизните Кариби и моќната Канада, да ги видам Јапонија и Кина, да ги дознаам природните богатства на Тајланд и Филипините, да се сончам на Бора Бора, да гледам китови на Алјаска… Имам уште многу места на мојата мапа на кој им недостасува check.

Трудот е секогаш платен

Мотивација ми беа патувањата, но она што ме задржа и ме натера да ја градам мојата бродска кариера беше добрата заработка и вреднување на трудот.

Работам како фотограф, што значи фиксна плата, плус процент од продажба, кој често е повисок од самата плата и личен процент од свадби и приватни фотосесии. Брзо напредував, учев, а ќе продолжам да учам, но најискрено, таа темно-сина униформа, Никон апаратот и моето студио се мојата комфорна зона.

На секој десетти во месецот платата е на сметка, точна, со исплатена секоја минутка екстра, а колку повеќе се трудиш, толку повеќе и ќе искешираш. Барем во мојата професија.

Работата на брод се исплати за оние на кои платата им е поврзана со процент од продажба, како Shop department, казино и спа. Келнерите во ресторан и бар имаат добри бакшиши, но работат многу подолги часови од фотографите или продавачите.

Пријатели од целиот свет

На брод постојат многу колеги, а само малку пријатели, а тие, тие се за цел живот. Врските на брод, и љубовни, и пријателски, и дури и оние платонските, се поинтензивни кога 24/7 делиш работна околина, мала кабина и сета ареа за екипаж, па нема каде да се избега или скрие.

Имам пријатели, кои ги сметам како дел од семејството од целиот крај на светот. Следната недела ми доаѓа другарка од Романија на гости, па потоа ќе одат во Охрид, девер на свадба ни беше Бугар, а во Бразил имам пријатели од брод на само 20 минути од мојот дом.

Ќе бидам старосватица на свадба во Украина, а едвај чекам да одам на гости во Каиро кај најдобриот другар. Со нив ги делиме и најсреќните и најтажните моменти на брод, со нив славиме родендени далеку дома и си разменуваме подароци за Божиќ, а најслатко е кога ги планираме нашите одмори, надвор до гоемата лимена луксузна кутија.

brodski-dnevnik-na-ivana-patuvanja-pari-prijateli-shto-dobiv-od-rabotenjeto-na-brod-03.jpg

Мултикултура и многу јазици

Кога почнав да работам на брод, зборував течно англиски јазик, што е еден од условите, и малку шпански, од сите теленовели во мојот живот, ти благодарам Телевиса за тоа.

Осум години подоцна и сопруг од Бразил, зборувам португалски, многу си го подобрив шпанскиот и научив италијански. И сето тоа бесплатно, само со силна волја, некои апликации на телефон и многу грешки и смешки.

Благодарна сум што ми се отворија хоризонтите, научив многу за други култури, а и за себеси, ценејќи ги различностите, научив да ги ценам и вреднувам културите и сите нивни предности и маани.

brodski-dnevnik-na-ivana-patuvanja-pari-prijateli-shto-dobiv-od-rabotenjeto-na-brod-.jpg

Пораснав, созреав, напредував …

Уште една од многу придобивки од работењето на брод е моето созревање. Беа наивна, исплашена и прилични ниска самодоверба, но во средина каде се вреднува трудот, каде постојано учиш, каде те ценат поради тоа, а воедно и си платен, стравот брзо бледнее, а егото си расте.

Научив да стојам цврсто на две нозе и силно да го бранам својот став, да учам од грешките, но и да учам од оние кои се подобри од мене. Ми беше, ми е и секогаш ќе ми биде тешко далеку од семејството, но кога ќе ставам на вага, придобивките тежат повеќе од носталгијата.

И да, во мојата осумгодишна бродска кариера навистина добив многу, добив пријатели, дури и љубов, сопругот кој го запознав на една од забавите за екипажот, научив странски јазици прошетав … и после повеќе од една година подготвена сум повторно да пловам бидејќи ми фали мирисот на море, брановите и волшебните зајдисонца! Ми фали да сум среде морската шир!

brodski-dnevnik-na-ivana-8-godini-rabotev-na-brod-tamu-go-zapoznav-soprugot-od-brazil-a-kolegite-mi-se-kako-semejstvo-5.jpg

Ивана од Скопје има работено на брод 8 години. Моментално живее во Бразил, а по пандемијата повторно ќе продолжи со работа. Во наредниот период таа за CRNOBELO.com ќе споделува лични искуства и приказни од работата на брод.

Сите статии од серијалот „Бродски дневник“ може да ги прочитате ТУКА.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.

И. Ј. | Црнобело / фото: И. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Најпознатите (и најзначајните) градби ширум светот Пирамидите во Египет се како симбол на древен Египет кој ја покажува моќта, но и...
Ивана од Скопје: „Работев како фотограф на брод, крстарев низ француските Кариби - што ме воодушеви ...  Досега имам посетено многу поморски градови, пристаништа, популарни монден...
Ненеци, народ кој живее „на работ на светот“: Јадат месо од ирваси, преживуваат и на -50°C Секое семејство има по еден ирвас „домашен миленик“. А ирвасите им нудат на Нене...
Плажата која ги победи Малдиви за „најсино море“ се наоѓа во Албанија - на 270km од Скопје Чиста тиркизна вода, волшебен поглед, светол песок... Плажата на огледалата (Pas...
Препорака од прва рака: Помалку познати локации во Париз, кои вреди да ги посетите Париз на многумина од нас ни ги има освоено сетилата и постојано нè мотивира да ...
Места во Македонија кои ми недостигаат: Селото во кое израснав, манастирот кој ми носи мир Кога подолго време не живееш во родната земја често ќе се најдеш во ситуацијата ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg