Кој е виновникот што македонските дечиња се во првите 5 најдебели во Европа?

Повеќе од 50% од популацијата која живее во 46 држави во Европа имаат тежина над нормалната. Повеќе од 20% припаѓаат во категоријата „дебели луѓе“. Овие информации се дел од официјалниот извештај на Светската здравствена организација.

Koj-e-vinovnikot-sto-makedonskite-decinja-se-vo-prvite-5-najdebeli-vo-Evropa-01.jpg

Особено голем предизвик за истражување се дечињата и тинејџерите во државите каде што се спровело истражувањето. 7-годишните дечиња во Македонија котираат релативно ниско на скалата според индексот на телесната маса. Велиме – релативно, бидејќи подебели од нив се единствено дечињата од Португалија, Шпанија и Грција. Но, зад нив остануваат Ирска, Чешка, Литванија, Латвија, Норвешка, Словенија. Слична ситуација се случува и со децата на 8 и 9 годишна возраст.

Нашите дечиња се во првите 5 најдебели деца во Европа. Резултати кои се поразувачки и тажни, резултати кои треба да ги сфатиме мошне сериозно и од чии последици треба да се плашиме.

Не постои огромна разлика во процентуалниот однос помеѓу машките и женските деца на генерално ниво, таа е помала од 2%.

Како главни фактори за здебелување кај дечињата се истакнуваат зголемената консумација на сол, шеќер и сатурирани масти.

Во превод, децата јадат премногу брза храна, премногу слатки и премногу зачинети јадења. Консумираат премногу зашеќерени пијалаци, премногу грицки, премногу пржено, премногу, премногу…

Во време како денешното, кога сите делуваме опседнато со бројот на калории, манијачки читаме калориски таблички, сите горе-долу сме во тек со информациите поврзани со безглутенската исхрана, имаме достапни толку многу диети и режими на исхрана, имаме на располагање нутриционисти и професионалци од истата област и толку многу информации на интернет, се прашувам како е можно дечињата да се соочуваат со ваков проблем?

Зарем не се грижиме доволно за нивното здравје? Кој е виновникот што тие имаат повисока тежина од препорачаната за нивната возраст?

Нашите дечиња немаат доволно физичка активност. Модерното време си го направи своето. Доколку порано викаа по вас да се приберете од играњето на улица, денес родителите ги молат децата да излезат надвор и да си поиграат. Но речиси никој не го прави тоа. Поинтересни се компјутерите, таблетите и мобилните, поинтересно е со часови да се играат видео-игри.

Децата имаа прилично седиментарен начин на живот. Во поголемиот број на училишта во Македонија, ситуацијата не е воопшто подобра. Се нервирам кога ќе слушнам како наместо да имаат час по физичко, децата решавале задачи по математика или пишувале состав на слободна тема.

Тие часови се предвидени со причина. Но, некои училишта не располагаат со соодветна сала, во други пак истата не била функционална, не била доволно затоплена, покривот прокиснувал… се прашувам дали мора да се има фискултурна сала со цел децата да бидат физички активни?

Дел од професорите потврдуваат дека дури и во целосно опремена сала во којашто има услови за вежбање, децата одбиваат да вежбаат. На најголемиот дел од нив им одговара да не прават ништо, пасивно да седат на клупата, вечно зјапнати во мобилните телефони.

СЗО препорачува минимум 150 минути физичка активност на неделно ниво. Колку минути физичка активност има вашето дете?

Што јадат нашите деца? Конкретно, децата на моите пријатели дневно бараат помеѓу 150-300 ден. само за јадење. Додека ние сме оделе со максимум 50 ден. во училиште со кои ќе си купиш кифла или ѓеврече, денес правилата се поинакви.

Изборот е огромен, а апетитот зголемен. Бургери, тостови, буреци, крофни, вафли, кроасани полнети со кремови. Газирани сокови, ледени чаеви, чипсови, чоколатца, шејкови, палачинки и што уште не.

На прашањето дали навистина се толку многу гладни и мора ли да застануваат на 3 различни места во трговскиот за јадење, дечињата креваат со рамениците. Така правеле сите, така прават и тие. Плус, интересно било да се слика храната на Инстаграм.

Кога седнуваме навечер на пијалак на местата каде што се служи и храна, најголем дел од гостите се средношколци кои нарачуваат како да ќе нема утре. Додека ти се мислиш помеѓу една палачинка или вафла, тие веќе нарачале 4 работи од менито. Од каде бре толку пари кои се фрлаат на храна? Каде им го собира тоа јадење на 16 годишни деца?

Многу мал процент од децата во пубертет кои имаат висока телесна тежина успеваат да ослабат во подоцнежните години. Поголеми се шансите дека тие едноставно ќе бидат и дебели возрасни луѓе.

Настрана суетата и надворешниот изглед, што правиме со здравствените проблеми? Ризикот од дијабетес и високиот крвен притисок?

Потребна е поголема едукација во училиштата на оваа тема. Потребно е да се поттикнува зголемена физичка активност, особено кај помладите. Но, здравјето првенствено доаѓа од дома. Немој да бидеш родител кому најлесно му е да му тутне 200 денари на детето в џеб за да си купи хамбургер. Биди родителот кој ќе му направи салата, кој ќе му понуди овошје наместо чоколадо.

Убеди го дека не е срамно да си однесе спакуван оброк од дома и да го изеде на училиште. Зошто мора сите деца да се претплатени на некакви си теста и кифли со сомнителен вкус и квалитет? Кој е тој закон што го пропишува тоа? Зошто да си ги изложуваме децата на лоша и неквалитетна храна?

Ако децата ни се најважни како што постојано тврдиме и се иднината на едно општество, зошто нашето е дебело, мрзеливо и тешко подвижно?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Мојот живот пред децата vs. по децата и зошто не би го менувала за ништо на светот?“ Пред децата, мојата романтична љубов кон партнерот мислев дека е најдлабоката љу...
„Не сакам да имам деца – мојата цел е да спијам, да одам во шопинг и да одам на маникир“ „Дали децата се целта во животот и дали ако имате деца нема воопшто да имате вре...
Луѓе постари од 40 години откриваат: „Зошто не зажалив што немам деца?“ „Со партнерот ја имаме целата слобода што ја сакаме. Можеме да патуваме кога сак...
Мајка од Кина го пронашла киднапираниот син по 32 години - Бил продаден на пар без деца за 760 евра Ли Џингзи од Кина поминала повеќе од три децении во потрага по својот син, Мао Ј...
Бон-тон правила што секој родител треба да му ги каже на своето дете Научете ги децата дека не е во ред да прекинуваат некој додека разговара. Од поч...
Писмо до моето дете: „Ти си мојата сјајна ѕвезда во овој темен универзум“ Мое дете... Ти си моето денес, моето утре и сите мои денови, по утрешниот. Ти си...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg