Сурова реалност: „Браќата и сестрите не добиваат исти родители - зошто односот им се менува кон секое следно дете?“
„Родителите не се однесуваат кон првото дете како кон второто. Не зборувам за тоа дали си ги сакаат децата или не, туку што навистина се случува. Бракот на родителите може да е во различна фаза, да бидат во различна финансиска ситуација. А и секое дете со карактерот може да побуди различна реакција кај родителите“ - светскиот психолог Габор Мате покрена дебата на оваа тема.

Габор Мате (81) е унгарско-канадски психолог, кој поголемиот дел од својот живот го посветил на семејните односи, особено на развојот на децата, детската траума и потенцијалните долгорочни влијанија на физичкото и менталното здравје на децата.
Поради своето долгогодишно искуство и работите што го осознал и научил низ годините, Мате честопати гостува во емисии и подкасти и зборува на различни теми поврзани со децата (и родителите).
Неодамна, тој зборуваше за тоа дека две деца од исти родители, кои живеат со семејството под ист кров, сепак, како да не растат во истото семејство. Тој вели: „Ниедно дете нема исти родители“.

Причини за ова има многу, пред сè економската состојба, односот на родителите еден кон друг, самиот карактер на децата - кој влијае на тоа како родителите се однесуваат кон секое дете поодделно.
„Реално, ниедно од децата во едно семејство не расте во ‘ист дом’. Ниедно дете нема исти родители. Ниедни брат и сестра немаат исто семејство. Ниедно од децата нема исто детство.
Зошто не? Прво, тука е редоследот на раѓање. Родителите не се однесуваат кон првото дете како кон второто. Потоа, тука се разликите во полот.
Не зборувам за тоа дали родителите си ги сакаат децата или не. Зборувам за тоа што навистина се случува. Детето не ја доживува љубовта на родителите, туку го доживува она што родителот му го покажува.
Второ, врската на родителите може да биде во различна фаза кога ќе добијат едно дете во однос на тоа кога ќе добијат друго дете.
Потоа, родителите може да бидат во различна финансиска ситуација. Нивните животи може да се различни.
Секое дете може да побуди различна реакција кај родителите. Ти имаш две ќерки и син, јас имам син и ќерка.
И не дека го сакав, или дека го сакавме едното дете повеќе од другото, но на секое дете реагиравме различно.
Постои уште еден фактор, а тоа е дека децата се раѓаат со различен темперамент, што значи дека го доживуваат светот различно.
Па дури и кога би можел да сум ист родител на сите мои деца, а не сум можел, тие и понатаму би имале тројца различни татковци, зашто секој би ме доживеал поинаку“.

Неговиот став предизвика бројни реакции, од кои повеќето се позитивни и сметаат дека тој е во право:
„Ова е толку моќно, никогаш не сум размислувала на овој начин“,
„Го зборувам истово со години. Отсекогаш сум се чувствувала вака во однос на сестра ми“,
„Имам два сина на 20 и 21 година и ќеркичка која наполни 6. Ме боли додека го слушам ова, зашто таа навистина гледа различна верзија од мене“.
Погледнете го видеото:
А. Ј. | Црнобело