Загрижувачки сведоштва на мајки: „Син ми (8) е зависен од неговиот таблет – еднаш ме удри кога му го зедов“
„Ако му го одземам таблетот, се претвора во чудовиште, почнува да вика, да клоца, некогаш и крши предмети. Некогаш дури и се преправа дека е болен за да не оди на училиште и да остане дома со таблетот“, открива мајка на осумгодишно дете која се соочува со проблем што денес е реалност на многу родители.

Еден од посериозните проблеми во модерно време е зависноста од смартфони и уреди со екран.
Проблемот е уште поголем кога „зависниците“ се мали деца кои најголем дел од времето минуваат пред екран. Некои родители се соочуваат и со ситуации каде нивните деца се однесуваат агресивно ако им го одземат телефонот или таблетот.
А, оваа зависност кај децата создава безброј проблеми, како намалено внимание, но и психолошки проблеми како депресија.
Овој проблем е веќе присутен во сите развиени земји, а неколку мајки за британскиот магазин The Sun ги споделуваат своите искуства.
Една од нив е 34-годишната Алекс која има две деца – 4-годишна ќерка и 2-годишен син – за кои вели дека веќе не ги интересираат играчки, туку само нивниот таблет.
Таа вели дека нејзината ќерка се буди во 5:45 секое утро и првото нешто што прави е го бара нејзиниот таблет.
Додека да дојде време за појадок, Алекс вели дека ќерка ѝ го има изгледано скоро целиот анимиран филм Frozen.
„Нашиот дом е како продавница за играчки. Синот и ќерката имаат заедничка соба во која имаат многу играчки и книги. Но, ќерка ми најмногу го сака нејзиниот таблет или телевизорот.
Се плашам дека со син ми минуваат и повеќе од 20 часа неделно пред екран, околу 70% од нивното слободно време“.
Алекс забележала дека поради таблетот, нејзините деца стануваат и агресивни, особено ќерка ѝ.
„Еднаш, додека бевме на одмор во Турција, го скршија екранот на таблетот бидејќи се расправаа што да гледаат.
Кога гледаат нешто, и двајцата се како зомби. Многупати треба да ѝ повторам нешто на ќерка ми бидејќи е толку фокусирана на екранот, што изгледа како да е во транс“.
Алекс додава и дека сите обиди да ѝ најдат ново хоби на ќерка им се залудни.
„Имаме потрошено стотици долари на играчки и пробуваме да ја заинтересираме за активности со уметност или творење, или играње карти, но немаме среќа.
Понекогаш сака да готви со мене, но целосно може да се фокусира единствено на екран“.
Загрижената мајка вели дека имаат забрана за користење уреди додека јадат. Но, ако проба да ѝ го одземе таблетот на ќерка ѝ во кој било друг период од денот, се соочува со гнев.
„Почнува да клоца, да вика, да треска врати. Иако е ужасно, знам дека јас дозволив да се случи ова и морам да преземам нешто. Со сопругот се чувствуваме виновно“.
Друга мајка, 45-годишната Беки, е во слична ситуација со нејзиниот осумгодишен син.
Беки открива дека зависноста на син ѝ е толку лоша, што еднаш дури и ја удрил.