Загрижувачки сведоштва на мајки: „Син ми (8) е зависен од неговиот таблет – еднаш ме удри кога му го зедов“
„Кога имаше околу шест години, му го зедов таблетот и ме удри во лицето. Бев шокирана бидејќи никогаш претходно не бил насилен.
Плачев со часови бидејќи се чувства одговорна, бидејќи јас за создадов таа ситуација“.
Беки додава дека до шестгодишна возраст, син ѝ сакал играчки, но веќе не.
„Си играше со коцки, со дрвени играчки, собираше шишарки, ја сакаше трамбулината во дворот. Но, сега за Божиќ и родендени бара само пари за да ги троши за неговите апликации.
Нема ни погледнато книга – мислев дека барем тоа ќе се смени откако почна да оди на училиште“.
Беки се двоумела дали да му дозволи на син ѝ да користи таблет, но член на семејство му го купил за подарок.
„Други луѓе му дозволуваа да игра игри со пукање, па сè што сака да прави сега е да игра такви игри и да гледа Јутјуб видеа.
Дури ни училиштето не му е од помош. Има АДХД и проблеми со фокусот, па му дозволуваат да го користи таблетот за да го охрабрат да работи.
Јас пробувам да бидам построга, со тајмери, забрани, но ми се чини дека ја губам битката. Еднаш си го скрши телефонот и почна да ме моли за мојот.
Ако му го одземам таблетот, се претвора во чудовиште, почнува да вика, да клоца, некогаш и крши предмети. Некогаш дури и се преправа дека е болен за да не оди на училиште и да остане дома со таблетот“.
Беки вели дека сега е принудена да го користи таблетот за уцена – на пример, кога син ѝ не сака да се облече за на училиште.
„Се чувствувам многу виновно и засрамено, како да му ја хранам зависноста за да си го зачувам мирот. Им кажувам на сите помлади мајки да не ја прават истата грешка како мене“.
За The Sun зборува и експерт за родители, Кристи Кетли, која вели дека сè повеќе деца ги игнорираат играчките бидејќи од уредите со екран чувствуваат инстантно задоволство.
„За овие уреди не треба труд или имагинација, како за играчка.
Мора да има рамнотежа и на многу родители им е тешко да не им попуштат на децата или да им забранат да ги гледаат несоодветните серии и игри што ги гледаат нивните врсници.
Но, уште пред да се свестат, детето западнало во лош циклус каде доминираат екраните“.
Кристи додава дека од ова се јавуваат низа проблеми и дека децата веќе не знаат како да се однесуваат без екран.
„Проблемите со спиењето се уште една грижа, а се намалуваат и социјалните вештини бидејќи децата не се навикнати да разговараат лице в лице со некој“.
Спирова С. | Црнобело