„Готвев, чистев и одев на работа, a маж ми само си уживаше – побарав развод по 23 години ’среќен‘ брак“
„Кога се присетувам на динамиката во нашата врска низ годините, се запрепастувам од тоа колку обврски сум преземала. Јас ги планирав сите семејни патувања и јас се грижев за училишната униформа на децата. Јас пополнував формулари за нивните вакцини и јас плаќав за екскурзии. Јас одгледував три деца и имав работа со полно работно време и ги правев сите работи што требаше да се завршат“.

Факт е дека и денес жените се одговорни за поголемиот дел обврски во домот, без разлика што повеќето работат со полно работно време.
Сигурно и вие сте слушале безброј поплаки од ваши пријателки, колешки и женски членови на семејството дека кога ќе си дојдат од работа, мораат да чистат, да готват, да се погрижат за децата, додека нивните сопрузи не мрднуваат со прст.
Ваквата нееднаквост во бракот (или врската) со текот на времето создава раздор меѓу партнерите, а некогаш води и до разделба.

Клер Орајли од Англија била во потполно иста ситуација, а во колумна за The Sun раскажува како ова довело до пропаста на нејзиниот навидум среќен брак.
Клер истакнува и дека донекаде вината е нејзина бидејќи не презела ништо за да ја промени динамиката во врската.
Нејзината исповед во продолжение:
„Додека влегував во спалната што ја делев со мојот сопруг Џон, застанав и погледнав кон нашиот кревет. Сфатив дека е време да бидам искрена и да се соочам со болната вистина – јас сум несреќна во нашиот брак.
Не беше само растурената постелнина. Туку, проблем беа многуте спакувани ручеци, испланирани родендени, пополнети формулари, зготвени оброци – сите работи кои постепено станаа само моја обврска.

Во декември 2023-та, за време на 13-тиот роденден на нашата ќерка Ени, сето ова ја прелеа чашата за мене.
Бев будна уште од седум наутро, подготвував храна за роденденската забава на Ени, додека Џон спиеше до доцна.
Потоа, со двете други деца, Еди (22) и Семи (17), гледавме како Ени ги отвора подароците што јас ги купив и спакував.
Но, Џон (51) немаше поим што купив за ќерка ни, па беше исто изненаден колку и таа.
Несредениот кревет, заедно со фактот дека ќе го поминам целиот ден забавувајќи ги роднините на роденденската забава, ме натера да сфатам нешто големо.

Бев преморена. Беше време да му кажам на Џон колку сум несреќна во нашиот брак.
Ја трпев нашата небалансирана врска повеќе од две децении, кога всушност требаше да кажам нешто.
Многу жени се чувствуваат како мене – 72% од нив велат дека ги завршуваат повеќето обврски во домот – но само 18% од мажите се согласуваат дека нивните партнерки работат повеќе во домот.
Впрочем, во просек, жените имаат еден час повеќе неплатена работа од мажите.
