„Ајде да собираме по 1000 денари од дете и да ѝ купиме подарок на учителката – Кујна да не ќе ѝ купувате со тие пари?“

Заповедта гласи: Не го изговарај напразно името господово, но човек просто не може да се сопре од непрестајните глупости во една земја (по најново) наречена Северна Македонија без да каже 10 пати во денот: Господе Боже.

Ajde-da-sobirame-po-1000-denari-od-dete-01.jpg

Прости им, не знаат што прават. Помина уште еден 8 март на кој апсолутно не му ja научивте поентата досега.

Предлагам со закон да се забрани купувањето подароци за воспитувачките, учителките, наставничките и професорките. Да додадам – со закон да се забрани купувањето на скапи, огромни, мегаломански подароци, уште еден непотребен, извештачен обид да ја придобиете нивната благонаклоност и да покажете колку ви се длабоки џебовите.

Не можам да ви се изначудам. Со денови договори и расправии на Вибер групите што да им се купело на учителките за празникот.

Идеи од типот – ајде да собираме по 1000 денари од дете за двете учителки поединечно… значи 2000 денари за двете. Што ќе им купувате на учителките бе златни – кујни за дома? Автомобил на старо? Правосмукалка во комбинација со миксер, соковник и блендер? Нов мобилен телефон?

Дали сте свесни колку изнесува минималната плата во нашата држава и колкумина работат за пониска дури и од минималната плата? Колку им е дневницата на работниците? Сфаќате ли колку многу пари барате да одвојат овие родители, со цел да ѝ се купи скапа чанта, скапо пенкало, скап часовник на учителката?

До кога бре луѓе, до кога ќе глумите надменост, до кога со ваквите бизарни идеи? Вашата очајна потреба да им се потпикувате на просветните работници со вакви ниски обиди ме тера да се смеам додека не заплачам од болка. Вашиот снобизам со кој сакате да му се претставите на светот како големи, културни граѓани е патетичен обид за маскирање на ништожноста на душата која ја носите во градите и празната глава на рамениците.

Толку ли сакате вашето дете да е центар на училницата, центар на светот и универзумот? „Ете, се купи толку убав и скап подарок затоа што јас ја дадов идејата, јас ги напнав сите да собереме повеќе пари, а моето Еленче пак не е пофалено пред целото одделение и пак не ја доби главната улога во претставата…“

Па да е само 8 март денот кога ве напаѓа ова лудило. Вакви сте во текот на целата година. За Нова година. За роденденот на наставничката. За крајот на годината.

Вие ги имате купено и прочитано сите книги пред време. Вие имате 10.000 воншколски активности со вашето дете. Вие се пријавувате и волонтирате за сè и сешто поврзано со училиштето. Вие сте тие кои се поздравувате и гушкате и бакнувате со учителките, одите по кафиња и ги фалите додека устата не ви се распадне.

Мислите ли дека ова е начинот со чија помош вашето дете ќе стане успешно во животот?

Нормално, секогаш се издвојува минимум еден нормален родител во групата кој е против ваквите будалаштини. Тој е обележан како „црната овца“, етикетиран како негрижлив родител, „мрчатор“, „хејтер“, скржавец, незаинтересиран.

Да би можеле другите родители слободно би го ставиле на клада, тој предавникот што одби да даде 1000 денари за подарокот на учителката со објаснувањето дека идејата е непотребна и безумна. И дека тоа се многу пари. „Арам да му е, среќата и успехот на децата немаат цена“.

Ако мислите дека среќата и успехот на децата се постигнува со купувањето скапи подароци на учителките, возите кон бездната. А децата се на задното седиште со вас.

Тој кутриот издвоен родител се бори против ветерници, оставен сам на себе, без никаква поддршка. Се прашувам, како бре во група од 30 родители нема ниту еден сојузник? Кога сите колективно го изгубивте здравиот разум?

Дали имате живот надвор од ваквите глупости? Како може да одвојувате толку време, енергија и пари на вакви работи? Како е можно да сте убедени дека сте во право и да ги оцрнувате другите кои не сакаат да земат учество во ваквиот бесмислен план?

Што се случи со скромните, симболични подароци? Што се случи со подароците кои имаат смисла, кои кријат љубов и почит, мала ситница која ќе те потсетува на важноста на денот?

Цвет, чоколадо, книга… зошто подарокот мора да биде масивен, непромислено скап? 

Во тоа ни се претвори животот. Подароците станаа големи и скапи, а луѓето мали и евтини.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Писмо до моето дете: „Ти си мојата сјајна ѕвезда во овој темен универзум“ Мое дете... Ти си моето денес, моето утре и сите мои денови, по утрешниот. Ти си...
Илустрации за родители: Како да се справите со непријатните ситуации со вашите деца? Што да направите кога детето не сака да ги дели играчките или, пак, кога ќе науч...
7 работи што ги правам со моето дете, иако сите ме советуваа спротивно Ја земам во раце и ја прегрнувам кога плаче, иако велат дека не треба, бидејќи ќ...
5 пози што ќе им го олеснат доењето на новите мајки Ако вашето малечко безуспешно се обидува да се „намести“ правилно, не очајувајте...
Не сака да се дружи со деца, бега од врева - Дали и вие имате високо сензитивно дете? Вашето дете ги покрива ушите и му пречи врева, реагира на сѐ што е ново, ги забе...
Тешко е да живеете во брак кај што сте повеќе мајка отколку сопруга На жената ѝ треба алфа мажјак. Не ѝ треба маж кого ќе го влече наоколу како дете...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg