Како да реагирате кога вашето мало дете ќе ве удри во бес?
Често се случува по втората година децата во бес кога нема да добијат нешто да го удрат родителот. Веројатно не знаете што е правилно, а дефинитивно чувството е малку засрамувачко и непријатно. Но не, враќање на ударот и зголемување на тензијата со викање во ниту еден случај не е прифатлива реакција. Што да направите?

По втората година од животот, малите деца почнуваат многу повеќе да разбираат, да имаат свои интереси, потреби и барања, кои понекогаш не може да им бидат исполнети, а тоа секако ги фрустрира.
Токму во овој период почнува сериозното поставување граници од страна на родителите и вистинското воспитување, кое на нив баш и не им одговара.
Токму во такви ситуации, кога се нервозни и лути затоа што нешто не им одговара или не биде направено како што бараат, освен викањето, плачењето и тантрумите, може да се случи и една непријатност – да ги удрат родителите.
Секако, тука не зборуваме за многу мали дечиња кои ова го прават несвесно, туку кога ова застанува начин на реагирање во фаза на фрустрација и блага агресија.

Многупати родителите во вакви ситуации не знаат како да изреагираат – дали да го искараат детето и уште повеќе да го фрустрираат, дали да возвратат за да покажат кој е посилен, дали да игнорираат за да не му придаваат значење и да не се повтори, да премолчат бидејќи се засрамени доколку се случило пред други, или да направат нешто сосема друго...
Иако кога биле помали ова можеби личело смешно, во овие моменти, родителите мора да го сфатат посериозно и да му дадат на детето до знаење дека оваа постапка е погрешна, со цел да се спречи навремено понатамошно повторување.
Во спротивно, последиците во иднина може да бидат поголеми, децата да мислат дека е нормално во состојба на бес да изразуваат насилство и да удираат кој ќе се најде пред нив (или да гризат/кубат), а тоа ќе се одрази и на нивниот социјален живот со врсниците.
Но не – враќање на ударот и зголемување на тензијата со викање во ниту еден случај не е прифатлива реакција.

Прво, важно е да разберете зошто детето удира?
Не е вистина дека децата тоа го прават намерно и со умисла, со цел да ве повредат. Барем не на почетокот.
- Лути се и бесни, не знаат како да се справат со емоциите или како да ги искажат на поприфатлив начин
- Имаат недостаток на говорни вештини за да кажат соодветно што чувствуваат
- Сакаат да им бидат исполнети желбите, без да размислуваат за последиците
- Се тресат, плачат, преплавени се со лутина и бес, тешко е да се допре до нив со зборови, сето тоа во комбинација што не сфаќаат зошто не може да им се исполни желбата, носи до рефлексно истурање на бесот од себе преку удар

Што да направите?
Прво, потсетете се на причината зошто го прават тоа, дека се лути и имаат премногу натрупани емоции, па немојте да го преплавите детето и со вашиот бес и лутина, пробајте прво вие да се соберете.
Фатете го детето нежно за рацете и почекајте прво моторички да се смири, бидејќи додека плаче, вреска, се трга од вас и мавта со рацете, што и да кажете – нема да слушне и исперципира.
Покажете дека сте тука за детето, не му викајте, не го бркајте од вас, не го праќајте под казна, држете го, смирувајте го и покажете дека сте тука, така што тоа ќе знае дека не му ги игнорирате емоциите.
Кога малку ќе се смири, кажете му дека сфаќате дека е луто, но дека во вашиот дом и семејство никој не се тепа, удира и повредува, а покажете дека сте сериозни преку тонот и експресијата.
Не почнувајте веднаш со долги лекции бидејќи нема да ги перципира во моментот - бидете кратки, концизни и јасни, секако соодветно на возраста на детето, пример: „Без удирање – тоа боли и не е убаво“.

По некое време, кога малку ќе се смири објаснете му на детето што се случило, објаснете му ги емоциите соодветно, причината заради која се налутило, но кажете му дека има други начини на изразување лутина, не со удирање.
Малку подоцна, пример пред спиење, кога целосно ќе биде смирено, повторно со убаво потсетете го детето на ситуацијата и на испадот и прашајте го како би се чувствувало ако него некој го удри, па објаснете преку примери зошто тоа не е добро да го прави.
Во понатамошниот период, може да работите на препознавање емоции, преку примери, игри, сликички, вежбање тактики, договори кои ќе ви служат како тајни кодови и слично, соодветно на возраста на детето.
Доколку не успевате да се справите и однесувањето често се повторува и детето станува агресивно, консултирајте се со стручно лице кое ќе ви помогне како соодветно да постапите.

М. М. | Црнобело / фото: depositphotos.com
