Чести грешки во негата на кожа во лето со кои правите сериозна штета
Мислите дека пудрата со фактор е доволна заштита или, пак, ставате крем со фактор само на лицето, а не и на вратот и другите делови од телото што ви се изложени на сонце.

Во лето, треба да направиме некои мали промени во негата на кожа за да ја заштитиме од сонце, а со тоа и од иритации, рано стареење, па дури и рак.
Но, бидејќи сепак не сме експерти за кожа, нормално е да направиме по некоја грешка.
Дел од најчестите грешки кои можат многу да ви наштетат:
Ставате крем со фактор само на лицето
Точно е дека лицето е најизложено на сонце, но зраците допираат и до вратот.
Не заборавајте да нанесете и крем на рацете, нозете и секој дел од телото што ви е откриен.
Ставате крем само ако излегувате
Сончевите зраци ќе допрат до вас ако отворите прозорец или ако седете на тераса.
Покрај тоа, УВА зраците можат да поминат и низ стакло, па со текот на времето да ја оштетат кожата.
Кремот ќе ве заштити и ако седите долг период пред екран кој емитува сина светлина.
Користите многу густи кремови
Во лето најдобро е да ги замените многу густите кремови за лице со продукти со полесна текстура, особено ако имате помрсна кожа.
Наутро дури подобро е и да ставите само серум, а кремовите за хидратација да ги оставите за ноќната рутина.
Ги користите продуктите за нега по погрешен редослед
За максимален ефект, важно е по кој редослед ги користите продуктите за нега.
Најпрво треба да ја исчистите кожата, потоа да нанесете серум(и) со активни состојки, како витамин Ц, а потоа крем за хидратација. Кремот со фактор треба да го нанесете на крај.
Мислите дека пудрата со фактор е доволна заштита
Пудрата никако не може да замени крем со фактор и за да ве заштити, ќе треба да нанесете многу, многу дебел слој.
Пудрата со фактор е со цел да понуди дополнителна заштита, покрај кремот. Затоа, во лето, секогаш прво нанесувајте крем со фактор, па потоа и пудра.
