Наш фризер и шминкер со совети за лето: „Пудрата заменете ја со тинт за лице, никогаш не ја врзувајте мократа коса“
„Не ја мијте секој ден со агресивни шампони. Само доколку сте на плажа, тогаш мијте ја со шампон. Но доколку ја миете секој ден, тогаш користете само регенератор или маска за коса без шампонирање“, вели Александар Миндев кој 11 години работи како професионален шминкер и фризер.

Александар Миндев (30) од Кавадарци веќе 11 години работи како професионален шминкер и фризер.
Првите чекори ги направил во родниот град, каде што работел 3 години, а потоа се преселил во Скопје, каде што живее и работи 8 години.

Со своето искуство, за тоа што е добро, а што ѝ штети на косата во текот на летото, но и каква шминка треба да се практикува во жешките денови, тој дава неколку корисни совети за читателите на CRNOBELO.com, па вели:
„Летото е супер за нас, ама не баш и за косата. Сонце, +40°C, морска сол и хлор од базените буквално ѝ ја извлекуваат влагата. Затоа, во текот на летната сезона хидратацијата е апсолутен приоритет.
Според мене, ова се неколку летни правила што навистина прават разлика:
Прво, намалете ги пресата, фигарото и претоплиот фен. Косата веќе е под „термален стрес“ од сонцето, па дополнителната топлина само ја прави посува и покршлива. Кога можете оставете ја природно да се исуши.
Не ја мијте секој ден со агресивни шампони. Само доколку сте на плажа, тогаш мијте ја со шампон. Но доколку ја миете секој ден, тогаш користете само регенератор или маска за коса без шампонирање.

Никогаш не ја стегајте мократа коса во цврсто опавче. Влакното е многу почувствително кога е влажно и полесно се крши.
Мал трик што го обожавам? Нанесете маска или регенератор и направете sleek pony (мазно опавче) или sleek back (залижана коса наназад) додека производот делува. Изгледа шик, а косата добива дополнителна нега.
Во летната рутина треба да има шампон без сулфати и парабени, зашто таквиот шампон нежно ја чисти косата од сол и хлор без да ја пресуши.
Препорачувам и производ со UV заштита кој може да се остави на косата без измивање - ако ставаме SPF на лице, зошто да не ја заштитиме и косата? Плус, помага бојата да остане свежа и сјајна подолго.
Користете и масло за врвови од арган, макадамија или кокос. Неколку капки се доволни за да ја „заклучат“ влагата и да спречат расцветани врвови.

Моја омилена домашна маска после сонце се прави од 1 зрело авокадо, 2 лажици маслиново или кокосово масло и 1 лажица мед.
Измешајте сè додека не добиете кремаста текстура, нанесете на влажна коса по должината избегнувајќи го коренот, оставете 20–30 минути и исплакнете со млака вода и благ шампон.
Косата ќе биде помека, посјајна и нахранета коса.

Тренд ова лето е „тивок луксуз“, т.е здрава, сјајна коса со природен, скап изглед без да делува претерано стилизирана.
Во фокус се: buttercream blonde нијанси, медени и карамел нијанси, топли бакарни или црвени тонови за оние похрабрите.
Кај фризурите владее практичноста: текстуриран боб, лежерни плетенки, меки слоеви со француски вајб и елегантни ниски пунџи за најжешките денови.
