„Ги ценам жените кои гордо ја носат седата коса, но јас не сум подготвена да им се придружам“
„Имам 39 години и годинава, поради стресот, почнав да забележувам повеќе седи влакна. И, искрено, не сум подготвена да ги прифатам“.

Сè повеќе жени одбиваат да ја кријат седата коса и не дозволуваат да им влијаат наметнатите стандарди за убавина.
Но, некои жени, едноставно, сакаат да ги прикријат седите влакна бидејќи така се чувствуваат поубаво.
Новинарката Џоана Фереира спаѓа во втората група, а својот став го споделува во колумна:
„До неодамна жените беа критикувани за стареењето – им велеа дека изгледале 'старо' ако не ја кријат седата коса.
Всушност, и јас во моето семејство не гледав жена со седа коса сè додека не наполни 70 или 80 години.
Косата на мајка ми почна да побелува во нејзините 50-ти и сега, на 66 годишна возраст, уште не е подготвена да ја носи седа.
Но, изминативе неколку години се забележува дека многу жени – вклучително и славни – гордо ја носат седата коса. И, додека им се восхитувам и сметам дека тоа е убаво на многу начини, јас не сум подготвена да им се придружам.
Имам 39 години и изминативе неколку години забележував по едно-две седи влакна. Но, оваа година – поради стресот од 2025-та – почнав да забележувам повеќе седи влакна.
И, искрено, не сум подготвена да ги прифатам.
Како личност која се шатира еднаш-двапати годишно, помислата дека ќе треба редовно да ги покривам седите корени ми создава стрес.
Искрено, мислам дека нема гордо да ја носам седата коса пред да наполнам 60 или 70 години.
Имам сфатено дека кога изгледам добро, се чувствувам добро. Ми се менува аурата кога ми се допаѓа она што го гледам во огледалото и повеќето денови е така.
Не бидејќи немам недостатоци, туку бидејќи научив да го ценам секој дел од себе – самодоверба која потекува од мојата посветеност да се грижам за себе.
2025 година беше тешка и страшна за многумина од нас. Една од работите кои секогаш ме правеа среќни и ми помогнаа да си ја задржам самодовербата е секојпат кога ќе се погледнам во огледало пред да излезам, да бидам задоволна од тоа што го гледам.
Можеби не секогаш носам шминка, но користам продукти за нега, ноктите ми се средени, внимавам на облеката и косата ми изгледа добро според мои стандарди.
Деновиве тоа значи дека треба да ги кријам и седите влакна кога ќе пораснат.
Уште немам доволно седа коса за да ја фарбам целата, но некогаш се многу забележливи и знам да искубам неколку пред да излезам од дома.
Поради ова, пак, почнав да истражувам зошто косата побелува и како можам да го забавам процесот.
Мислам дека врската со убавината е нешто многу лично. За мене, да бидам средена никогаш не било заморно, не ми одземало многу време.
Не сум девојка која многу сака да се шминка и преферирам природен изглед – освен моите гелни нокти и шатираната коса.
Не планирам да ги кријам седите влакна поради очекувања на општеството за тоа како треба да изгледа жена во доцните 30-ти години од животот. Туку, избирам да се грижам за мене, да се сакам себеси и да се чувствувам своја.
Тоа е мојот штит. Тоа е мојата супермоќ“.
Спирова С. | Црнобело
