Совети од д-р Даниловски: „Како да постапите со децата при труење со храна и стомачни инфекции?“
По паниката која настана заради поголем број на наводно затруени деца во скопско училиште, д-р Даниловски објаснува подетално и дава совети за родителите: „Понекогаш јавноста сака одговор веднаш — што е разбирливо. Само трпение! Најважно е да се следи хидратацијата! Децата, особено малите, брзо губат течности. Сепак, во следниве ситуации треба да се побара лекарска помош...“

Деновиве владее паника кај родителите откако повеќе ученици од скопско основно училиште се затруја и пројавија стомачни болки.
Додека епидемиолози и надлежните институции ја испитуваат ситуацијата и се спроведуваат соодветни мерки за заштита, проф. д-р Драган Даниловски, епидемиолог, советува да се има трпение додека да се завршат сите испитувања.
На Својот Фејсбук профил тој објави подолг текст, во кој објасни што претставуваат цревните инфекции кај децата, за кои вели дека се нормални и многу чести.
Воедно тој советува кои се симптомите и како родителите треба да дејствуваат во вакви ситуации кај децата, а кога е време за посета на лекар.

Во продолжение прочитајте ја неговата објава во целост:
„САМО ТРПЕНИЕ!
Последниве ден-два сите малку повеќе размислуваме за здравјето на децата. Секој родител веднаш се загрижува кога ќе слушне дека поголема група ученици добиле стомачни симптоми — повраќање, болки во стомакот, дијареја.
Тоа е природна, човечка реакција. Сите ние, како родители, дедовци, баби, наставници или лекари, не можеме да не се прашаме: „Безбедни ли ни се децата?“
Во вакви моменти, важно е да имаме јасни, смирени и проверени информации. Затоа, овој текст го пишувам со една цел: да објаснам што воопшто претставуваат цревните инфекции кај децата, колку се чести, кои се нивните најчести причинители — и што навистина треба да правиме дома кога дете ќе добие вакви симптоми.
Малите деца имаат „жив“ имунитет кој сè уште учи. Поради тоа, многу полесно „фаќаат“ вируси и бактерии што кај возрасните можеби дури и не предизвикуваат симптоми.
Најчести причини за нагло повраќање и дијареја кај децата се:
- норовирус – многу заразен, брзо се шири
- ротавирус – почест кај помалите деца
- бактерии (Salmonella, Campylobacter, токсин на Staphylococcus aureus и др.) - поретко
- храна што е подготвена или складирана на несоодветен начин
- вода – поретко, но можно
- контактно ширење во колектив: едно дете заразува друго
Тоа што се појавиле повеќе случаи во краток временски период не значи нужно сериозна закана — туку најчесто укажува на заедничка изложеност, што е типично за колективи во училиштата и градинките.
Типичните симптоми кај децата се:
- нагло појавено гадење и повраќање
- болки во стомакот
- дијареја (пролив)
- повремено покачена температура
- малаксалост, поспаност
Овие симптоми најчесто траат 1 до 3 дена, иако понекогаш дијарејата може да потрае и малку подолго.

