Совети од д-р Даниловски: „Како да постапите со децата при труење со храна и стомачни инфекции?“
Најважно е да се следи хидратацијата! Децата, особено малите, брзо губат течности.
Тоа е главната причина зошто внесот на вода, чај или електролитни раствори е многу поважно од било која терапија.
Сепак, во следниве ситуации треба да се побара лекарска помош:
- ако детето не може да задржи никаква течност
- ако има знаци на дехидратација (сува уста, ретко мокрење, летаргија)
- ако има крв во столица
- ако се јави висока температура што не се симнува
- ако детето е под 3 години и делува многу исцрпено
- ако настане влошување наместо подобрување по 24–48 часа
Во најголем број случаи, домашна нега е сосема доволна.
Совети за родителите:
- давајте му на детето почесто течности голтка по голтка
- електролитни раствори се златен стандард
- избегнувајте газирани пијалаци
- избегнувајте „тешка“ храна додека симптомите не стивнат
- не давајте антибиотици на своја рака (во 90% од случаите не помагаат)
- миење раце – најмоќна мерка

Многу е важно да се разбере дека ваквите инфекции се дел од нормалните инфекции што секој организам ги поминува.
Уште поважно е: Децата не се виновни!
Кога ќе се појави зголемен број деца со исти симптоми, тимовите (епидемиолозите) од јавноздравствените институции веднаш почнуваат систематска работа:
- прибирање податоци (епидемиолошки анкети)
- анализа на симптомите и временската линија на појавата на случаите
- проверка на можни изложености
- лабораториски анализи на храна, вода и брисеви од околината
- утврдување на веројатна причина
- препораки за сузбивање и спречување
Понекогаш јавноста сака одговор веднаш — што е разбирливо.
Но, епидемиолошкото истражување не смее да се прави набрзина, ниту смее да се заснова на претпоставки. Важно е да не се извлекуваат заклучоци пред да ги имаме фактите.
Зашто, причината може да биде вирусна, бактериска, од храна, од вода – или сосема нешто трето.
Тоа може да го покаже само лабораторија.
Она што е сигурно е дека институциите се веќе на терен и работат.
Како епидемиолог, но и како родител, ја разбирам загриженоста. Но исто така знам дека:
- цревните инфекции кај децата се многу чести
- најголемиот дел минуваат брзо
- медицината има одлични механизми да ги следи и спречи
- нашите институции имаат долгогодишно искуство со вакви ситуации
Затоа, само трпение!“
М. М. | Црнобело / фото: depositphotos.com
