„Зошто моето дете е постојано болно?“ - Педијатар дава одговори на најчестите родителски маки
Колку често обично се разболуваат децата? Од 8 до 12 пати годишно.... Зошто децата добиваат болести една по друга? Дали треба да бидам загрижен/а ако моето дете често се разболува? Ве мачат ли и вас овие прашања?

Дали имате мали деца и во периоди од годината не можете глава да кренете од нивните пречести разболувања?
И не само што тие се разболуваат, туку вирусите ви ги пренесуваат и вам, и станува дополнително напорно да се грижите за нив во таква ситуација.
На моменти е навистина исцрпувачки, зарем не?
Но, реалноста е таа - родителите со мали деца редовно се соочуваат со чести болести.
И сосема е нормално чувството на безнадежност дека честите болести што ги носат дома од градинка или училиште никогаш нема да завршат.
Многу родители загрижено ги прашуваат педијатрите: „Зошто моето дете е постојано болно?“
Искусниот детски лекар Прија Моди, педијатар од Калифорнија, вели дека сосема е нормално децата често да се разболуваат додека нивниот имунолошки систем се развива.
Д-р Прија Моди
Таа, како искусен педијатар, одговара на најчестите прашања што ги мачат родителите:
На која возраст е вообичаено децата често да се разболуваат?
Децата под 7 години имаат незрел имунолошки систем. Малите деца, особено оние што одат во градинка, се изложени на нови средини и нови микроби, со кои претходно не се сретнале.
Во градинка или училиште, малите деца полесно ги шират микробите бидејќи сè уште не знаат правилно да кашлаат или киваат, покривајќи ја устата.
Дополнително, горните дишни патишта кај малите деца не се целосно развиени сè до школска возраст, што ги прави поподложни на почести вирусни и бактериски инфекции.
Помалите деца, исто така, често ги ставаат рацете во уста, па микробите што ги допираат на површини лесно завршуваат во организмот.
Поради сите овие причини, децата може често да се разболуваат. Добрата вест е што на тој начин тие постепено развиваат природен имунитет.

Колку често обично се разболуваат децата?
Многу е вообичаено малите деца и децата од предучилишна возраст да имаат од 8 до 12 настинки, респираторни инфекции и/или стомачни вируси годишно.
Децата од училишна возраст и преттинејџерите во просек имаат пет до шест болести годишно, додека тинејџерите и возрасните обично имаат две до три настинки или болести годишно.
