Зошто одредени лекови се пијат со храна?
Ако на упатството од лекот пишува да се зема со храна, препорачливо е да го испиете 30-тина минути по јадење. Но, важно е и каква е улогата на храната – кај некои лекови ја подобрува апсорпцијата, додека кај други ги намалува несаканите ефекти.

На упатството на многу лекови е наведено дека треба да се земаат со храна
Но, факт е дека оваа инструкција поттикнува прашања како дали треба да изедете цел оброк или дали се доволно залак-два.
Нема универзален одговор на овие прашања бидејќи зависи од самиот лек што го земате.
Што значи кога лекот треба да се зема со храна?
Во повеќето случаи, нема потреба да изедете цел оброк за да го испиете лекот. Сосема доволно може да ви биде и едно парче двопек или нешто слично. Она што е важно е која е улогата на храната при пиењето на лекот.
За некои лекови, храната е потребна за да ја забрза апсорпцијата. Ова важи за лекови за ХИВ, како и некои антигабични лекови.
Доколку земате вакви лекови, препорачливо е да изедете нешто богато со здрави масти, како авокадо или јаткасти плодови. Ова се намирници што ќе ја забрзаат апсорпцијата на лекот.
Кај некои лекови, храната е потребна за да ги намали дигестивните проблеми кои можат да ги предизвикаат.
Овде спаѓаат лекови како антибиотици и лекови за болка, треска и слично, на пример аспирин. Ваквите лекови можат да го надразнат желудникот, а храната може да го намали овој симптом.
Со овие лекови доволно ви е да изедете нешто со ниско ниво на хранливи влакна, како банана.

Кај лековите за дијабетес, како инсулин, храната е важна за регулирање на инсулинот.
Потребно е да ги испиете пред оброкот или со оброкот. На овој начин лекот ќе почне да делува во моментот кога ќе почне да се зголемува нивото на шеќер во крвта од оброкот.
Ако немате конкретни насоки од вашиот лекар, според Администрацијата за храна и лекови во САД препорачливо е да го испиете лекот најмногу 30-минути по оброк, доколку е наведено да се зема со храна.
Секако, ако не сте сигурни, секогаш е најдобро да се консултирате со вашиот лекар, особено ако е во прашање некое посериозно заболување.
Која храна треба да ја избегнувате?
Некои намирници можат да имаат влијание врз апсорпцијата и ефикасноста на лековите, па добро би било да ги избегнувате пред да ја земате терапијата.
Грејпфрут – некои лекови реагираат на ова овошје и може да се зголеми ризикот од несакани ефекти.
Млечни продукти – постојат лекови како некои видови антибиотици кои не треба да се земаат со млечни производи. Причината е тоа што млечните производи се сврзуваат со лекот, па се намалува неговата апсорпција.
Кисела храна или пијалаци – ако земате лекови кои можат да создадат дигестивни проблеми, тогаш избегнувајте кисела храна пред да ги пиете. Овде спаѓаат намирници кои можат да создадат киселини, како кафе или храна со многу шеќер, зачини и масти.
Спирова С. | Црнобело
