Д-р Наташа Н. Алулоска, педијатар: „Кога дете има температура не треба да се прави комбинација парацетамол и бруфен на 4h“
„Не треба да се прави онаа шема комбинација на 4 часа парацетамол и бруфен, не знам од каде потекна... Ја нема во ниту еден учебник, во ниту еден протокол за третирање на децата. Не постои шема која што вика на 4 часа да даваме лек за температура. Не постои“, вели д-р Наташа Најдановска Алулоска, педијатар.

Наташа Најдановска Алулоска гостуваше во емисијата „Телма амбуланта“ на Телма Телевизија.
Станува збор за популарна здравствена програма во која гостуваат еминентни лекари кои обработуваат различни медицински теми, советуваат и одговараат на прашања од гледачите.

Сега, д-р Наташа Најдановска Алулоска зборуваше на една многу корисна тема за сите родители, односно што треба да прават, односно не прават, кога нивните деца ќе качат температура.
Доктор Наташа вели:
„За симнување на температура, по дефиниција, е кога детето ќе спушти еден степен од температурата после давање на антипиретик. Значи само еден степен! Тоа значи дека детето спушта температура.
Затоа што кога ќе влезат во амбуланта, они викаат – ние даваме лекови, а детето не спушта температура, еве го носиме нешто да му се даде што ќе спушти.

Прашуваме - Колку се намалува температурата? Степен или степен и пол, велат.
Тоа значи дека температурата реагира на антипиретикот. Така што не треба да се дава друг антипиретик веднаш после тој.

Ниту треба да се прави онаа шема комбинација на 4 часа парацетамол и бруфен, не знам од каде потекна... Ја нема во ниту еден учебник, во ниту еден протокол за третирање на децата.
Не постои шема која што вика на 4 часа да даваме лек за температура. Не постои.

Ние можеме да дадеме на 6 часа кога е висока температурата, еднаш од едниот, еднаш од другиот. Но, таа шема со на 4 часа наизменично давање лек за температура не може никако да биде корисна.
Затоа што тоа е преблиску давање и од едниот и од другиот лек, па ниту парацетамолот, ниту бруфенот, не е вода, ниту е електролит...

И од едниот и од другиот лек ние можеме да имаме несакани ефекти, посебно ако се тие на кратко време еден по друг и ако се несоодветно давани.
Затоа викам секогаш пред да се почне давање на антипиретик, треба да се провери милиграм на килограм телесна тежина, да ја видиме дозерката по килограми, не по возраст“.
С. С. | Црнобело