На гости кај Драгана и Михаил: Есенски декориран стан во Скопје, каде мебелот е изработен од Михаил (фото)
- Детали
- сабота, 11 октомври 2025
„Домот ми е исклучително важен, бидејќи најголемиот дел од времето го поминувам дома. Како мое омилено катче би ја издвоила фотелјата – наменски купена за читање и за моменти на мир. Михаил е заслужен за 90% од изработката на ентериерот“, вели Драгана Костиќ Петрушев, професор по филозофија, која со сопругот живее во Аеродром.

Драгана Костиќ Петрушев, професор по филозофија, и Михаил Петрушев, мајстор за изработка на мебел, живеат во нов комплекс во Аеродром, а нивниот стан, иако сè уште е во фаза на доуредување, веќе го украсија есенски.
Со многу суво цвеќе, пернички и ќебенца во кафеави и портокалови тонови, тие направија вистинска есенска идила.
Голем дел од идеите за уредување на домот се на Драгана, а, пак, реализацијата, односно изработката на мебелот е од вештите раце на Михаил.
Драгана за уредувањето и декорирањето на нивниот дом за CRNOBELO.com споделува:
„Секогаш сум била вљубеник во дизајнот и уредувањето на просторот.

Иако сум професор по филозофија, наскоро планирам да запишам студии по внатрешен дизајн, бидејќи тоа е мојата голема пасија.

Од најмала, постојано нешто менував – од старите черги на баба ми, перничиња и завеси, до целосни преуредувања на соби.

Сакам кога ќе дојде на ред нова тематика, па го украсувам просторот тематски – истото го правам и во училиштата во кои работам.

Верувам дека креативноста е дар, а моето мото е „од ништо да направам нешто“.

Домот ми е исклучително важен, бидејќи најголемиот дел од времето го поминувам дома.

Како мое омилено катче би ја издвоила фотелјата – наменски купена за читање и за моменти на мир.

