На гости во детската соба на Луциа (2): Македонци во Хановер направија совршено катче, со простор за складирање
- Детали
- сабота, 07 март 2026
„За да го задржиме слободниот простор на средина, се одлучивме за системот TROFAST од ИКЕА, со тоа што освен што добивме многу простор за складирање, од горе монтиравме и како биро кое служи како маса, подлога за цртање, редење и други активности“, вели Никица Ацева, мајката на Луциа, за уредувањето на нејзината соба.

Никица Ацева Стојанов и Дамјан Стојанов живеат во стан во Хановер, Германија, со својата ќеркичка Луциа, а неодамна добија и нов член на семејството, братчето на Луциа, Доминик.
За Луциа тие ја направија нејзината детска од соништата, во која примарна им била практичноста и да има простор за складирање.
Оваа соба потоа ќе ја користат двете деца.
Никица за CRNOBELO.com споделува детали за уредувањето на детската соба:
„Собата е околу 12m2, сосема доволна за две мали дечиња, иако верувам дека барем уште една година сепак најмногу ќе си ја користи Луциа, бидејќи бебето секако спие до нас и ги користи бебешките реквизити како релаксатор, гнездо, тропалки итн.

Во секој случај собата ја прилагодивме да биде погодна за двете деца, комодата за пресоблекување и фотелјата за доење, останаа да бидат како бебешки дел, за да можам и јас додека го дојам Доминик да бидам тука, а Луциа да си игра и така сите да сме на куп среќни и задоволни.

Главно сите предмети, играчки и активности се наменети за нејзина возраст, бидејќи сè уште не оди во градинка, па важно ни беше да има на што да троши енергија и правилно да се развива.

За да го задржиме слободниот простор на средина, се одлучивме за системот TROFAST од ИКЕА, со тоа што освен што добивме многу простор за складирање, од горе монтиравме и како биро кое служи како маса, подлога за цртање, редење и други активности.

Исто така, скоро сите гломазни играчки се на расклопување и се многу практични, бидејќи кога не ги користи ги ставаме на страна и на средина повторно има простор за нови лудории.

Искрено, мислам дека и неа токму тоа најмногу ѝ се допаѓа и ужива сама да ги вади и монтира, па да ги крева и така дополнително ја развива моториката.

Одлично е што кутиите собираат доста и има простор за складирање, а од надвор е секогаш средено (тоа е побитно за мама отколку за нив, но чиста соба = задоволна мама = мир во куќа ха-ха).

