Во домот на Љупка Митрова: Када во дневната наместо трпезариска маса и големи прозорци со поглед кон цела Струмица
- Детали
- сабота, 28 февруари 2026
„Јас сè сама пазарев. Со сите мајстори седев - oд лепење плочки, до монтажа на паркет, светло, боите не ѕидовите, нарачка на целиот мебел, каде да има огледала. Кога му кажав на архитектот дека сакам када во дневната, ме праша неколкупати дали сум сигурна“, вели Љупка Митрова за CRNOBELO.com за станот кој го уредувала со многу љубов.

Инфлуенсерката и сопственичка на модното студио „Митроф“, Љупка Митрова, последниве години живее на релација Струмица-Солун.
А во Струмица, таа има стан од соништата, кој самата го уредила со многу љубов - со големи стакла од горе до долу наместо ѕидови, преку кои го гледа најубавото зајдисонце во градот.

Станот е уреден по вкусот на Љупка, со многу детали, а во секој агол да се чувствуваат нејзиниот сензибилитет и енергија, но и карактерот на нејзините две ќерки.
Доминираат огледалата, украсни свеќи, но и големи врамени фотографии од Љупка...

Кујната е мермерна со долга маса за јадење, седенки и семејно уживање, а наместо трпезариска маса во дневната соба има - отворена када.

За уредувањето на станот, кое почнало уште додека тој бил во градба, Љупка раскажа за CRNOBELO.com:
„Откако се разделив со таткото на моите две ќерки, 6 години живеевме сами трите во стан под кирија, многу блиску до моите родители.
Од една страна бев среќна дека сме сите три заедно, се зближивме повеќе од кога било, имавме топол дом, но далеку од дом што јас го посакував.
Едвај чекав, дека моите родители се бават со градежништво, да ја завршат зградата и прва да се вселам во неа.

Секако уредувањето на станот започна многу порано од станот да биде готов.
Си најмив архитект од Скопје, му кажав која ми е замислата, го виде на скица распоредот на станот, зашто всушност станот не беше готов кога почнувавме со работа.

Почнавме од мојот карактер, што силно се изразува низ сите простории од станот.
Сакав кога ќе влезам во домот, да се чувствувам јас, без да кажам дека тоа е мојот стан.
Најпрвин, избрав висок кат во зградата за да имам поглед над градот.

Станот е на агол од зградата, во облик на инка и целиот е со прозорци кои се од горе до долу, има „стаклен поглед“.
Не сакав со ѕидови да го сокријам тој поглед што мене ме полни со живост, има зајдисонце од сите страни, го гледам многу често.

Директно од мојата спална соба, а исто и од собата на моите две ќерки се доловува истиот поглед.
Не ставив ролетни, има само завеси.

Сакав да не одам накај индустриски стил, да го направам да се осеќам колку што може покомфорно.
За почеток, требаше да изберам во кои бои ќе се движи уредувањето на станот.
И морам да бидам искрена дека од скицата, сè што се нацрта како проект, сама го изменив, парче по парче.

Јас сè сама пазарев. Со сите мајстори седев - oд лепење плочки, до монтажа на паркет, светло, боите не ѕидовите, нарачка на целиот мебел, каде да има огледала - во станот преовладуваат многу огледала.
