Во домот на Љупка Митрова: Када во дневната наместо трпезариска маса и големи прозорци со поглед кон цела Струмица
Станот е во модернистички стил, со темни сиви и чоколадни нијанси, паркет на подовите насекаде.
Сакав да има топол амбиент. Има исто и камин на биогас, сакав да и тоа да дава дополнителен топол момент во домот кога и да посакаме.

А најлудата идеја беше кога една ноќ се јавив на мојот архитект и му соопштив дека сакам кујната да биде долга, со голема маса за седење, за дружење, готвење, јадење со ќерките.
А во дневниот простор, нема трпезариска маса, туку една убава када која директно ќе биде поставена пред прозорците и ќе гледа кон градот.

Ме праша неколкупати дали сум сигурна, а јас цврсто си стоев зад одлуката, ха, ха.
Бидејќи зградата сè уште беше во изградба, беше изводливо да се направи одвод и довод за да се монтира таа када и да биде функционална.

Кај ќерките во собата, дека е една проширена соба, преовладуваат истите бои како и во целиот стан, а деталите си ги избираа самите, според нивните карактери.

Во купатилата и кај мене и кај децата преовладува темно зелената боја, плочите се во таа боја која исто ме асоцира на природа, ме опушта и многу убаво се поклопува со моите цвеќиња и Зен mood.
Обожавам и јога и често имам тренинзи во домот со мојата јога учителка.

Нешто што исто е впечатливо во мојот стан е тоа што сум емоционално врзана кога станува збор за предмети и имам украси од сите патувања.
Сите се сместени во осветлен дел со стакло и кога и да ги погледнам ми будат драги спомени.

Љубител сум на добро вино, и секоја тапа од вината исто е сместена во стаклени садови, а ги имам неколку дома.
Исто така има и слики од мене, зашто тоа стана и моја професија и пасија.
Љубител сум исто и на постелнина, па кога влегувам во продавница за постелнина, ретко излегувам без нова.

Цвеќињата се дефинитивно нешто без што не можам да го замислам нашиот дом.
Секогаш имам саксиско цвеќе, а покрај него, има и режано.
Секоја недела бирам најразлични цвеќиња, во секакви бои, мириси и форми и се радувам кога ги гледам.

Свеќи има насекаде, каде и да се свртите има свеќи.
Си ги палам многу често после долг ден и тие детали ми го прават домот посебен и свој. Наш.

Веќе ни е традиција која од нас три од каде и да дојде, да залепи магнет од градот на фрижидер.
Уживам во домот, за мене тој претставува една прегратка што си ја градиме.

После сите буки од надвор, ќе дојдеме дома и затвораме врата и колку е повеќе по наша мерка, толку е потопол.
Дефинитивно јас го постигнав тоа што сакав да го постигнам како краен резултат во домот“.
