Во домот на Милена Танаскоска: Стилски уредена соба на девојка од Скопје (фото)
- Детали
- петок, 10 април 2020
Секоја детаљ во собата на 32-годишната скопјанка е внимателно избран, зимно време доминираат крзнените перничиња, а летно време - бохо стилот.

Милена Танаскоска има 32 години, а целата кариера и е проткаена со љубовта кон модата, до неодамна како моден стилист во магазинот Unique, а сега како моден директор на продавницата Rumor, како и раководител на канцеларија на охридска фабрика за плетенини.

Живее во семејна куќа во Ченто и вели дека отсекогаш особено внимание посветувала на својата соба, затоа што тое е катчето каде одмора и твори, катчето каде ја негува креативноста.
„Мојата соба, која до пред некое време ја делев со сестра ми, е поделена на дел за седење, дел со биро за творење и трет дел каде уживам во книгите и списанијата.

Додека сестра ми беше тука имаше повесели бои и повеќе детали, но јас сум приврзаник кон понеутралните тонови. Но, ентериерот го прилагодувам според годишните времиња.
Омилена ми е фотељата од баба ми и дедо ми, која ја реставривав пред 10 години, а сега повторно е време да ѝ сменам боја и штоф, најверојатно ќе биде во бебешко розова нијанса. Сакам спој од ултра модерни детали и некои безвременски.

Најчесто ги менувам вазните, рамките и перниците. Исто така обожавам мирсливи свеќи, а омилен дел од денот ми е кога ќе се вратам дома и ќе одмарам во мојата соба со моите кучиња.

Бидејќи обожавам природа, планирам еден ѕид да бојадисам во темно зелена боја, а сѐ друго да биде бело. Зимно време сум ориентирана на кожи, пуфкасти теписи, крзнени перници и суво цвеќе како украс, а летно време уредувањето ми е во бохо стил“, изјави Милена за CRNOBELO.com.

Фотографии од нејзината стилски уредена соба:





С. С. | Црнобело
