Сања Мишковски за одморот на Тасос: „Бевме сместени во Скала Потамиа, островот има рајски плажи, а две лежалки се околу 20 евра“

„Патувањето до Тасос воопшто не е напорно. Од Скопје се патува околу 5 часа со автомобил или 6 часа со автобус, а патувањето на траект е околу 40-тина минути. Картата за траект за автомобил е 35 евра, а за автобус е 20 евра по лице. Овој остров е смарагден рај, а омилена плажа ми беше „La Scala“, споделува Сања Мишковски (33) од Скопје за CRNOBELO.com.

sanja-mishkovski-za-odmorot-na-tasos-bevme-smeseni-vo-skala-potamija-01.jpg

Сања Мишковски (33) од Скопје, медицинска сестра по професија, стапи во брак со музичарот Александар Мишковски (38) и кратко по свадбата заминаа на одмор на Тасос.

Таа вели дека овој грчки остров е вистински смарагден рај и ја освоил на прва.

За CRNOBELO.com ги споделува впечатоците оттаму:

На кое место на островот бевте сместени и ако одите повторно дали би избрале друго селце/гратче и зошто?

Бевме сместени во Скала Потамиа, мало гратче кое се наоѓа во североисточниот дел на островот, оддалечено околу 15km од главниот град на Тасос – Лименас.

Според мене, идеално сместување погодно за истражување на островот, а воедно со прекрасна плажа опкружена со шумски планински венци, кои се во непосредна близина.

Избор кој би го направила повторно, дефинитивно.

sanja-mishkovski-za-odmorot-na-tasos-bevme-smeseni-vo-skala-potamija-10.jpg

Зошто Тасос те освои на прва?

А кого не би освоил? Тасос со својата раскошна убавина, бујна вегетација, кристално чисто море и прекрасни песочни и карпести плажи не ги остава рамнодушни, дури и оние најпребирливите.

Овој мал смарагден рај на земјата, е одлично место за полнење на батерии и бегање од секојдневието.

sanja-mishkovski-za-odmorot-na-tasos-bevme-smeseni-vo-skala-potamija-12.jpg

Има ли што да се прави навечер?

Мора да признаеме дека Грците навистина знаат како да се забавуваат. Срцето на ова место всушност се бич баровите и таверните кои се простираат покрај плажата.

Ова е остров за секоја генерација.

Во таверните може да уживате во прекрасната традиционална храна (јагнешко месо и морска храна) со чаша вино или узо, слушајќи ја традиционалната грчка музика-бузуки и сиртаки, а баровите нудат одлична забава за помладите до полноќ.

Имајте предвид дека на Тасос нема адреси, па така, дури ни „Google maps“ некогаш не може да ви помогне да ја најдете саканата локација.

Најдобро е да ги прашате локалните жители за насоки. Тие секогаш се расположени и доволно љубезни за да ви помогнат.

sanja-mishkovski-za-odmorot-na-tasos-bevme-smeseni-vo-skala-potamija-25.jpg

Рангирај ги плажите по убавина, започнувајќи од најубавата, по твој вкус и зошто?

Тасос нуди плажи за сечиј вкус – долги златни песочни плажи, карпести, диви, како и плажи популарни по дневните забави.

Од многубројните плажи кои ги посетивме истражувајќи го островот, оние кои мене ми оставија најголем впечаток, и поради кои повторно би се вратила се:

„La scala beach“ е мојот фаворит. Таа е една од најпопуларните плажи на островот, песочна и убаво уредена.

Она што ја издвојува од останатите е прекрасната природа, палми, уредување на бич барот, кој е распослан по целата плажа. Делови од плажата се со природна сенка.

Барот „La scala“ по кој е и наречена самата плажа, нуди одлична забава со модерна комерцијална музика, храна и коктели, но мора да напоменам дека ова е и веројатно една од најскапите плажи кои ќе ги сретнете на островот.

sanja-mishkovski-za-odmorot-na-tasos-bevme-smeseni-vo-skala-potamija-08.jpg

„Golden beach“ е всушност плажата која беше близу до нашето сместување (на само 150 метри).

Тоа што ме воодушеви е прекрасниот бел песок, кој околу пладне, кога сонцето силно сјаје – блеска.

Иако оваа плажа е една од најчесто посетените од туристите и локалните жители, сепак е доволно пространа (околу 3km) и никогаш нема да почувствувате метеж и врева.

Со оглед на тоа што влезот во морето е плиток и е со мек песок, оваа плажа е одличен избор за семејства со мали деца, но секако, има забава и за повозрасните, како на пример водени спортови, поле за одбојка, изнајмување на чамци, скутери на вода и сл.

„Paradise beach“ е исто така одлична плажа. Таа е опкружена со карпи и густа шума, бел песок и море кое се прелева во сино зелени нијанси. На плажата има барови и ресторани кои нудат прекрасна храна и пијалаци по пристојни цени.

„Alyki“ е мала и тесна, но прекрасна бела песочна плажа. Она коешто ме остави без здив е прекрасната тиркизно-зелена боја на морето.

Со оглед на тоа што ние бевме во јуни (надвор од сезона) имавме можност да го уживаме спокојот и интимноста на овој дел од островот, но разговарајќи со локалците, тие ни посочија да ја избегнуваме оваа плажа во сезона (јули-септември), особено во сабота и недела бидејќи е преполна со посетители, најчесто грчките жители.

„Saliara (Marble Beach)“ е плажа која е поразлична од другите бидејќи е прекриена со бели мермерни камчиња кои се секогаш студени, а морето е со прекрасна тиркизно сина боја.

Она коешто е недостаток на оваа плажа и поради коешто ја рангирам како последна е стрмниот земјен пат, кој ја прави потешко достапна.

sanja-mishkovski-za-odmorot-na-tasos-bevme-smeseni-vo-skala-potamija-24.jpg

Како се движевте низ островот? Задолжително ли е користење автомобил?

Препорачувам секој којшто е во можност да дојде со сопствен автомобил, за да може без ограничувања да го истражи целиот остров.

Секако, постојат можности за изнајмување на автомобил, велосипед или скутер, а исто така достапен и развиен е и јавен и такси превоз.

Тоа што ви е потребно е желбата за авантура.

sanja-mishkovski-za-odmorot-na-tasos-bevme-smeseni-vo-skala-potamija-09.jpg

Го посетивте ли главниот град Лименас?

Да, го посетивме градот Лименас, или познат уште како градот Тасос.

Ова е мало, фино гратче со околу 4.000 жители. Главно обележје е пристаништето, кое е опкружено во шармот на типичната стара грчка архитектура со поглед на море.

Зад пристаништето се наоѓа градската плажа, која е долга 300m, а е оддалечена од пристаништето околу 2km и поради тоа водата е чиста, односно не е контаминирана и може да се капете во неа.

Најпривлечно за туристите е шеталиштето покрај море, со голем број на продавници за облека, сувенири, таверни и ресторани за брза храна.

Ова е град кој изобилува со повеќе содржини во вечерните часови, погоден за ноќно излегување, за разлика од другите места на Тасос.

sanja-mishkovski-za-odmorot-na-tasos-bevme-smeseni-vo-skala-potamija-23.jpg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Ива од Скопје за одморот на Малдиви со две мали деца: „Сменивме 3 авиони и глисер, патот е напорен, ... „Патувавме скоро 24 часа, летавме од Белград, сменивме 3 авиони и плус глисер до...
Виктор од Скопје за одморот во Египет: „Локалците се многу нападни кога продаваат сувенири, Каиро е ... „Дали одморот во Египет беше баш тоа што го замислував? Делумно да, бидејќи не о...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg