Тиана од Скопје за кампувањето во Струга: „Нема гужва, а будењето со птици во природа е уникатно искуство“

„Струга ја сакам бидејќи е многу помирна од Охрид, особено во летниот период кога гледам да побегнам од гужва и толпи. Кампувам веќе 3 години, сум била на различни локации низ Македонија и токму ова хоби ми овозможи уште подобро да ја запознаам нашата држава иако порано мислев дека ја знам“ - раскажува за CRNOBELO.com Тиана Ивановска од Скопје. 

tiana-od-skopje-za-kampuvanjeto-vo-struga-01.jpg

Тиана Ивановска, 30 од Скопје e Психолог, психотерапевт, докторанд на криминалистика, основачка на СебеСложувалка. 

Таа деновиве престојуваше во камп во Струга, каде веќе неколку години наназад ги поминува деновите од летниот одмор и со својата објава нè потсети на убави времиња на кампување низ Македонија, кое периодов е малку подзаборавено од многумина. 

„Будење со птички рано наутро, готвење во природа, заспивање со летно ветре, контакт со природата. Враќање кон единственото нешто кое ни е вистински дом. Работам со ментално здравје но често пати клиентите не се свесни колкав удел во чувството на добростостојба отпаѓа на секојдневието и начинот на кој живееме.

Невозможно е човек да избегне чувство на немир живеејќи затворен во 4 ѕида, движејќи се низ бетонска џунгла полна со издувни гасови и смрдеа. Исто така, за мене идејата за активен одмор во кој се вклучени камперски активности, возење велосипед и истражување на природата е совршено поминат одмор.

Никогаш не сум била љубител на огромни хотели, луксузни летувања на места изолирани од природа и слично. Сепак, за вкусови не се суди но моја задача секогаш е да повикам на личен пример. Бидете добри и зеленувајте повеќе ова лето“ - напиша таа. 

tiana-od-skopje-za-kampuvanjeto-vo-struga-03.jpg

За CRNOBELO.com таа раскажа кои се убавините на овој камп, но и генерално на кампувањето, со оглед на тоа што го сака овој тип на летување повеќе отколку хотелско сместување. 

Погледнете ја нејзината изјава за CRNOBELO.com и инспирирајте се за уникатно кампувачко искуствo:

Бев во камп Скаут лоциран во Струга. Тука одам секоја година без исклучок барем на неколку дена или на продолжен викенд ако не сум во можност повеќе.

Најмногу ми се допаѓа енергијата во кампот, гостопримливиот персонал и чистотата. Струга ја сакам бидејќи е многу помирна од Охрид, особено во летниот период кога гледам да побегнам од гужва и толпи.

Во кампот никогаш не е преполно, секогаш се зачувува одредена интимност и приватност помеѓу посетителите.

tiana-od-skopje-za-kampuvanjeto-vo-struga-02.jpg

Кога одиме во Скаут се чувствуваме како да се враќаме дома и секогаш имаме мини криза кога доаѓа време за пакување на шаторот и заминување назад во Скопје.

Едноставно контактот со природата кој го чувствувам кога сум таму ми е насушно потребен за опстанок во доба на глобализација и живеење во урбана џунгла.

Плажата е добра за разладување, но далеку од средена и тоа е навистина жално бидејќи сите сме свесни за уништувањето на крајбрежјето на Охридското Езеро кое се случува децении наназад.

Во мојата глава оваа природна убавина треба да е средена на сметка на државата и да е достапна за сите граѓани.

tiana-od-skopje-za-kampuvanjeto-vo-struga-04.jpg

Кампувам веќе 3 години, сум била на различни локации низ Македонија и токму ова хоби ми овозможи уште подобро да ја запознаам нашата држава иако порано мислев дека ја знам.

Во последно време веќе не ни можам да го замислам летниот одмор поинаку од кампување бидејќи за мене влез во сместување и огромни бетонски згради претставува само потсетување на она во кое живеам поголемиот дел од годината.

Најголема желба ми е целото лето да го минувам во некој камп, а работните обврски да ги извршувам од таму и активно работам на исполнување на оваа желба.

tiana-od-skopje-za-kampuvanjeto-vo-struga-07.jpg

Предности на кампувањето има многу. Самото спиење „на отворено“ будење со звуци на птици, утринско кафе испиено во природа и целиот сетинг во кој се одвива кампувањето е уникатно искуство.

Во минатото нашите родители, баби и дедовци имале култура на кампување и честопати го практикувале ваквиот начин на летување, но со современото живеење се повеќе тежнееме кон поголем комфор.

Честопати токму затоа луѓето избегнуваат да пробаат вакво искуство, бидејќи концептот за кампинг е концепт за активен одмор.

tiana-od-skopje-za-kampuvanjeto-vo-struga-11.jpg

Тоа значи дека најголем дел од времето го поминувате надвор, но исто така имате и поголем број на обврски. На пример подготвување на храна, пазарење, одржување на хигиена на садовите кои ги користите и слично.

Сепак интересен феномен е дека кога ви е денот исполнет со сите овие активности речиси и да не останува простор за скролање на Инстаграм или губење на време на социјални мрежи.

Во кампинг секогаш има што да се прави и никогаш не е досадно.

tiana-od-skopje-za-kampuvanjeto-vo-struga-10.jpg

Кампувам со опрема целосно набавена од Декатлон и искрено се надевам дека што поскоро ќе го донесат овој бренд во Македонија бидејќи нуди кампинг опрема по екстра поволни цени кои речиси секој може да си ги дозволи.

Првиот шатор кој го купив беше средна големина, но беше низок и го користевме само за преспивање.

Потоа земав поголем шатор кој е висок 2 метри и е водоотпорен па така честопати си престојуваме внатре доколку заврне или пак е студено надвор.

Останатата опрема ми е прилично стандардна, но како поминува времето сe повеќе ја надополнувам со ситници.

tiana-od-skopje-za-kampuvanjeto-vo-struga-08.jpg

Имам душеци за преспивање, целосен кујнски сет за готвење бидејќи обожавам да готвам, маса и столчиња плус екстра столчиња за сите луѓе кои ни се придружуваат, огноотпорни садови, сијалици за внатре и надвор од кампот, организатори за предмети, рачен кафемат за еспресо и уште многу други работи.

Последниот додаток кој го земав беше носачот за велосипеди па сега одиме на кампување со велосипедите и правиме тури низ местата кој ги посетуваме. Ова беше фантастичен додаток.

tiana-od-skopje-za-kampuvanjeto-vo-struga-09.jpg

Во Македонија има милион места кои се идеални за кампување, а уште толку места кои доколку се проектираат за кампинг луѓето многу повеќе би биле заинтересирани за посета.

Последно интересно искуство ми беше возењето од Скаут до Радожда со велосипед.

По патот поминав покрај Авто кампот Ливадишта и глетката која ја видов за мене беше многу тажна.

Местото е брилијантно, прекрасно осмислено за да ги задоволи сите потреби на кампувачите, но е запустено бидејќи никој не го средува и не инвестира во него.

Наидов на еден огромен куп од Брако приколки кои направиле мини депонија со тек на време.

Навистина тажно како ги уништуваме овие прекрасни места наместо да ги искористиме за летување кое буквално секој жител би можел да си го дозволи.

tiana-od-skopje-za-kampuvanjeto-vo-struga-06.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

М. М. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Марко Џамбазоски: „Сакам да истражувам и да покажам дека Македонија е многу повеќе од Скопје и Охрид... Марко Џамбазоски од Скопје со неговиот авантуристички дух постојано ја истражува...
Стефан Савевски за патувањето во Јордан: „Ја посетив Петра 4 пати, за Македонците треба виза, а лока... „Невозможно е да пропаднеш во водата на Мртвото Море дури и да вложиш напор, сам...
Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
Милош Боев: „Работам во Нигерија како инженер - полиција со оружје ме чува 24/7, едвај се навикнав“ „И одењето во ноќен клуб е со режим за безбедност. Ми приоѓаа луѓе кои сакаат за...
Јордан Колевски го замени Скопје за Торонто: „Животот овде е прекрасен, луѓето се топли и љубезни, р... „Овде секој ќе те поздрави иако не те познава, луѓето се топли и насмеани. Ми се...
Милош Боев: „Работев во Етиопија 8 месеци како градежен инженер – сакав да се вратам назад со првиот... „Кога пристигнав во кампот, од сите страни беше затворено со бетонска ограда вис...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg