Славица со семејството 2 месеци беше во Тајланд: „Има совршен оброк за 100 денари, но во ресторан со вентилатор и поцрнети ѕидови“
Дали двајцата со сопругот онлајн работите? Како изгледа образованието на поголемата ќерка?
Работам само јас, но само 20%, што соодветствува на еден работен ден во неделата. Остатокот ми е неплатено отсуство.
Поголемата ќерка која е сега во 5-то одделение има homeschool со нас родителите.
Се фокусираме на читање и пишување на македонски, норвешки и англиски јазик, како и решавање на задачи по математика.
За останатите предмети го користиме местото каде се наоѓаме.

Подготвуваме материјал за местата кои ги посетуваме, па учи географија, историја и општество преку посета на музеи и државни знаменитости, природа преку запознавање на растителниот и животинскиот свет во земјите кои ги посетуваме, религија и етика при посета на цркви, џамии и храмови, физичко образовани преку пешачење, пливање…
Ние како родители сме растени во образовен систем кој функционира на систем „Седни да учиш“, но има неверојатно големо учење и преку доживување.
Дури ќе одам и до таму да кажам дека и се учи и повеќе така, кога „материјата“ добива форма, а не е само сувопарен текст во книга.

Како изгледаше еден ваш „обичен ден“ таму?
Во местата каде бевме на пократок престој од една недела, деновите беа набиени со агенда која вклучуваше посета на знаменитости, музеи, храмови.
Таму беше фокусот да се извади што е можно повеќе од деновите, за да се види и доживее што повеќе од нивната култура и традиција.
Кога бевме стационирани подолго на иста локација, тогаш еден обичен ден започнуваше со доцно будење, заеднички појадок во 9/10 часот, плажа, ручек дома или во локален ресторан, па за мене работење, а за поголемата ќерка домашни задачи и повторно плажа или базен, вечера и вечерна прошетка.
Се шегувавме меѓу нас дека животот ни се сведе на јадење и плажа, но е далеку од нешто на што човек може да се жали.

Постои ли хаос од кабли по улиците? Каква е хигиената?
Електричната мрежа во Тајланд е приказна сама за себе. Кога ќе го видиш тој хаос од кабли, кои буквално ти висат над глава кога одиш на тротоар, си викаш, ова сигурно не е во активна употреба.
Ама, е. Неверојатно, но вистинито.
Сè функционира, иако изгледа хаотично и без никаков ред. Ние во нашиот престој во Тајланд од 40-тина дена, немавме ниту еден ден проблем со електрична енергија.

Хигиената е друг момент кој е екстремно различен од тоа на што сме навикнати во Европа.
На таканаречените ноќни пазари, кои се во суштина збир на мали тезги каде се продава храна, облека и сувенири, храната се подготвува пред твои очи, во тавчиња кои изгледаат како никогаш да не виделе сунѓер и средство за миење.
Но, на такви места јадевме редовно и никогаш немавме проблеми.
Нашето генерално правило е, местото да има локалци кои јадат таму. Тогаш си сигурен дека храната која се служи е добра.
Ако во локалот мораш да чекаш ред за да јадеш, е дополнителен плус, зошто тогаш знаеш дека храната е свежа.
Кое ви беше омиленото јадење?
Pad thai е едно јадење кое го јадевме бескрајно многу пати и кое ни е апсолутен фаворит на сите.
Пржен ориз со зеленчуци, е број два.
Од десертите mango sticky rice, зошто кој може да одолее на комбинацијата на зрело манго, ориз и кондензирано млеко?!

Инаку во Тајланд, а особено во Бангкок има еден тон места со Michelin ѕвезди, каде можеш да јадеш оброк за 100-тина денари. Јадеш седнат на маса скоро на улица, столчињата се сите распар, јадењето ти го служат во пластичен сад и секако стапчиња наместо виљушка.
Ентериерот е типично азиски, со поцрнети ѕидови и годишен календар како декорација и вентилатор наместо клима-уред. Ама затоа храната е фантастично добра.
Вистинска експлозија на вкусови. Сметката на крајот од јадењето, за нас четворица најчесто беше околу 500 денари.

Дали користевте јавен транспорт или повеќе такси/скутери?
Користевме и Grab и Bolt, и метроа, автобуси, а и пешачевме многу.
Малата ќерка има 4 години, но е до толку навикната на пешачење што освен што одевме побавно, никогаш не ја ограничуваме километражата по неа. Таа комотно ги изодуваше и 15 километри на ден, без да се пожали.
Бангкок е прилично раштркан, па има долги релации, од едно до друго место што сакавме да го видиме. Таму користевме метро.
Grab и Bolt во Бангкок, не се добра идеја никогаш. Се заглавува по улици и во гужви.
Во Пукет, Кох Самуи и Патаја користевме локален автобус и Grab за локации кои не беа достапни со автобус.
Цените се различни од место до место, но се пристапни.

Дали склопивте пријателства со локални семејства? И какви се локалците, како живеат?
Јазичната бариера е, за жал, причина што не е лесно да се склопи пријателства.
За среќа во Кох Самуи, сопствениците на станот кој го изнајмувавме, зборуваа англиски, па со нив се дружевме неколку пати.

