Славица со семејството 2 месеци беше во Тајланд: „Има совршен оброк за 100 денари, но во ресторан со вентилатор и поцрнети ѕидови“
Кои места најмногу ви се допаднаа?
Тешко прашање, затоа што на секое место кое го посетивме имавме толку многу доживувања и убави моменти, што е неблагодарно да се издвои едно место.
Но, Кох Самуи кој е остров на Сиамскиот залив, едно 700 километри од Бангкок, е вистински рај на земјата.

Таму поминавме две седмици и бевме многу тажни кога се спакувавме да си одиме.
Прекрасни плажи со бел ситен песок, море со вода топла како од бојлер, растителен свет и цветови во сите можни бои и форми, егзотични овошја, превкусна храна која е воедно и многу евтина, локалци кои се секогаш спремни да помогнат, иако не знаат нешто премногу англиски.
Навистина, престојот во Кох Самуи ни беше магичен, па си ветивме дека, еден ден, ќе му се вратиме.

Имавте ли стресни моменти за време на патувањето?
Две болни деца, од прв ден, не се некој добар почеток на авантура која ќе трае уште 6 месеци во Азија.
Првите две недели бевме напред/назад со здравствени проблеми. Два пати одења по болници, па дури и хоспитализација.
Прилично стресно и неверојатно непријатно да се наоѓаш така далеку од дома, кога некој има здравствени проблеми. Како родители се чувствувавме многу немоќно.

Среќа во несреќа беше што ја знаевме болницата зошто во истата таа болница беше хоспитализиран сопругот на нашето претходно патување во Пукет, па не ни беше првпат да преспиваме во болница.
Еден друг непријатен момент беше што нè пречека во сместувањето во Кох Самуи. Изнајмивме стан преку Booking кој изгледаше многу симпатично на фотографиите, но реалноста беше дијаметрално различно од фотографиите.
На фотографиите се гледаше бунгалов кој е опкружен со езерце, а реалноста беше мочуриште во која дури и се сливаше водата од мијалникот.
За среќа Booking ја прифати нашата жалба, па ние веќе следниот ден го сменивме станот.

Што најмногу ќе ви недостасува од Тајланд?
Од Тајланд ни недостасуваат и плажите и морето и храната, ама најмногу од сè луѓето.
Локалците се тие кои му даваат душа на секое место што го посетивме и тие се главната причина поради која ние од втор ден пристигнување, се чувствувавме како дома.
Научивме по неколку зборови за поздравување, и локалците секогаш беа толку пријатно изненадени и среќни кога децата ќе им кажеа здраво или благодарам на тајландски.
Неверојатно е како може еден народ, и покрај јазичната бариера, да успее да направи да се чувствуваш убаво како турист во нивната земја. Не за џабе е Тајланд, земја на насмевките.

Како мислите дека ова искуство ви го промени начинот на гледање на животот или семејството?
Кога е целото семејство на долго патување, тогаш на многу работи во животот, или подобро кажано на животот почнуваш да гледаш од друга перспектива.
Сè што било регуларно и рутина претходно, наеднаш останува во минатото и почнува секојдневието да добива нови рутини.
Мозокот излегува од состојба на автопилот, па сега е опкружен со многу нови моменти на нов јазик, различна храна, нови луѓе наоколу… Мислам дека со секоја нова локација, научивме нешто ново и (сакам да верувам), станавме малку попаметни.
Неверојатна привилегија е што сме како семејство заедно 24/7 во толкав долг период.
Во Тајланд поминавме нешто помалку од 2 месеци и сме благодарни за секој ден и момент кој го поминавме заедно во Тајланд. Најголемата привилегија во денешницата е времето поминато со семејството.

Дали токму вакви ви беа замислите за вашата авантура „Семејство на пат“? Колку помина и што останува?
Има некои работи кои ги замислувавме поинаку од тоа како испаднаа.
Нашето патување секојдневно ги тестира нашата снаодливост и прилагодливост, зошто без разлика колку работите се испланирани, секогаш ќе излегуваат нови моменти кои не си ги помислил и на кои апсолутно не си спремен.
Временски од оваа далечина би ги организирале поинаку посетите, би биле пократко на едно место, а подолго на друго на пример, но тоа се мали моменти кои не можеш секогаш да ги „погодиш“ однапред.
Секогаш има нешто што не е сосема перфектно, моменти кои не биле идеални, но тоа е дел од авантурата. Ако сè е познато, тогаш нема да биде авантура.


