Kристина Паскоска за македонските села: „Долно Дупени има најубав поглед за утринско кафе, Стење - за кампување под ѕвездите“
- Детали
- среда, 25 февруари 2026
„Локалците ме канат и тоа не само на ракија, туку и на домашно сирење, питулици, тури-потпечи, циронки, луканец. Бабите буквално сакаат да ме посвојат и ме третираат како свое дете“, вели Кристина Паскоска од Скопје, која постојано патува низ македонските села.

Кристина Паскоска од Скопје, по вокација етнолог и антрополог, сопруга и мајка е вљубеничка во македонските села и мисија ѝ е да успее да ги посети сите села во Македонија еден ден.
Таа има омилени места, но и разни приказни од нејзините патувања.
Кристина за македонските села споделува за CRNOBELO.com:
Зошто ги обожаваш македонските села - луѓето, природата или бабите што те тераат да јадеш уште?
Па, селата се темелот на државата и од таму почнала да се крои суштината на културата, но највеќе и поради она носталгично чувство заради „бабите што ме тераат да јадам“ (ха-ха).
Кога одам на село, се чувствувам близу до моите предци, до моите баба и дедо што ги изгубив додека бев малечка, и не успеав да им ги поставам сите овие прашања што денес ме интересираат.

Кое село досега ти е омилено и зошто баш тоа?
Не би можела да издвојам село кое ми е омилено, бидејќи сите се приказна за себе.
Но, веќе ако морам да бирам тоа ќе бидат селата Љубојно и Драчево. Во село Драчево сум родена, а во село Љубојно ја осознав симболиката на детството.

Најсмешна случка со некој локалец?
Шетајќи низ Ресен, застанав крај еден објект изграден во староградски стил со примеси од неокласична архитектура и посакав да дознаам нешто повеќе за истиот, па во непосредна близина се најде група на луѓе и појдов да ги прашам.
Не се претставив која сум, само љубезно им се обратив и им кажав дека сум од Скопје. Зборувавме за архитектурата, за градот и историјата, уметноста околу половина час и ме прашаа дали познавам девојче кое се занимава со етнолошки и антрополошки истражувања и се претставува со името „Мекам Мк“, од Скопје исто така.
Во тој момент, мене ми дојде смешно и убаво чувство, и им велам насмеано:
„Па, јас сум Мекам. И се изнагушкавме. Убаво ми дојде...“

Дали некоја баба те „посвои“ барем на 5 минути?
Да, бидам искрена јас одам во селата токму поради тие 5, 10, 15 минути па и час.
Како што одговорив и погоре зошто ги сакам македонските села, за да им оддадам почит на постарите и на некој начин да добијам, како што велат Американците – „closure“, додека во нашиот македонски јазик станува збор за „емотивно затворање на досието“ или „мир со минатото“.

Колку пати ти рекле „Ајде на ракија“ во еден ден?
Охоо, не само на ракија, туку и на домашно сирење, питулици, „тури-потпечи“, циронки, луканец итн. Супер професија имам (ха-ха).

Имаш ли научено некој локален израз што те изненадил?
Дрмун – тоа е кујнски сад за домашно производство на тарана.

Каде јадеше највкусна домашна пита?
Највкусната домашна пита ја јадев во село Арвати, во домот на првата семејна винарија во Преспа.
Додека највкусна питулица јадев во домот на мојот соговорник дедо Боше во село Кривени.
