Kристина Паскоска за македонските села: „Долно Дупени има најубав поглед за утринско кафе, Стење - за кампување под ѕвездите“
Ако треба да живееш во едно село цела година – кое би го одбрала?
Љубојно би го одбрала, бидејќи има пријатна клима, во која преовладуваат умереноконтинентални и медитерански климатски карактеристики кои условуваат подеднаква застапеност на сите годишни времиња.

По колку жители имале најмалку населените села досега и како се живее со толку жители?
Бројот низ селата со најмало човечко сведоштво, каде сум била, се движи од 8 жители до 120 најмногу, за жал.
Повеќето села станаа и викенд населби, па на тој начин се одржуваат во живот. Како се живее со толку жители, самите луѓе си знаат. Многу тешко.
Некои села, немаат ни вода сè уште, други, за жал, изгореа за време на пожарите.

Дали си се изгубила по некој земјен пат со „ќе стигнеме, само право“?
Хмм, да биде иронијата поголема, по асфалтен пат се изгубив и стигнав до слепа уличка.
Некогаш, умеам да бидам тврдоглава и инаетлива.
Има еден пат, кој се наоѓа во непосредна близина на Крстот во Крушево, кој најверојатно требало да води до нешто што требало да биде изградено, но не води – и е слепа улица (од искуство).

Кое село има најубав поглед за кафе наутро?
Во село Долно Дупени има најубав поглед за кафе наутро. Од едната страна гледаме кон планините, а од другата страна кон Преспанското езеро.

Те имаат ли прашано „Чија си ти?“ уште на влез?
Да, често прашање за идентификација е тоа. Не минува теренско истражување без тоа прашање, дури некогаш ми фали кога нема да ми го постават.

Имаш ли мисија да ги посетиш сите села во Македонија?
Низ годиниве, преку мојата работа, но и љубопитност – како човек што сака да патува, горе – долу сум посетила доста села меѓутоа не ги имав истражено темелно, па затоа ја отпочнав и експедиција низ селата во Македонија, за да можам да го сторам тоа.

Кое село има најубаво ѕвездено небо досега и најубав воздух за спиење?
Преспанското село Стење има најубаво ѕвездено небо, особено при кампување на плажа, топло го препорачувам.
Шатор или приколка и имате своја астрономска опсерваторија. Воздухот е милина за спиење.
