Марио од Скопје го посети Рио: „Криминалци со пушки те поздравуваат нормално во фавелите, туристите таму се најбезбедни“
Стадионот е исполнет со публика и туристи од целиот свет, кои со часови ги бодрат изведувачите.
Атмосферата е електрична, а глетката нереална.
Во тие моменти сфаќаш зошто Рио се нарекува престолнина на карневалот.

Рочиња (Rocinha) е другото лице на Рио и едно од најинтензивните искуства ми беше токму посетата на најголемата фавела во Бразил и една од најголемите во Латинска Америка.
Фавела е густо населена урбана заедница, најчесто изградена без урбанистички план, со куќи поставени една врз друга по стрмните ридови над градот.
Од тие ридови се пружа можеби најубавиот поглед кон Рио, контраст кој остава без зборови.

Во фавела не се влегува сам. Ние бевме со локален водич кој пораснал таму, но се преселил.
Кога го прашав зошто, ми одговори едноставно: „Не сакам моите деца да растат во средина каде криминалот е опција“.
Улиците се толку тесни и стрмни што единствен начин на движење е со мотор само по главната улица.
Секој водич и мотор-такси има свој идентификациски код кој се проверува на одредени пунктови.

Во голем дел од фавелата е строго забрането снимање.
Причината е јасна - во тесните улички отворено се продава дрога, а територијата ја контролираат вооружени лица.
Видовме луѓе со тешко оружје, нешто што дотогаш сум го гледал само на филм.
Најчудното чувство? Тие те поздравуваат сосема нормално.

Во овие заедници, формалната држава има ограничено влијание.
Полицијата таму не смее да влезе, а редот го одржуваат криминални структури, предводени од локален „лидер“ или „командант“, кој ја контролира територијата.
Сите што работат таму плаќаат одреден „данок“ кај него.

Интересно е што, иако звучи парадоксално, туристите се релативно безбедни, сè додека ги почитуваат правилата.
Во фавелата кражбите и насилството врз туристи строго се казнуваат. Таму важат поинакви правила.

Постојат над 1.000 фавели во Рио, а околу 130 од нив се поголеми и организирани заедници.
Конфликтите меѓу групите и полицијата не се реткост.

Неколку месеци пред мојата посета, во обид за полициска акција против локален криминален лидер, загинале десетици лица, меѓу кои и полицајци.
Контрастот во Рио е неверојатен -од една страна луксузни квартови, од друга страна фавели кои живеат по свои правила, но со најубав поглед кон градот.

