Марио од Скопје го посети Рио: „Криминалци со пушки те поздравуваат нормално во фавелите, туристите таму се најбезбедни“
Рио го видов и од воздух, а летот со хеликоптер без врати над градот на соништата беше вистинско доживување.
Ако мислев дека Рио ме освои од улица, од плажа и од Самбодромот, сепак вистинскиот момент на воодушевување дојде кога се најдов во воздух.
Одлучив да направам нешто што поинакво - лет со хеликоптер без врати.

Во моментот кога седнуваш во хеликоптерот и сфаќаш дека меѓу тебе и градот нема ништо освен појасот што те држи, адреналинот нагло расте.
Нема стакло. Нема пречка. Само отворено небо и Рио под тебе.

Полетувањето беше брзо. За неколку секунди веќе се издигнувавме над Атлантскиот океан.
Под мене беа златните песоци на Копакабана, малку подалеку Ипанема, со препознатливата форма на бреговата линија.

А потоа - моментот што се памети цел живот.
Хеликоптерот се приближува до Христос Спасителот (Cristo Redentor), огромната статуа што доминира над градот.
Од таа висина, со раширените раце над Рио, споменикот изгледа уште помоќно.

Да леташ покрај него, без врати, со ветерот што удира директно во тебе е чувство што не може да се пренесе со фотографија.
Градот под тебе изгледа како совршено сценографско платно: океан, планини, фавели по ридовите, луксузни квартови, легендарната Маракана, плажи.
Контрастот од воздух е уште поочигледен - богатство и сиромаштија, хаос и убавина, сè во еден кадар.

Во тие 30 минути лет сфатив зошто Рио важи за еден од најубавите градови во светот. Од воздух, тој не изгледа само убаво, туку и нереално.
И ако некој ме праша што е најдраматичниот момент од Бразил, ќе кажам без размислување: Рио од хеликоптер, без врати, со ветер во лице и град под мене.

Кликнете и погледнете ги видеата:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
