Ивана од Скопје живее во швајцарско село: „Си садам растенија во двор, јадам од локални фарми, гледам зајдисонца“
Плус, никој не те прашува „А што не се мажиш?“, туку те прашуваат која марка на ѓубриво ја користиш.

По оној хаос на аеродромите, тишината овде ми е луксуз што не се купува со пари.
Ритамот е бавен, а тука најбрзо нешто што се движи е тракторот на соседот (ха-ха).

Ме учи на трпение, нешто што тотално го губам кога некој турист по 50-ти пат ќе ме праша дали има Wi-Fi среде глечер на Исланд.

Омилена активност дефинитивно ми е градинарството и садењето цвеќе.
Има нешто неверојатно смирувачко во тоа да ги извалкаш рацете со земја и да се исклучиш од цел свет. Тоа ми е како бесплатна психотерапија – додека сум таму, не сум водич, туку сум само јас со моите растенија.

А кога ќе завршам, седнувам и ги чекам зајдисонцата. Тие се мојот секојдневен ритуал што не се пропушта и ресет од сите гужви.

Има нешто многу мило и исполнувачко во тоа што успеав да си создадам свој мирен свет и рај каде што сум своја на своето.

Работата како водич ме носи насекаде, ме запознава со луѓе и нови места, ама дворот и моите цвеќиња се тие што ми ја враќаат енергијата.

За мене слободата е баш тој баланс – да го прошетам светот, а потоа да се вратам во мојот мир и топлината на мојот дом, каде што секоја порасната билка ми значи мир и радост.