Љупка од Пробиштип се пресели во Сиднеј во име на љубовта: „Мојот партнер е Македонец, кој 40 години живее тука“
- Детали
- недела, 10 мај 2026
„Во Македонија работев како медицинска сестра повеќе од 30 години, си ја обожавав професијата. Сега, живеам во центарот на Сиднеј, во пентхаус со поглед на Harbour Bridge и Сиднејската опера, постојано одиме на плажа, бајка е“, вели Љупка Даниловска (55) од Пробиштип.

Љупка Даниловска (55) од Пробиштип, по професија медицинска сестра, сега живее во Сиднеј, Австралија.
Со партнерот се запознале во 2011 година, а oд 2019 година се во врска и токму љубовта ја одвела во Сиднеј.
Љупка вели дека сега не работи како медицинско лице, но дека си ја обожавала професијата во Македонија и ѝ буди само најубави спомени.
Љупка ја споделува својата приказна за CRNOBELO.com:
Како започна вашата љубовна приказна? Каде и како се запознавте?
Нашата приказна започна во 2011 година кога нè запознаа заеднички пријатели.
Мојот партнер е Македонец кој живее во Австралија повеќе од 40 години.
Иако сè започна како пријателство, по неговата посета на Македонија во 2019 година, нашиот однос прерасна во интензивна и искрена љубов.

Колку беше тешко да се донесе одлуката да се преселите во Австралија? После колку време ја донесовте?
Одлуката дојде природно, иако не беше лесна. По неколкумесечна интензивна комуникација и разговори по 2-3 пати дневно, тој ми предложи да одам за Нова година.
Првично планирав престој од 3 месеци со неплатено отсуство од работа, но поради пандемијата, тие месеци се претворија во години.

Што ве плашеше најмногу пред заминувањето? Како реагираа вашите блиски на таа одлука?
Ме плашеше непознатото и далечината, но желбата да бидам со човекот што го сакам беше поголема.
Моите блиски ме поддржаа бидејќи ја гледаа мојата среќа.

Тука работевте како медицинско лице, што работите таму?
Во Македонија работев како медицинска сестра повеќе од 30 години, работа која ја обожавав.
Во Австралија во моментов не ја работам истата професија, но мојот живот е исполнет со патувања и поддршка на мојот партнер во нашите заеднички планови.

Какви беа вашите први впечатоци од Австралија?
Првиот впечаток беше како да сум во бајка. Живееме во центарот на Сиднеј, во пентхаус со поглед на Harbour Bridge и Сиднејската опера.
Сè изгледаше многу модерно, средено и величествено.

Со кои предизвици се соочивте на почетокот? Дали имавте културен шок?
Најголемиот предизвик беше периодот на пандемијата кој нè затекна, но благодарение на љубовта и поддршката од партнерот, брзо се прилагодив. Сиднеј е космополитски град и лесно е да се фати ритамот.

Каков беше вашиот прв впечаток за луѓето во Австралија?
Луѓето се многу срдечни. Бев примена со многу љубов од роднините и пријателите на мојот партнер уште на првата заедничка Нова година.
