На одмор со Јасмина на Сардинија: „Островот бара многу возење, 5 дена не се доволни, плажите се како на Инстаграм“
- Детали
- сабота, 25 јули 2026
„Нашето петдневно патување започна со директен лет од Тирана до Алгеро. Ние за престој ја избравме западната страна на островот и градот Алгеро. За четири ноќевања плативме околу 240 евра – цена што сметаме дека е одлична ако се резервира неколку месеци однапред“, вели Јасмина Попоска од Струга за летувањето со сопругот во Сардинија.

Јасмина Попоска од Струга, професор по англиски јазик и книжевност, работи веќе 15 години во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ и Јавната библиотека во Струга како стручен соработник.
Таа живее со нејзиниот сопруг, Никола Јакимоски, во Охрид, а парот летово ги избра островот Сардинија како дестинација за одмор.
За Сардинија се вели дека е од оние места кои изгледаат премногу убаво за да бидат вистински. Ги гледате на социјалните мрежи и мислите дека фотографиите се обработени со филтри. Но, кога ќе стигнете таму, сфаќате дека природата направила подобра работа од кој било филтер.
Сардинија е вториот по големина остров во Медитеранот, место каде што белите песочни плажи и тиркизното море создаваат глетки што потсетуваат на Малдивите или Карибите.

Jaсмина го споделува своето искуство за CRNOBELO.com:
„Нашето петдневно патување започна со директен лет од Тирана до Алгеро. Во летната сезона од Тирана има директни линии и со Ryanair и со Wizz Air.
Летовите на Ryanair, според нас, имаат идеален распоред – пристигнувањето е околу 8 часот наутро, а враќањето околу 18 часот попладне. Тоа практично значи дека не губите ниту еден ден од одморот.
Дополнително, билетите со Ryanair најчесто се нешто поевтини, а летови има на секои неколку дена.
Летот трае околу час и 15 минути, а од аеродромот во Алгеро до центарот на Алгеро има редовни автобуси на секои 30 минути и цената е 2 евра.

Bolt и Uber нема во Сардинија, а такси до центарот чини околу 25 евра. Ние за престој ја избравме западната страна на островот и градот Алгеро.
Уште пред патувањето сфативме дека локацијата е многу важна, па резервиравме апартман на само една минута пешачење од плажа. За четири ноќевања плативме околу 240 евра – цена што сметаме дека е одлична ако се резервира неколку месеци однапред.

Алгеро е едно од оние места каде што уште првиот ден се чувствува вистинскиот медитерански дух.
Преку ден животот се одвива покрај морето, на долгите песочни плажи, а навечер целиот град се преселува на шеталиштето и во стариот дел.

Плажите во самиот град се уредени, со ситен песок, кристално чисто море и бројни барови. Водата е толку проѕирна што дното се гледа речиси насекаде, а бојата е навистина иста како на фотографиите – без филтри.
Сепак, најголемиот шарм на Алгеро е неговиот стар град. Опкружен со масивни камени ѕидини изградени покрај морето, со тесни калдрмисани улички, мали плоштади и историски градби, тој изгледа како сцена од филм.
Најубаво е да се посети по 19 часот, кога жештината попушта, а улиците оживуваат. Прошетајте по старите градски ѕидини со поглед кон морето, посетете ја Катедралата „Санта Марија“, разгледајте ги бројните бутици со локални производи, продавниците со корали, по кои Алгеро е познат и седнете во некој од рестораните или винските барови во срцето на стариот град.

Многумина прашуваат дали Сардинија е скапа. Одговорот е – да, но не толку колку што очекувавме во Алгеро, а на другите места и плажите беше поскапо.
Во споредба со Македонија, рестораните се нешто поскапи.
За добра пица ќе платите од 10 до 15 евра, тестенините најчесто чинат од 12 до 18 евра, додека специјалитетите со морска храна започнуваат од околу 20 евра.
Кафето е одлично и чини околу 1,5 до 2 евра, а сладоледот од 3 до 5 евра. Ако сте љубители на гастрономијата, задолжително пробајте свежи морски плодови, домашните тестенини и, секако, вистинскиот италијански сладолед.
