На одмор со Јасмина на Сардинија: „Островот бара многу возење, 5 дена не се доволни, плажите се како на Инстаграм“
Инаку, Сардинија е една од најпосетените летни дестинации во Италија, па затоа добро планирање е половина од успешно организираното патување.
Паркинзите кај најпознатите плажи во текот на јули и август се исполнуваат уште во раните утрински часови, па доколку сакате добро место и безгрижен ден, тргнете порано.
Доколку планирате еднодневна тура со брод, особено до архипелагот Ла Мадалена, резервирајте ја неколку недели однапред, бидејќи во шпицот на сезоната местата многу брзо се распродаваат.
И уште една работа што нè изненади – морето навистина изгледа како на разгледниците. Фотографиите не претеруваат. Боите се толку интензивни што на моменти имате чувство дека не сте во Европа, туку на некој далечен тропски остров.

По првиот ден поминат во Алгеро, ни стана јасно дека ако навистина сакате да ја запознаете Сардинија, автомобилот не е луксуз – туку неопходност.
Иако островот има јавен превоз, тој не е практичен за туристите кои сакаат да посетат повеќе плажи и различни места во текот на денот.
Автобусите не сообраќаат доволно често, а до некои од најубавите плажи речиси и да нема директен превоз.

Рент-а-кар е нешто што задолжително треба да го резервирате однапред. Наш совет е автомобилот да го резервирате уште веднаш штом ќе ги купите авионските билети.
Во летната сезона побарувачката е огромна, па ако чекате до последен момент, многу лесно може да останете без слободно возило или да платите двојно повисока цена.
Во зависност од периодот, цените најчесто започнуваат од околу 80 евра на ден, а во јули и август можат да достигнат и повеќе од 120 евра дневно.
При изнајмување задолжително е да се поседува меѓународна возачка дозвола и пари на сметка за депозит. Она што веднаш ќе го забележите е дека патиштата се одлични, со прекрасни панорамски погледи, а возењето низ Сардинија е вистинско уживање.

Сардинија е многу поголема отколку што изгледа.
Кога ќе ја погледнете на карта, можеби ќе ви изгледа како мал остров кој лесно може да се обиколи за неколку дена. Но, реалноста е сосема поинаква.
Сардинија е долга околу 270 километри и широка околу 145 километри. Само возењето од Алгеро до Олбија трае околу час и половина, а до некои јужни делови се патува и повеќе од три часа.
Затоа, ако имате само пет дена, најдобро е да изберете еден регион и детално да го истражите. Ние се одлучивме за северниот дел на островот, каде што се наоѓаат дел од најубавите плажи во Европа.

La Pelosa е плажа која ќе ви ги промени очекувањата и е изгласана во топ 50 најдобри плажи во светот за 2026 година. Таа се наоѓа на околу час и дваесет минути возење од Алгеро.
Искрено, мислевме дека фотографиите на интернет се малку претерани. Не беа!
Бел песок, неверојатно проѕирна вода и тиркизни нијанси какви ретко се гледаат дури и на егзотични дестинации. Морето е долго плитко, речиси без бранови, што ја прави плажата совршена и за семејства со мали деца.
Не е случајно што La Pelosa редовно се наоѓа на листите на најубавите плажи во Европа. Влезот е ограничен, а правилата се строги. За да се зачува природната убавина, бројот на посетители секој ден е ограничен.
Потребно е однапред да резервирате термин преку официјалната страница, а при влез добивате идентификациска алка која мора постојано да ја носите на раката.
Контролите се редовни, а казните за влез без резервација или без алка можат да бидат високи. Исто така, задолжително е под пешкирот да поставите специјална подлога или сламена престирка, за да се заштити чувствителниот бел песок.
Забрането е и собирање песок, школки или камчиња од плажата.
На прв поглед можеби изгледаат како строги правила, но токму благодарение на нив La Pelosa и денес изгледа речиси недопрено.

Наш совет е посета на La Pelosetta. Доколку не успеете да резервирате место за La Pelosa бидејќи има 1.500 резервации на ден и тие се букирани месеци однапред, не дозволувајте тоа да ви го расипе планот.
Веднаш до неа се наоѓа La Pelosetta – плажа која практично е продолжение на La Pelosa.
Таму не е потребна резервација, атмосферата е помирна, а морето е исто толку кристално чисто.
Искрено, за целодневен престој дури ни се допадна повеќе, бидејќи имавме повеќе простор и помалку гужва, а и уредувањето е полуксузно. Без разлика која плажа ќе ја изберете, чувството е исто – како да се капете во природен базен со тиркизна вода.
По денот исполнет со сонце и море, повторно се вративме во Алгеро.
Вечерната прошетка низ осветлените калдрмисани улици, со сладолед во рака и звукот на брановите во позадина, беше совршен крај на уште еден ден во Сардинија.
