На одмор со Агнеса во Неа Мудања: „Бев со ќерките и мајка ми, вечера со морско во таверна чинеше 55€ за четворица“
- Детали
- вторник, 21 јули 2026
„Пријатно се изненадив од цените. За чадор и две лежалки се плаќаат 25 евра, но тие пари не се дополнителен трошок - ги користите за храна и пијалаци во бич-барот. И цените во рестораните ми се сосема прифатливи“, вели Агнеса Органџиева и ни раскажа детали за одморот со ќерките, со нејзината мајка и внукот.

Агнеса Органџиева, нашата инфлуенсерка и водителка на емисијата „Агнеса шоу“, веќе неколку дена е на семејно летување во Неа Мудања, Грција.
Таа ужива во друштво на мајка ѝ, своите две ќерки и внукот.
Времето го поминуваат на плажа, во прошетки, се сончаат, забавуваат пливајќи, и како што вели Агнеса за CRNOBELO.com, создаваат нови семејни спомени на кои со задоволство ќе се сеќаваат уште долго.

А за летувањето, колку брзо поцрнува и дали обожава да плива или не е голем љубител на вода, но и какви се цените во овој дел од Грција, Агнеса ни раскажа во разговорот, во нашиот серијал: „На одмор со...“:
Ова лето одморот го поминав во Неа Мудања, Грција, заедно со моите ќерки, внукот и мајка ми.
Не ми е првпат да сум таму - веќе неколкупати сум ја избрала оваа дестинација затоа што навистина ми одговара.
Блиску е, мирно е и нуди сè што ми е потребно за квалитетен семеен одмор.

Инаку, не сум љубител на долгите летни одмори. Повеќе сакам во текот на целата сезона да си дозволам неколку пократки патувања од по четири-пет дена.
Така имам чувство дека летото трае подолго и успевам почесто да се одморам и да ја наполнам енергијата.
Овој пат избрав нов хотел-апартман со прекрасен поглед кон морето.
Локацијата беше токму она што го посакував - до плажата нè делеше само едно мало патче, па за неколку чекори веќе бевме на море.
Тоа беше голем плус, особено затоа што бев со моите ќерки, внукот и мајка ми.
Кога сместувањето е толку блиску до плажата, целиот одмор е многу поопуштен и без непотребно планирање.

Секогаш ми е интересно да откривам нови плажи и да менувам локации, бидејќи секоја има своја убавина и атмосфера.
Но, исто така, обожавам и денови кога едноставно ќе се препуштам на сонцето и морето, без никакви обврски.
За мене, вистинскиот одмор е баланс помеѓу малку авантура и многу моменти за целосно опуштање на плажа.

Меѓу хотелско сместување и апартман, повеќе сакам апартман.
Причината е што на одмор не сакам да бидам врзана со распоред.
Не ми одговара да станувам рано за да стигнам на појадок.
Кога ќе се разбудам, најпрво ми требаат свежо цеден сок и кафе, па дури по еден-два часа сум подготвена за појадок.

Од друга страна, предноста на хотелите е што храната е подготвена и не мора да размислувате за готвење.
Но, јас најдов баланс што ми одговара - појадокот го подготвуваме во апартманот, кога нам ни одговара, а за ручек и вечера уживаме во локалните ресторани, каде што храната е секогаш свежа и вкусна.
Така имаме и слобода и вистинско гастрономско уживање.
