Бојана од Скопје со два куфера заминала во Малта, денес таму има семејство: „Породилното трае 4 месеци, во градинка сами носиме храна“
Со оглед на тоа што работиш во хотел, секојдневно среќаваш луѓе од различни земји. Што најмногу те изненадува? Какви туристи се Македонците?
Работата во хотел ми овозможува да запознавам луѓе од буквално целиот свет. Секоја националност има свои навики, а со текот на времето почнувате да препознавате одредени модели на однесување.
Македонците, според моето искуство, се навистина добри туристи. Најчесто сакаат да прошетаат, да посетат што повеќе знаменитости и да го искористат максимално времето што го имаат.
Ретко се случува да имаат некакви сериозни забелешки.
Ако треба да издвојам националност со која хотелите имаат најмногу предизвици, тоа би биле Британците. Голем дел од нив по враќањето дома бараат рефундација за сместувањето.
Интересно е што за време на престојот речиси никогаш немаат поплаки, а потоа пристигнуваат барања од типот: „Вечерта пред да си заминам видов мравка на терасата, барам да ми бидат вратени парите“.

Од друга страна, Италијанците се неверојатно штедливи. Многумина не купуваат ни вода, туку постојано ги полнат шишињата од диспанзерот на рецепција. Некогаш бокалот го дополнуваме и по дваесет пати во текот на денот.
Една од поинтересните ситуации што ми останала во сеќавање беше група од девет Италијанци. Во кафетеријата само двајца нарачаа кафе, а останатите седум седеа и ги гледаа.
Потоа нè прашаа кој маркет е најевтин. Кога им кажавме, проверија на мапа и заклучија: „Одлично, само седум километри се. Ќе одиме пеш. На враќање двајца ќе земат такси со кесите, а останатите ќе се вратиме пеш“.
Такви анегдоти има навистина многу. Работата со луѓе никогаш не е здодевна.

Дали е Малта безбедна и добро организирана за живот на семејства со деца?
Генерално, Малта е безбедна земја. Секако, како и насекаде, има делови каде што треба да се биде повнимателен. Во последните години имаше неколку случаи на фемицид кои силно ја потресоа јавноста.
Она што ми остави добар впечаток е начинот на кој државата пристапува кон семејното насилство. Постојат многу програми за поддршка на жртвите, како и специјализирана интервентна единица која реагира исклучиво во вакви случаи.
Законот исто така е променет, па жртвата повеќе не може да ја повлече пријавата – постапката продолжува до крај, што сметам дека е многу важно.
Кога станува збор за семејниот живот, многу работи зависат од самата организација на родителите. Државата нуди одредена поддршка, но ако не се организирате добро, никој нема да го направи тоа наместо вас.

Нашата ќерка Викториа моментално посетува Child Care. Градинката работи од понеделник до петок, од 6:00 до 17:15 часот, а за викенд не работи.
Тоа значи дека едниот од родителите мора да има работно време што ќе може да се усогласи со распоредот на детето. Во нашиот случај, тоа најчесто сум јас.
Животот овде бара многу добра координација, но кога ќе се воспостави рутина, сè функционира многу полесно.

Како е да се одгледува дете во Малта? Дали има поразлични принципи и пристапи отколку кај нас? Како го поминувате слободното време?
Од самиот почеток, родителите кои не се државјани на ЕУ треба да бидат подготвени дека децата многу рано тргнуваат во градинка.
Породилното отсуство трае четири месеци, па дури и ако се искористи дополнителен годишен одмор, најчесто веќе од петтиот месец детето почнува да посетува Child Care.
Секако, постои можност за продолжено родителско отсуство, но не секоја компанија го одобрува. Тоа значи дека родителите мора многу брзо да воспостават добра организација.
Во првите месеци треба да се биде подготвен и на тоа дека детето почесто ќе се разболува додека го гради имунитетот.

Затоа е неопходна добра координација меѓу родителите за да можат да ги усогласат работните обврски и грижата за детето.
Слободното време најчесто го поминуваме надвор. Во лето речиси секој слободен ден сме на плажа.
Наш омилен избор е Għadira Bay, која е идеална за семејства со мали деца. Има долга песочна плажа, што е реткост за Малта, а морето е плитко, мирно и кристално чисто.
Во зимскиот период најчесто одиме во Националниот парк Салини, во паркот кај Аквариумот или во Ta’ Qali National Park, каде што има мала фарма и децата можат да ги хранат и галат животните.
Има работи што навистина ми се допаѓаат, но има и нешта што ми недостигаат од Македонија.
На пример, кај нас има многу повеќе игротеки и содржини за деца. Во Малта тие се значително помалку.

Како функционира здравството? А како образовниот систем? Дали Викториа оди во градинка?
Здравствениот систем функционира малку поинаку отколку кај нас. Секој доктор, без разлика дали е матичен или специјалист, има приватна ординација.
На пример, кога ќе дознаете дека сте бремени, најпрво закажувате преглед приватно.
По првите прегледи, докторот ве прашува дали сакате бременоста да ја водите приватно или во државната болница.
Ако се одлучите за државно, истиот тој доктор ве презема и таму, но претходно мора да го посетите приватно.
Тоа „препраќање“ од приватната во државната ординација најчесто чини помеѓу 60 и 90 евра. Тоа ми беше малку необично кога дојдов.
Што се однесува до образовниот систем, сè уште немаме многу лично искуство, бидејќи Викториа оваа есен ќе започне со Kinder 1.
Во моментов посетува Child Care Jack and Jill, каде што одлично се чувствува. Децата од четири месеци до три години посетуваат Child Care, што е бесплатно доколку двајцата родители се вработени.

Интересно е што таму не се обезбедува храна. Родителите секое утро носат појадок, ручек и ужина, спакувани во обележани садови, а воспитувачките им ги сервираат.
Групата на Викториа брои дванаесет деца, за кои се грижат три воспитувачки. Иако станува збор за државна установа, организацијата и активностите се навистина за пофалба.
Секоја недела имаат различна тема на која работат, а во текот на летото секој петок организираат „Beach Party“ со водени игри. Викториа едноставно обожава да оди во градинкa.
Многу ми се допаѓа и начинот на кој ги прославуваат родендените. Родителите носат ручек, ужина, торта и украси за сите деца.
Славеникот добива посебно внимание, а секое дете си заминува дома со мало подароче. Често организираат и мини-дискотеки, па децата танцуваат и навистина уживаат.

Како е да се биде родител во Малта, далеку од семејството и помошта од најблиските?
Да се биде родител далеку од семејството не е лесно. Најголемиот предизвик е што немате баба, дедо или некој близок на кого можете да се потпрете во секој момент.
Најтешко е кога детето ќе се разболи, а ниту еден од родителите не може да земе слободен ден. Во такви ситуации немате многу избор.
Не е вообичаено да ангажирате некого да чува болно дете, па мора сами да се организирате и да најдете решение.
Сепак, со текот на времето научивме одлично да функционираме како тим. Можеби токму тоа нè направи уште посилно семејство.
За среќа, често ни доаѓаат гости од Македонија. Живееме во стан со три спални соби и секогаш има место за најблиските.
Искрено, многу сакаме кога имаме гости. Куќата веднаш станува пожива, повесела и барем на кратко имаме чувство дека дел од Македонија е со нас.

Што најмногу ви недостасува од Македонија? Би се вратиле ли некогаш?
Најмногу ми недостигаат семејството и пријателите. На сопругот, пак, најмногу му недостигаат зеленилото и планините. Тоа е нешто што Малта едноставно го нема.
И покрај тоа што веќе пет години живееме овде, Македонија засекогаш ќе биде нашиот дом. Таму сме родени, таму сме израснати и таму ни се корените.
Многу ни е важно и Викториа да знае од каде потекнува. Се трудиме да ја носиме во Македонија најмалку двапати годишно, а барем една од тие посети да трае околу еден месец.
Интересно беше што токму во Македонија првпат виде жолти есенски лисја и беше воодушевена. Сè уште нема видено снег, па со нетрпение го чекаме и тој момент.
Во моментов не размислуваме за целосно враќање. И двајцата сме во постапка за добивање долгорочен престој, што ќе ни овозможи петгодишен престој независен од работодавач и речиси исти права како граѓаните на Европската Унија, со исклучок на правото на глас.

Воедно, јас сум во подготовка за отворање сопствена компанија која ќе нуди консалтинг услуги и помош при изработка на различни видови дозволи.
Тоа е идеја што ја носам со себе уште од моментот кога пристигнав во Малта и конечно дојде време да ја реализирам.
Животот нè научи дека никогаш не треба да велиш „никогаш“. Вратата за Македонија секогаш ќе биде отворена, затоа што таа е нашиот дом.
Но, во оваа фаза од животот нашите планови се поврзани со Малта.
Сакам нашата приказна да биде потсетник дека секој почеток е тежок. Ќе има моменти кога ќе се прашувате дали сте ја донеле вистинската одлука.
Но, ако сте подготвени да работите, да учите и да не се откажувате, секој предизвик може да стане чекор поблиску до целта.
На крајот, не е важно каде живеете. Најважно е да изградите место што ќе можете да го наречете дом.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело