Дарко Петрушевски: „На Канарските острови кафе е 70 денари, мохито 300 и ви изгледа дека сте во тропски рај“

„Овие шпански острови, кои се навистина блиску до Африка, се колоритен рај каде ќе ве дочека и вулкан и егзотични плажи и пустински дел и сместување и ресторани со пристојни цени“, раскажува скопјанецот Дарко Петрушевски.

darko-petrushevski-na-kanarskite-ostrovi-kafe-e-70-denari-mohito-300-i-vi-izgleda-deka-ste-vo-tropski-raj-01.jpg

Дарко Петрушевски е 35-годишен скопјанец кој обожава патувања, но некако најмногу срцето го води кон Шпанија. Покрај Барселона за пролетни прошетки, кога е летото во прашање негов избор во последните две години се Канарските острови.

Годинава со неговата сопруга Александра летуваа на Гран Канарија, додека минатата година како дестинација за летен одмор го избраа островот Тенерифе.

Тој ги пренесува своите искуства оттаму за CRNOBELO.com:

За Канарските острови...

На околу три часа летање од Барселона, во близина на брегот на Мароко се наоѓаат Канарските острови. Тоа е архипелаг составен од седум мали острови Тенерифе, Гран Канарија, Фуертевентура, Ланзорте, Ла Палма, Ла Гомера и Ел Хиеро. Иако се толку блиску до Африка, сепак со векови се дел од Шпанија.

Ова е еден колоритен архипелаг каде се мешаат митовите со сегашноста, климатските зони и боите на природата. За овие острови, прв пат разбрав, пред многу години, кога добив разгледница од мојата братучетка.

На разгледницата беа претставени слики од различни делови од островите. Бев изненаден што истовремено видов тропско место, полно со вегетација, пустини и снежна планина.

darko-petrushevski-na-kanarskite-ostrovi-kafe-e-70-denari-mohito-300-i-vi-izgleda-deka-ste-vo-tropski-raj-06.jpg

За климата...

Само што ќе излезеш од аеродром, добиваш чувство дека си во некој тропски крај. Вегетацијата воопшто не потсетува на она што го гледаме долж Медитеранот. Насекаде гледаш палми, а особено карактеристични за островите се палмите со банани.

Во разговор со локалните жители сфатив дека на островите владее вечна пролет. Температурите, генерално, се движат во граница од 20 до 30 степени. Преку ден знае да биде топло, ама навечер е пријатно за спиење, така што ретко можеш да видиш клима уреди по ѕидовите на зградите и куќите.

Дожд врне прилично ретко (најмногу декември и јануари), иако утрата се секогаш облачни, а и маглата е честа појава на Тенерифе.  Сепак интересно е тоа што климата знае и значително да варира зависно  од тоа на кој дел од островите се наоѓаш.

darko-petrushevski-na-kanarskite-ostrovi-kafe-e-70-denari-mohito-300-i-vi-izgleda-deka-ste-vo-tropski-raj-09.JPG

За жителите...

И на Тенерифе и на Гран Канарија ќе ве дочекаат гостољубиви жители. Ретко зборуваат англиски ама срдечно ке се потрудат да ве услужат, па и да ве научат по нешто на шпански.

Жителите на двата острова, потајно веруваат дека живеат на остатоците на митскиот остров Атлантида, кој исчезнал пред многу години.

Насекаде ќе видите споменици од домородците, кои ги сретнале Шпанците, при освојувањето на островите. Тоа биле високи луѓе, со светли очи и тен и се верува дека се дел од цивилизацијата која живеела на Атлантида.

darko-petrushevski-na-kanarskite-ostrovi-kafe-e-70-denari-mohito-300-i-vi-izgleda-deka-ste-vo-tropski-raj-21.jpg

За транспортот...

И на Тенерифе и на Гран Канарија се изградени автопати и се вози особено брзо.

Јавниот превоз е добро организиран. Автобусите се нови, климатизирани и секогаш на време. Возачите ќе ве дочекаат насмеани и секогаш срдечно ќе ве  отпоздрават.

darko-petrushevski-na-kanarskite-ostrovi-kafe-e-70-denari-mohito-300-i-vi-izgleda-deka-ste-vo-tropski-raj-04.jpg

За храната...

Островите се познати по бананите и насекаде ќе видите плантажи со банани. Килограм чини околу 1 евро, зависно од периодот. Исто така, се одгледуваат и други егзотични растенија, како на пример, манго, папаја, кокос и плодови од кактуси.

Кога ќе седнете во ресторан секогаш прво ќе бидете понудени со свежо уловена риба. Прва на мени е локалната риба „Черне”, па после тоа свежа туна и сабјарка.

Секако, на менито не изостануваат и други специјалитети, како на пример шкампи во врело маслиново масло, паеља со морски плодови, јастог и традиционалниот канарски компир. Имаат огромен избор на вина, како и препознатливата сангрија.

darko-petrushevski-na-kanarskite-ostrovi-kafe-e-70-denari-mohito-300-i-vi-izgleda-deka-ste-vo-tropski-raj-07.jpg

За цените...

Цените во маркетите се слични како оние во Скопје. Во рестораните може да јадеш порција риба,  морски плодови или паеља за цена од 10 до 12 евра, зависи од локацијата.

Кафе на плажа чини од евро и дваесет, па нагоре, додека мохито од 5 до 7 евра.

darko-petrushevski-na-kanarskite-ostrovi-kafe-e-70-denari-mohito-300-i-vi-izgleda-deka-ste-vo-tropski-raj-08.JPG

За забавните паркови...

Штом стигнете на островите веднаш ќе ве дочекаат реклами за Лоро и Сијам Парк. Двата парка се наоѓаат на Тенерифе.

Лоро парк е мал парк со егзотични животни. Исто така, може да се видат и фантастични егзибиции со морски лавови, орка китови, делфини и папагали.

Сијам паркот е прекрасен аква парк. Имаат доста адреналински тобогани, а за мене најинтересен беше POWER OF TOWER, каде се спушташ во слободен пад, неколку минути и на крај поминуваш низ тунел лоциран во аквариум со ајкули.

darko-petrushevski-na-kanarskite-ostrovi-kafe-e-70-denari-mohito-300-i-vi-izgleda-deka-ste-vo-tropski-raj-05.jpg

За вулканите...

Втората атракција која ја посетивме на Тенерифе беа природните базени во селцето Гаричоко, сместено директно под вулканската планина Теиде.  Тоа се базени кои се формирале од вулканска лава.

Кога сме кај вулканите, секоја почит треба да ѝ се оддаде на планината-вулкан Теиде, сместена во срцето на Тенерифе. Врвот на планината е со височина од 3.700 метри и е највисокиот врв во Шпанија.

Со жичница стигнавме до висина од 3.400 метра. До самиот врв се стига пешки, меѓутоа мора да се најавиш месец дена однапред кај локалните власти, дека сакаш да го посетиш. Кога си блиску до врвот добиваш чувство дека си на друга планета.

Насекаде околу тебе има вулкански карпи, кои се црни и со посебен сјај. Воздухот е редок и тешко се диши поради големата надморска височина. Зимно време на самиот врв има снег, а често е обвиен и во магла.

Кога го прашав водичот дали вулканот е активен, само тивко ми одговори „Tеиде спие”. Тоа би значело дека во секој момент може да еруптира. Последната ерупција била во 1908 година.

darko-petrushevski-na-kanarskite-ostrovi-kafe-e-70-denari-mohito-300-i-vi-izgleda-deka-ste-vo-tropski-raj-19.jpg

За плажите...              

Ако Тенерифе се издвојува по прекрасната и карактеристична природа, како и прекрасните паркови, приматот за плажите оди кај Гран Канарија.

Тенерифе има плажи со црн, вулкански песок. Повеќето од нив се мали и не толку атрактивни. Како најголема атракција се сметаат двете плажи направени од песок донесен од Сахара, Ла Тересита и Лас Америкас, на северот и југот од островот.

darko-petrushevski-na-kanarskite-ostrovi-kafe-e-70-denari-mohito-300-i-vi-izgleda-deka-ste-vo-tropski-raj-03.jpg

Мене лично повеќе ми се допаднаа природните плажи, со нормален песок на Гран Канариа. Тука ќе ги издвојам Лас Цантерас, Маспаломас, Плаја Енглес, Порто Рико и за мене најубавата Плаја Де Амадорес.

darko-petrushevski-na-kanarskite-ostrovi-kafe-e-70-denari-mohito-300-i-vi-izgleda-deka-ste-vo-tropski-raj-20.JPG

За сместувањето...

Сместување може да се најде и по цена од 25 евра, двокреветен апартман, па нагоре, зависно од локацијата.

На Тенерифе бевме сместени во градот Пуерто Де Ла Круз. Имавме одлично сместување, на само 10 минути пешачење од плажата Жардин. Апартманот беше во близина на главната автобуска станица, и центарот на градот.

Пуерто Де Ла Круз е мало идилично и историско гратче. Се работи за мирно место, кое избилува со ресторани и кафулиња. Инаку, Санта Круз Де Тенерифе е главниот град.

darko-petrushevski-na-kanarskite-ostrovi-kafe-e-70-denari-mohito-300-i-vi-izgleda-deka-ste-vo-tropski-raj-02.jpg

На Гран Канарија, бевме сместени во главниот град Лас Палмас. Сместувањето беше лоцирано на само 3 минути пешачење од преубавата плажа Лас Цантерас и во близина на паркот Санта Каталина.

Лас Палмас е голем град со 380.000 жители и заедно со Санта Круз на Тенерифе, се главни градови на Канарските Острови. Самиот град изобилува со голем број на, јас би рекол, „бесконечни” шеталишта и прекрасни панорами на Атлантскиот океан, така што ако некој е љубител на долги прошетки, топло би му ги препорачал.

darko-petrushevski-na-kanarskite-ostrovi-kafe-e-70-denari-mohito-300-i-vi-izgleda-deka-ste-vo-tropski-raj-10.JPG

За крај би препорачал задолжително да го посетите овој „зафрлен” тропски дел од Европа. Тоа што ќе го видите и доживеете, вечно ќе остане во вашите сеќавања, како еден убав спомен.     

Фотки од Тенерифе и Гран Канарија:   

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Јордан Колевски го замени Скопје за Торонто: „Животот овде е прекрасен, луѓето се топли и љубезни, р... „Овде секој ќе те поздрави иако не те познава, луѓето се топли и насмеани. Ми се...
Моника и Никола патуваа од Скопје до 3 грчки острови со скутер: „Поминавме 1.800km, ни се запали куф... „На пат кон Атина имавме мало патешествие, кое за среќа нè чинеше само 2 изгорен...
Антонио Димоски живее на Бали: „Луѓето се многу фини и добри, но сообраќајот е хаос“ Антонио Димоски од Охрид е фриленсер во областа на човечки ресурси и дигитален м...
Драган од Скопје за животот на Флорида: „Луѓето во Тампа се прељубезни, полицаец ми ја подари својат... „Луѓето на Флорида знаат да почнат разговор со вас иако не ве познаваат, да ве п...
Милош Боев: „Работев во Етиопија 8 месеци како градежен инженер – сакав да се вратам назад со првиот... „Кога пристигнав во кампот, од сите страни беше затворено со бетонска ограда вис...
Вирџинија Ристеска за патувањето во Ерменија: „Храната е поевтина од кај нас, автобуска карта чини 1... „Ереван е мал и нема некои атракции како големите европски градови како Париз и ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg