Томе и Александар: „Македонија не е само Скопје и Охрид, „Виаторум“ мапата е доказ за тоа“

Летото и не беше така лошо и мрзоволно како што беа првичните претпоставки. Иако границите беа затворени и речиси немавме пристап до морски ширини и егзотични дестинации, сепак на крајот од денот за патување ја имавме цела Македонија. Можеби истражување и запознавање на сопствената земја на сите ни недостигаше.

zapoznajte gi tomi i aleksandar kreatorite na greb mapata viatorum so sto istrazuvanjeto na makedonija stanuva edna golema avantura 3

Во моментот кога луѓето се помирија со реалноста дека границите се затворени за најголем број на странски дестинации се појави првата греб мапа за Македонија, наречена Виаторум.

Овој авантуристички производ во вистинска смисла на зборот мотивираше многу луѓе да излезат од удобноста на своите домови и да се препуштат на авантура. Самиот производ и неговата суштина допринесе до развој на домашниот туризам кај нас.

Зад греб мапата стојат Томе Димитриевски, архитект и активен спортист, кој слободното време го користи за планинарење и дружење со пријатели и Александар Богоевски, економист и претприемач. Животот во различни држави и градови во Европа и светот на Александар му го имаат разбудено интересот за патување, како и искусување на нови дестинации со интересна традиција и култура.

Томе и Александар се дружат веќе седум години, а нивното запознавање се случило на еден спортски настан. Она што ги споило тогаш, а и понатаму го одржува нивното другарство се ентузијазмот за животот и авантуристичкиот дух.

zapoznajte gi tomi i aleksandar kreatorite na greb mapata viatorum so sto istrazuvanjeto na makedonija stanuva edna golema avantura 1

„Сите патувања на кои сум бил се сами по себе интересни, но и различни. Доколку треба да издвојам некои од нив, би го издвоил патувањето низ САД на кое со задоволство се сеќавам, бидејќи ми буди спомени од студентските денови и кое сакам да го прераскажувам.

Имено, се качивме во кола и отидовме да ја прошетаме Америка, така што си поставивме предизвик за десетина дена да поминеме околу десетина држави, тргнувајќи од Чикаго па сè до западниот брег. Посетивме интересни локации како Колорадо, Вајоминг, Јужна Дакота, пустините во Аризона, Лас Вегас и секако брегот на Пацификот во Калифорнија. 

Исто така, од поскорешните патувања од кои носам прекрасни спомени би ги издвоил патувањата во Бразил и Египет. Самата помисла на овие две земји со различна култура веќе доволно говорат за искуствата кои таму ги доживеав“, се присетува Александар на неговите патувања.

Од друга страна, Томе како највозбудливо го издвојува искуството во САД и road trip-от со неговите другари низ бивша Југославија. Тоа за него се незаборавни авантури и моменти, исполнети со дружење, забава, спиење под отворено небо и истражување на необични локации.

„Имавме голема желба да создадеме нешто што со коешто ќе ја промовираме Македонија како земја и коешто ќе остави своја трага. После долго време размислување, што би можеле заедно да креираат економист и архитект, дојдовме до идејата за греб мапа на Македонија.

Идејата за греб мапа не е нова, но едноставно помисливме, зошто да не ја приспособиме и за нашата земја. Иако звучи како едноставна идеја, сепак потребно е да се вложи многу труд, волја, трпение и љубов за да се оствари проект како што е овој.

Процесот на креирање траеше неколку месеци, од првите проблеми како да изгледа, какви материјали да се искористат, па сè до тоа кои локации да бидат вметнати на мапата. Во врска со самото име на нашиот производ, Виаторум, интересен е фактот дека тоа потекнува од латинскиот збор „viator“ кој значи патник, а ние ја преземавме падежната форма viatorum со цел да производот да го наречеме мапа на патниците“, споделуваат Томе и Александар за настанувањето на греб мапата.

На Виаторум интензивно работеле околу пет-шест месеци. Правеле детално истражување на атрактивни места, археолошки локалитети, природни убавини… Сите тие локации графички ги илустрирале и создале една целина што денес ја препознаваме како првата греб мапа на Македонија.

„Веројатно успехот на греб мапата доаѓа од нашата искрена желба да понудиме нешто интересно, производ кој секој може да си го дозволи, а ќе ја промовира нашата земја и нејзиниот туризам, па кај љубителите на авантури и патувања ќе побуди желба повеќе да ја истражуваат и запознаваат првенствено својата држава.

Нашите сограѓани, не само младите, се сами по себе големи авантуристи и тоа ние го воочивме. Решивме да го надоградиме тој авантуристички дух додавајќи цел и мотив, оној кој ќе ја изгребе целата мапа стварно може да каже дека ја познава Македонија и сите нејзини убавини“, споделуваат двајцата пријатели за успехот на мапата.

Признаваат дека ни тие самите сè уште ги немаат изгребано сите 122 локации, па затоа и за нив мапата претставува мотив за истражување во рамките на територијата на нашата земја.

„Како и секој авантурист на Виаторум, така и ние сакаме да почувствуваме како е да се има мапата со себе на сите патувања, па секогаш во нашите ранци има место резервирано за неа! Едноставно го прави патувањето поинтересно и повозбудливо, како да одите да откриете некое богатство скриено од пирати пред многу векови“, додаваат Томе и Александар.

За нив двајца секоја посета на одделна локација е авантура сама по себе. Поради тоа што сите локации не ги посетуваат заедно, често по враќање од патувањето седнуваат и во четири очи ги споделуваат интересните факти и си даваат препораки еден на друг.

Посебно им претставува задоволство кога ќе се најдат на некоја од означените локации и токму таму ќе начекаат некого кој се фотографира со греб мапата. Велат дека тоа чувство на гордост тешко се опишува.

„Повеќето туристи кога ќе дојдат во Македонија, претежно знаат да го прошетаат Скопје или Охрид, а останатите градови, села и планини многу ретко ги посетуваат. Доколку некој турист би имал време вистински да ја доживее Македонија, тогаш секако во зависност од тоа кој дел од земјата би сакал да го посети, мапата може да му помогне во изборот на рута која би го насочила кон најубавите места од тој предел. На пример на патот од Скопје до Охрид би го однеле да ги види Гари, Лазарополе, Вевчани, Радожда …“, предложуваат двајцата.

Охрид и локациите околу Охридско Езеро, дефинитивно биле едни од најпосетуваните локации во Македонија ова лето. Љубопитноста за тоа што се крие под секое неизгребано поле на мапата, го поттикнува секој авантурист да скршне од патот и да ја посети локацијата што му недостига.

„Со оглед на тоа што секојдневно добиваме фотографии и видео-записи од корисниците на Виаторум, засега мислиме дека сè уште никој не ја изгребал целата мапа, но во скоро време се надеваме дека ќе има сè повеќе и повеќе авантуристи кои ќе ја реализираат таа цел“, завршуваат Томе и Александар, кои покрај тоа што работат на нова верзија од греб мапата на Македонија со нови локации, паралелно имаат и нови идеи за нови производи во духот на Виаторум.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Марко Џамбазоски: „Сакам да истражувам и да покажам дека Македонија е многу повеќе од Скопје и Охрид... Марко Џамбазоски од Скопје со неговиот авантуристички дух постојано ја истражува...
Стефан Савевски за патувањето во Јордан: „Ја посетив Петра 4 пати, за Македонците треба виза, а лока... „Невозможно е да пропаднеш во водата на Мртвото Море дури и да вложиш напор, сам...
Александар и Стефан: „Во средно ни снемуваше пари, па со автостоп си одевме во родните градови - сег... Александар и Стефан за време на средношколските денови, како цимери, ограниченио...
Милош Боев: „Работев во Етиопија 8 месеци како градежен инженер – сакав да се вратам назад со првиот... „Кога пристигнав во кампот, од сите страни беше затворено со бетонска ограда вис...
Александар Василевски, наш јутјубер во Малта: „Си купив стан, а мажите локалци и до 35-тата година ж... „Локалците во типичните малтешки села имаат навика да испечат локален колач и да...
Битолчанката Дивна 13 години работи на брод: „Од аниматор за деца стигнав до директор на одделот, Ма... „Со оглед дека во Македонија беше тешко да се добие работна позиција по завршува...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg