Марија Петровска живее во Словенија: „Земјата е зелен рај, Словенците се дисциплинирани и се чудат на македонските свадби“

„Во љубовните врски би рекла дека се поангажирани отколку кај нас. Многу повеќе време поминуваат со саканата личност, со семејството, можеби заради тоа што тука нема кафеани, не знам. Но, бракот како институција, сметам дека не го ценат доволно. Генерално важи дека Словенците не се мажат/женат, а живеат заедно и создаваат семејство.“, раскажува 31-годишната Марија Петровска.

marija-petrovska-zhivee-vo-slovenija-zemjata-e-zelen-raj-slovencite-se-disciplinirani-i-se-chudat-na-makedonskite-svadbi-01.jpg

Марија Петровска има 31 година, а пред 5 години се пресели од Македонија да живее во Словенија затоа што таму ја пронајде љубовта на својот живот.

Таа е позната како едно од заштитните лица на магазинот Бекстејџ, каде работеше со години.

Сега, во Словенија работи како асистентка на директорката на Заводот за култура во Марибор – Standupsi.com. Се занимава со организација на стенд ап настапи во Словенија и пошироко.

За животот во Словенија таа открива детали за CRNOBELO:

Колку време живееш во Словенија и како се одлучи на ваков чекор?

Во Словенија живеам веќе 5 години, тука се преселив во декември 2015-тата. Главната причина поради која се одлучив на ваков чекор беше моето момче Михаел.

Се запознавме во 2009-тата година, кога јас бев втора година на Стоматолошкиот факултет во Скопје, смер стручен забен техничар. Тогаш Михаел, како млад демонстратор на словенечката фирма Интердент, дојде кај нас на факултет да ни одржи дводневно предавање. Нема да навлегувам во детали, ќе кажам само дека си се допаднавме на прв поглед и тоа беше предавање кое ми го промени животот.

marija-petrovska-zhivee-vo-slovenija-zemjata-e-zelen-raj-slovencite-se-disciplinirani-i-se-chudat-na-makedonskite-svadbi-06.jpg

По неколкугодишна врска на далечина, дојдовме до точка, кога моравме да се одлучиме што понатаму. Затоа што и јас со естрадниот магазин Бекстејџ, од кој бев дел со години, и тој со Интердент постојано бевме на пат и со тек на време стана многу тешко да се одржува тоа темпо.

Во 2015-тата, решивме дека е време еден од нас да се пресели и некако и двајцата се согласивме дека тоа би требало да бидам јас.

marija-petrovska-zhivee-vo-slovenija-zemjata-e-zelen-raj-slovencite-se-disciplinirani-i-se-chudat-na-makedonskite-svadbi-23.jpg

Колку жители има градот во кој живееш? Долови ни ја атмосферата оттаму, темпото на живот …

Живеам во Цеље, на повозрасните веројатно познато по брендовите Топер, Златарна Цеље и Аеро Цеље, за оние малку помладите по дом на ракометниот клуб Цеље Пивоварна Лашко.

Цеље е многу стар град со богата историја на која неговите цељани се особено горди. Самиот град има околу 38.000 жители и е трет најголем град во Словенија, по Љубљана и Марибор.

Бројките на страна, самиот град остава впечаток на мало и интимно место кое дише култура и историја. Центарот на градот, каде што ние живееме, е ден вид културен споменик со стари фасади, калдрма, археолошки наоѓалишта од времето на Келтите и остатоци од Римската Целеа, како што се именувало Цеље за време на Римската империја.

Низ него тече реката Савиња, чиј кеј е рај за сите вљубеници во спортот и природата. Над него се издигнува Стариот замок, кој некогаш бил дом на славните Цељски грофови.

marija-petrovska-zhivee-vo-slovenija-zemjata-e-zelen-raj-slovencite-se-disciplinirani-i-se-chudat-na-makedonskite-svadbi-05.jpg

Темпото на живот тука е доста помирно, полежерно од Скопје, но не би рекла дека е здодевно. На лето општината секоја вечер организира бесплатни концерти, претстави и настани, а во декември Цеље се претвора во права зимска бајка.

Последната сабота од ноември е резервирана за мојот омилен ритуал. Тогаш целиот град се збира на главниот плоштад, каде градоначалникот традиционално ги пали сијаличките, по што градот добива празнично руво и со тоа официјално се отвора Божиќниот маркет, кој важи за најубав во Словенија.

marija-petrovska-zhivee-vo-slovenija-zemjata-e-zelen-raj-slovencite-se-disciplinirani-i-se-chudat-na-makedonskite-svadbi-10.jpg

Годинава за жал, заради коронавирусот сè тоа е малку поразлично и приспособено на мерките, но повторно е прекрасно.

marija-petrovska-zhivee-vo-slovenija-zemjata-e-zelen-raj-slovencite-se-disciplinirani-i-se-chudat-na-makedonskite-svadbi-16.jpg

Прв впечаток за Словенија?

Првиот впечаток за Словенија ми беше: „Разгледница!“ Буквално каде и да погледнеш е зелено, средено и прекрасно. Првиот впечаток за Словенците пак, дека воопшто не се ладни и недостапни, како што стереотипно мислиме.

marija-petrovska-zhivee-vo-slovenija-zemjata-e-zelen-raj-slovencite-se-disciplinirani-i-se-chudat-na-makedonskite-svadbi-09.jpg

Го научи ли лесно јазикот?

Поприлично лесно. Веројатно ја имав таа среќа, да имам одлична професорка по словенечки, а и да бидам искрена уште од мала некако ми одат странските јазици. Помага и фактот што немам срам и страв да пробам да зборувам или да побарам помош.

Тука морам да го пофалам и Михаел, кој е неверојатно трпелив и цели пет години неуморно ме поправа кога ќе згрешам.

На почетокот ме плашеше тоа што словенечкиот јазик покрај еднина и множина има и двоина, како тоа да не е доволно, има и шест падежи. Меѓутоа работите кои ми изгледаа најтешки ги совладав од прва.

Најмногу проблеми ми правеа сличностите со македонскиот јазик, кога ист збор има потполно друго значење (на пример лице на словенечки е образ, а образ е лице) и акцентот. За разлика од македонскиот јазик каде акцентот секогаш паѓа на третиот слог од крајот на зборот, односно на вториот кај двосложни зборови и на единствениот слог кај едносложните зборови, во словенечкиот јазик нема правила. Акцентот кај секој збор паѓа на различен слог и тоа се учи само по слух.

Само десет месеци откако се преселив во Словенија почнав да работам во локалното радио Radio Fantasy и првото нешто што им го кажав на тогашните колеги беше: „Ве молам, ако нешто кажам или напишам погрешно, поправете ме.“ Неизмерно сум им благодарна затоа што тоа го сфатија сериозно и навистина ми помогнаа да го совладам јазикот во целост.

marija-petrovska-zhivee-vo-slovenija-zemjata-e-zelen-raj-slovencite-se-disciplinirani-i-se-chudat-na-makedonskite-svadbi-17.jpg

Какви се на поле професија? Колку брзо се снајде ти на поле кариера?

Не така едноставни и организирани колку што мислев дека се пред да се преселам. Неверојатно тешко е да најдеш фирма која ќе те вработи.

Повеќето работодавачи преферираат да си самостоен вршител на дејност, кој сам си ги плаќа своите придонеси и на крајот на месецот само им издава сметка за изршената услуга. Сметам дека тоа создава чувство на лажна слобода во работниот однос, а всушност носи една голема несигурност за работникот.

Од друга страна, позитивно е што во Словенија не ти треба партиска книшка за да добиеш работа. Не е важно за кого гласаш на избори или колку дипломи имаш, тука газдите ги интересира само колку си компетентен и колку знаеш.

Како што кажав претходно, јас најдов работа 10 месеци по преселбата. Во Radio Fantasy работев како видео продуцентка, снимав и монтирав видеа за нивниот YouTube канал, ја уредував нивната интернет страница и профилите на социјалните мрежи.

Таму работев сè до јануари 2019-тата, кога добив понуда за работа во Standupsi.com, каде што работам и ден денес.

marija-petrovska-zhivee-vo-slovenija-zemjata-e-zelen-raj-slovencite-se-disciplinirani-i-se-chudat-na-makedonskite-svadbi-18.jpeg

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Марко Џамбазоски: „Сакам да истражувам и да покажам дека Македонија е многу повеќе од Скопје и Охрид... Марко Џамбазоски од Скопје со неговиот авантуристички дух постојано ја истражува...
Стефан Савевски за патувањето во Јордан: „Ја посетив Петра 4 пати, за Македонците треба виза, а лока... „Невозможно е да пропаднеш во водата на Мртвото Море дури и да вложиш напор, сам...
Милош Боев: „Работам во Нигерија како инженер - полиција со оружје ме чува 24/7, едвај се навикнав“ „И одењето во ноќен клуб е со режим за безбедност. Ми приоѓаа луѓе кои сакаат за...
Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
Марија Стамболиќ за патувањето во Јапонија: „Мажи во костуми на полноќ играат Покемон и пијат виски ... „Во Јапонија не беше културно да се зборува во метро и исто така телефоните мора...
Милош Боев: „Работев во Етиопија 8 месеци како градежен инженер – сакав да се вратам назад со првиот... „Кога пристигнав во кампот, од сите страни беше затворено со бетонска ограда вис...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg