Владо Јаневски живее во Австралија, а има посетено 60 земји: „Змија може да има и среде Сиднеј, на пајаците се навикнуваме брзо“

„Целиот свет е убав и треба да се патува. Со големо задоволство ги прераскажувам доживувањата од престојувањето во Рим, Париз, Лондон, Мадрид, Виена, каде сум бил повеќепати. Пловењето по Нил и влегувањето во пирамидите во Египет. Живописните савани и џунгли во Африка и блиските средби со животните од тој фантастично убав свет. Пловењето на дофат од Нијагарините водопади и нивната заглушувачка бучава кога си само на неколку метри од високиот пад на водата“, раскажува Владо Јаневски, писател и сликар, кој повеќе од три децении живее во Австралија и има посетено над 60 држави во светот.

vlado janevski pisatel i slikaj koj zivee vo avstralija znaejki deka nema da bide vecno na ovoj svet covekot se obiduva da najde mesto kade kje moze namira da zivee 7

Владо, повеќе од триесеттина години живее во Австралија, а неговата улога на патник брои над 60 посетени земји во светот.

Колку и на кој начин се испреплетуваат доживеаните искуства со приказните кои ги раскажувате?

Искуствата од патувањата се како лична ризница во која, на пример, ако пишуваш или сликаш можеш секогаш да најдеш инспирација за нова приказна – било тоа да е нов расказ, роман, слика, илустрација, стрип епизода и слично.

Доживеаното искуство ми е особено важно во она што го пишувам. Но не е тоа автобиографско, туку повеќе е од типот: си бил некаде, си доживеал нешто и знаеш како потоа ќе се вклопи во она што си наумил да го напишеш, си ја поставил конструкцијата на делото на тло што си го поминал со свои нозе и знаеш како таа треба да изгледа од сите страни.

На тој начин добиваш во убедливоста на материјалот и тродимензионалноста на она што го пишуваш. Не знам колку сум успеал во тоа, но отприлика така се испреплетени доживеаните искуства со она што потоа го раскажувам. Додека патувам или меѓу две патувања, освен пишување, честопати имам обичај да правам брзи скици од посетените места или на свој стилизиран начин преку слика или илустрација да го доловам доживеаното.

vlado janevski pisatel i slikaj koj zivee vo avstralija znaejki deka nema da bide vecno na ovoj svet covekot se obiduva da najde mesto kade kje moze namira da zivee 11

Вашиот ракопис „Мртвите знаат најдобро“ го освои првото место на конкурсот за најдобар необјавен роман на годината „ПЕГАЗ“, организиран од  издавачката куќа „Арс Ламина“ и фондацијата „Славко Јаневски“. Романот го напишавте за релативно кратко време и тоа во периодот кога целиот свет беше затворен поради коронавирусот. Можно ли е тој период на човечко отуѓување да ви ги отвори внатрешните граници и да ѝ даде простор на вашата приказна да исплови на површина?

Кога седнувам да пишувам, пишувам брзо. Романот го напишав за околу седум месеци. Првично не планирав да го праќам на конкурсот, бидејќи не ми се веруваше дека ќе успеам да го завршам на време. Меѓутоа, речиси преку ноќ се најдов во изолација заради коронавирусот и одеднаш немаше можност да се патува, но затоа пак, ми се отвори повеќе време целосно да се фокусирам на пишувањето.

Така, на некој начин благодарение на изолацијата, се случи приказната побрзо да исплива на површината и „Мртвите знаат најдобро“ беше завршен за релативно кусо време. Романот веќе и се објави пред нецел месец и е достапен во книжарниците во Македонија.

Во истиот период на оваа изолација ми се објави и романот „Чудо зад аголот“. На крајот, 2020 се покажа како исклучително плодна година за мене. Тука ќе ја додадам и веста за која само што дознав, дека моите бајки „Луѓето и змејовите“ и „Папагалот и кучето“, испратени на неодамнешниот анонимен конкурс „Современи бајки од Македонија“ на Арс Ламина се исто така прифатени и наскоро би требало да се објават во некоја од нивните едиции.

vlado janevski pisatel i slikaj koj zivee vo avstralija znaejki deka nema da bide vecno na ovoj svet covekot se obiduva da najde mesto kade kje moze namira da zivee 12

Вие сте еден од ретките Македонци кои живеат во Австралија, а го негува македонскиот литературен јазик. Поради тоа што живеете таму, може од прва рака да ни ја доловите вистинската слика за сочувувањето на изворниот мајчин јазик во странство?

Навистина би се радувал ако не сум редок пример на некој што и после повеќе од три децении живеење во странство продолжува да го негува македонскиот литературен јазик. Во добар дел за ова сум ѝ благодарен и на мојата партнерка која одлично го владее нашиот јазик и понекогаш има обичај да ме коригира кога ќе си почнам да зборувам по битолски.

Звучи како излитена фраза, но мајчиниот јазик е навистина нашата вистинска татковина и стожер на нашиот идентитет. Без неговото сочувување веројатно би се чувствувал изгубено во светов.

Во текот на денот, со ретки исклучоци дома, комуницирам и размислувам на англиски, но кога ќе седнам да пишувам претпочитам да навлезам во светот на творештвото користејќи го својот мајчин јазик. Имаме убав и зачудувачки богат јазик и тоа е причина повеќе да го сочуваме и негуваме.

vlado janevski pisatel i slikaj koj zivee vo avstralija znaejki deka nema da bide vecno na ovoj svet covekot se obiduva da najde mesto kade kje moze namira da zivee 13

Во едно ваше интервју велите дека сте заминале од Македонија поради ограничената слобода на изразување, лошата финансиска состојба, минималните можности за напредување во кариерата..., но што ви овозможи Австралија, а не можевте да го пронајдете во Македонија?

Заедно со мојата партнерка бевме принудени да ја напуштиме Македонија заради погоре наведените ограничувања. Во Австралија за некој како нас имаше далеку поголема слобода на изразување и сигурност, поголема можност да се докажеме во професиите без притоа да бидеме партиски врзани или потчинети, пристап до институции кои ефикасно си ја вршат работата - без товар на корупција и без поткуп, ефикасна администрација сведена на минимум, грижа за граѓанинот, висок квалитет на образование и здравство, функционална и ефикасна мрежа на најразлични онлајн услуги.

Ова е само мал дел од она што, за жал, во Македонија го нема во реалноста или со години тапка на некои почетни позиции и никако да се помрдне оттаму.

vlado janevski pisatel i slikaj koj zivee vo avstralija znaejki deka nema da bide vecno na ovoj svet covekot se obiduva da najde mesto kade kje moze namira da zivee 16

Вашето животно искуство, а и раскажувачот што го поседувате во себе може совршено да го долови секојдневието на Австралијците. Барем субјективно да го пренесете она што се простира пред вас. Каков е животот таму? Дивиот свет? Хуморот?

Луѓето како луѓе воглавно се многу слични насекаде по светов. Во принцип нема некоја поголема разлика помеѓу некој просечен човек во Македонија или во Австралија. Но ако нема добар и ефикасен систем и ако оние што се на власт не си ја вршат работата тогаш обичните луѓе имаат тенденција да пропаѓаат на сите нивоа од секојдневниот живот со прилично забрзано темпо. Таков е случајот во Македонија.

Во Австралија системот е далеку поефикасен и, сеедно која е партијата на власт, има развиена свест на отчет и одговорност - ако некој не си ја врши работата следува оставка, а партијата на власт бидува казнувана на следните избори токму од обичните луѓе.

Што се однесува до животот на нашиот Македонец во Австралија – кога се преселив тука решив да напишам нешто токму на таа тема, притоа доловувајќи го и хуморот, и мислам дека успеав во тоа со романот „Made in Jabana“ а подоцна донекаде и со следниот роман „Под друга капа“. „Made in Jabana“ беше во потесен избор за роман на годината во Македонија и бев пријатно изненаден од позитивните коментари за него од оние што се занимаваат со пишаниот збор.

Тукашниот хумор е специфичен за ова поднебје и е нешто измеѓу светски познатиот филм „Крокодилот Данди“ и песната „Даун Андер“. А дивиот свет е особено забележителен надвор од големите градови, но и среде Сиднеј може да ве изненади поголема змија.

За среќа досега само еднаш сум имал (пријателска) средба со змија во живо. За најразличните видови пајаци да не зборувам, но човек брзо се навикнува на тоа. Тука за сите има место и сме се научиле да живееме заедно.

vlado janevski pisatel i slikaj koj zivee vo avstralija znaejki deka nema da bide vecno na ovoj svet covekot se obiduva da najde mesto kade kje moze namira da zivee 8

А што е со кенгурите?

Кенгурите не ги има само наоколу туку честопати наоѓаат место како ликови/јунаци и во моите стрипови. Таму не само тие туку и змиите добиле посебно место и имаат што да кажат.

Како човек што три децении живее во Австралија, што е она што би ги посоветувал оние кои имаат желба да се преселат таму?

Мислам дека во целиот свет на оваа мала планета, на овој или оној начин, има потенцијал за пристоен живот. За жал, најчестите виновници за страдањата на обичните луѓе се оние политичари што по секоја цена се жедни за власт и не ѝ мислат добро на својата земја и на својот народ. Знаејќи дека нема да биде вечно на овој свет, човек се обидува да најде место каде ќе може намира да живее, подалеку од најризичните видови на екстремизам и заслепеност.

Верувам дека Австралија е такво место и само заради тој подобро организиран начин на живеење човек може да размислува да се пресели тука. Во тој процес - познавањето на англискиот и соодветна струка можат во голема мера да помогнат за полесно вклопување во тукашниот начин на живеење.

vlado janevski pisatel i slikaj koj zivee vo avstralija znaejki deka nema da bide vecno na ovoj svet covekot se obiduva da najde mesto kade kje moze namira da zivee 14

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Марко Џамбазоски: „Сакам да истражувам и да покажам дека Македонија е многу повеќе од Скопје и Охрид... Марко Џамбазоски од Скопје со неговиот авантуристички дух постојано ја истражува...
Милош Боев: „Работам во Нигерија како инженер - полиција со оружје ме чува 24/7, едвај се навикнав“ „И одењето во ноќен клуб е со режим за безбедност. Ми приоѓаа луѓе кои сакаат за...
Марија Стамболиќ за патувањето во Јапонија: „Мажи во костуми на полноќ играат Покемон и пијат виски ... „Во Јапонија не беше културно да се зборува во метро и исто така телефоните мора...
Милош Боев: „Работев во Етиопија 8 месеци како градежен инженер – сакав да се вратам назад со првиот... „Кога пристигнав во кампот, од сите страни беше затворено со бетонска ограда вис...
Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
Бранко Илиески за патувањето во Перу: „100 пати да се вратам на Мачу Пикчу, нема да ми биде здодевно... „Во Перу јадат и морски прасиња. Ги печат на жар, како во фурна. Секако дека про...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg