Вирџинија Ристеска: „Јордан е најбезбедната арапска земја, а во изгубениот град Петра губиш чувство за време и простор“

„Јордан не само што е најбезбедната арапска земја иако се наоѓа во ова конфликтно подрачје, туку и земја со најгостопримливите луѓе на планетава чија историја и природа нема никого да остави рамнодушен. Иако се наоѓаат места каде што хумус и фалафел се јаде за џабе, цените генерално им се европски: кафе од 3-5€, пиво од 5-7€, традиционално јадење 10-15€ итн.“, раскажува Вирџинија Ристеска за CRNOBELO.com.

virdjinija risteska jordan e najbezbenata arapska zemja a vo izgubeniot grad petra gubish cuvstvi za vreme i prostor 5

Вирџинија Ристеска (30) од Скопје е дипломиран актер и страстен патувач.

Неодамна се врати од нејзиното патување во Јордан, па во продолжение следува разговор со неа каде ни ги раскажува доживувањата од оваа арапска земја.

Вирџинија за CRNOBELO.com открива... 

Колку долго сакаше да го посетиш Јордан?

Јас сум личност што откако почнав активно да патувам пред десетина години, решив дека ќе го видам целиот свет, така што Јордан отсекогаш бил една од дестинациите.

Сепак, пред 5-6 години, откако видов дека има евтини авионски карти од Софија, почнав да се замислувам како држам книга во рака и лебдам на Мртвото Море, како Слободан Мичиќ во фамозната емисија „Светот на дланка“ па секогаш го имав на ум кога размислував каде ќе одам следно, го чекав само правото време.

Никогаш кога планирам патување не викам ќе одам таму, туку имам некоја идеја од која почнувам - во случајов да е дестинација каде ќе биде топло во ноември и нема да врне.  

virdjinija risteska jordan e najbezbenata arapska zemja a vo izgubeniot grad petra gubish cuvstvi za vreme i prostor 13

Што најмногу те привлече за да заминеш во земјата на боите, пустините, вкусната храна и изгубениот град Петра?

Отсекогаш сум била заљубена во арапскиот свет. Архитектурата, боите, измешаниот мирис на зачини, гужвите и галамата на улиците, историјата, автентичноста и пред сè, гостопримливоста и љубезноста на луѓето.

Јордан беше сè тоа, плус убавините на древниот град Петра, нереалниот пејзаж на Вади Рам, подводниот свет на Црвеното Море и најголемата депресија на планетава - Мртвото Море кое не ти дава да потонеш.

Не ми требаше многу за да се спакувам и да тргнам.

virdjinija risteska jordan e najbezbenata arapska zemja a vo izgubeniot grad petra gubish cuvstvi za vreme i prostor 15

Со што прво се соочи откако слета на аеродромот?

Летав до Акаба, не до Аман. Сакав ова патување да го почнам со викенд на плажа во ноември. Аеродром како и секој друг, со таа разлика што виза не е потребна доколку влезете во Јордан од Акаба и останете повеќе од 3 ноќи.

Доколку слетате во Аман се плаќа visa on arrival околу $60 или е потребен Jordan Pass, додека пак Акаба, како специјална економска зона, ги ослободува патниците од истата.

Тешко е да се ослободиме од нашите очекувања пред ново патување. Со какви претпоставки тргна за Јордан, а што всушност те пречека?  

Очекував да видам уште една арапска земја, каде веќе се навикнав дека луѓето ќе ми дофрлуваат на улица поради бојата на коса.

Она што ме пречека беа веројатно најљубезните, најфините и најгостопримливите луѓе на планетава, културни и ненаметливи, подготвени да ти помогнат и излезат во пресрет во секоја ситуација и кои толку се заљубени во својата земја и сакаат да ја претстават во најубаво светло, што се најдобрите амбасадори на истата.

virdjinija risteska jordan e najbezbenata arapska zemja a vo izgubeniot grad petra gubish cuvstvi za vreme i prostor 2

Не секој сака да знае како ќе му изгледа следниот ден, но како течеше маршрутата на целото патување?

Слетав во Акаба каде наредните 2 дена ги поминав на плажа, уживајќи во 30ºC на ноемвриското сонце и подземниот свет на Црвеното Море.

Патувањето го продолжив во главниот град Аман, од каде бев до планината Небо, местото каде што Мојсеј ја видел „ветената земја“ и од каде кога е небото чисто се гледа до Ерусалим, малото гратче Мадаба и Мртвото Море.

По Аман, дојде време за Петра, едно од новите 7 светски чуда, од каде се упатив кон Вади Рум, месечевата долина каде и завршија авантурите низ Јордан и по ноќта помината во бедуински камп под ќебето од ѕвезди, се упатив кон јорданско-израелската граница во Акаба за да го продолжам патувањето низ Израел.

 virdjinija risteska jordan e najbezbenata arapska zemja a vo izgubeniot grad petra gubish cuvstvi za vreme i prostor 1

Од секое место заминуваме со грст спомени, по што ќе го паметиш Аман? 

По погледот на градот и неговите брда со бели фасади од Аманската Цитадела и контрастот од разноразни бои во везовите на традиционалните фустани кои се продаваат низ дуќаните во центарот.

По живата атмосфера и преполните улици и дење и ноќе. По најубавиот и најевтиниот фалафел сендвич во ултра познатиот Хашем ресторан, место каде што и самиот крал јаде и по сокот од калинка на секој агол.

virdjinija risteska jordan e najbezbenata arapska zemja a vo izgubeniot grad petra gubish cuvstvi za vreme i prostor 6

Изгубениот град Петра, едно од седумте светски чуда... Да се посети Петра тоа е празник на живото, како ти помина денот на овој историски и многу важен локалитет?

Во Петра стигнав покасно од планираното, влегов неколку минути пред пладне, па почнав да паничам дека нема да можам да стигнам до Манастирот, кој е уште неколку километри угорница по официјалниот крај на патеката во Петра.

virdjinija risteska jordan e najbezbenata arapska zemja a vo izgubeniot grad petra gubish cuvstvi za vreme i prostor 7

Откако зачекорив низ патеката која води до Treasury, паниката исчезна, времето стана илузија, си реков во себе „До каде стигнам - стигнам, секако тука морам повторно да се вратам“ и продолжив да чекорам меѓу камењата стари илјадници години и главниот град на Набатејското Кралство, воодушевајќи се од нивната способност да направат толку величествени зданија во самиот камен.

Сепак успеав и стигнав и до Манастирот и тоа токму на зајдисонце, кога гужвата веќе се имаше расчистено и имаше уште само десетина залутани луѓе како мене, па решив да се почастам со едно заслужено јорданско кафе од кафетеријата отспротива додека очите се воодушевуваа на величенственото здание пред мене.

BeFunky collage 1

Тука го запознав и Мухамед, бедуин што е роден и живее во Петра, кој ме воодушеви со неговиот начин на размислување.

Кога ќе се спомне зборот бедуин, луѓето обично мислат дека тоа се луѓе отсечени од цивилизацијата, кои немаат појма за остатокот од светот. Не е баш така.

Бедуините во Јордан имаат и џипови и телефони и Инстаграм и се во постојана комуникација со илјадниците туристи кои доаѓаат секојдневно да го посетат ова место.

Низ муабетот со Мухамед, чиј глас и тон беше толку смирен, како да раскажува приказна за добра ноќ, разбрав дека не живеел цело време во Петра, имало период и кога шетал, меѓутоа одлучил да се врати.

„Светот надвор е хаотичен, гласен и секогаш во брзање. Тука е тивко и мирно и имам слобода да правам што сакам, кога сакам. Тука сум слободен“ - се зборовите на Мухамед кои решив да ги понесам со себе и не само што ме наежија, туку и ме занемеа додека сонцето магично се повлекуваше и го осветлуваше Манастирот со последните зраци.

Во следниот миг, Мухамед го јавна својот коњ и исчезна низ карпите, како во сцена од филм.

virdjinija risteska jordan e najbezbenata arapska zemja a vo izgubeniot grad petra gubish cuvstvi za vreme i prostor 9

Бидејќи сонцето зајде, на враќање ме стемни. Наместо страв дека нема никој наоколу, уживав додека ги гледав ѕвездите низ процепот од камењата меѓу кои чекорев и ги слушав само сопствените чекори и дишење.

Вечерта заврши со спонтано договарање за пиво со Сахер, локален дечко кој го запознав преку Couchsurfing и неговиот другар кој бил во Македонија и ме воодушеви од неговото познавање на светската историја, па најдовме многу заеднички теми за дискусија.

Продолжува на следната страна... 



Би можело да ве интересира:

Стефан Савевски за патувањето во Јордан: „Ја посетив Петра 4 пати, за Македонците треба виза, а лока... „Невозможно е да пропаднеш во водата на Мртвото Море дури и да вложиш напор, сам...
Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
Марија Стамболиќ за патувањето во Јапонија: „Мажи во костуми на полноќ играат Покемон и пијат виски ... „Во Јапонија не беше културно да се зборува во метро и исто така телефоните мора...
Бранко Илиески за патувањето во Перу: „100 пати да се вратам на Мачу Пикчу, нема да ми биде здодевно... „Во Перу јадат и морски прасиња. Ги печат на жар, како во фурна. Секако дека про...
Милош Боев: „Работам во Нигерија како инженер - полиција со оружје ме чува 24/7, едвај се навикнав“ „И одењето во ноќен клуб е со режим за безбедност. Ми приоѓаа луѓе кои сакаат за...
Владимир од Скопје патува низ светот: „Скокав од авион во Дубаи, најевтино е во Јордан, а најскапо в... За CRNOBELO.com, Владимир од Скопје вели дека најдобра храна вкусил во Мексико, ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg