„По 3 ќерки јас и понатаму се прашувам дали сум добар татко“: Пере од „Нокаут“ за предизвиците на татковството

„Разликата во години меѓу трите ќерки е голема, па ќе рече човек веќе сум искусен и знам што ме чека. Но, секое раѓање го доживував со ист интензитет. Како да ми е прво дете. Возбуда, збунетост, среќа, љубов, мноооогу љубов. Особено затоа што сите три се женски“ – вели Пере од „Нокаут“ и за CRNOBELO.com со многу емоции зборува за ќерките Миа, Каја и Софиа.

po-3-kjerki-jas-i-ponatamu-se-prashuvam-dali-sum-dobar-tatko-pere-od-nokaut-za-predizvicite-na-tatkovstvoto-01.jpg

Никола Перевски – Пере, фронтменот на една од најпопуларните македонски групи „Нокаут“ е горд татко на три ќерки – Михаела (25), Каја (16) и Софиа (2).

Иако меѓу нив постои голема разлика во годините, Пере вели дека се многу блиски и дека двете постари ќерки се секогаш тука за Софиа, која се роди во ноември 2020 година.

Тие често ја шетаат низ парк и помагаат во сите обврски околу неа.

Во разговорот за татковството, Пере ни призна дека е горд на своите деца, пред сè затоа што растат во прекрасни личности со свои цели во животот.

На шега вели и дека трите имаат по нешто од неговиот карактер и ако се спојат нивните три карактери тогаш ќе се добие уште еден Пере...

po-3-kjerki-jas-i-ponatamu-se-prashuvam-dali-sum-dobar-tatko-pere-od-nokaut-za-predizvicite-na-tatkovstvoto-03.jpg

За CRNOBELO.com тој зборува повеќе за предизвиците ни убавините на татковството... 

Се сеќаваш ли на моментот кога првпат ги виде ќерките по нивното раѓање?

Мислам дека тоа е еден од ретките моменти во животот кои се паметат засекогаш. Го паметам секој момент, како да се случил вчера.

Какво беше чувството, особено со најмалата, бидејќи поминаа многу години откако првпат стана татко, па до раѓањето на третата ќерка?

Разликата во години е голема меѓу сите три. И ќе рече човек веќе сум искусен и знам што ме чека, но секое раѓање го доживував со ист интензитет. Како да ми е прво дете.

Возбуда, збунетост, среќа, љубов, мноооогу љубов. Особено затоа што сите три се женски.

po-3-kjerki-jas-i-ponatamu-se-prashuvam-dali-sum-dobar-tatko-pere-od-nokaut-za-predizvicite-na-tatkovstvoto-17.jpg

Колку имаше време во минатото, ама и сега, да си тука покрај децата додека растат?

Природата на мојата професија е таква да сум постојано во движење, на турнеи, концерти...

Особено кога се роди Миа, во тој период бев со првата постава на „Нокаут“. Често патував, настапував, имав проби, снимања и не ми беше лесно, ниту на мене, ниту на нивната мајка.

Но, фала Богу, тука беа бабите и дедовците од кои и ден-денес имаме огромна помош.

Така што, би рекол дека Миа најмногу го има почувствувано моето отсуство, но секој слободен момент го поминував со неа.

Каја дојде во малку помирен период, поточно во периодот кога ја оформивме новата постава на „Нокаут“ и почнувавме со проби, така што бев поприсутен.

А, Софиа се роди во 2020 година среде пандемија, што значи со неа имав можност 100% да го искусам родителството.

po-3-kjerki-jas-i-ponatamu-se-prashuvam-dali-sum-dobar-tatko-pere-od-nokaut-za-predizvicite-na-tatkovstvoto-18.jpg

Дали си помагал да се избањаат, преоблечат, си станувал ли ноќе за да ги заспиеш, нахраниш?

Не би бил родител ако не би учествувал во сето тоа. Децата имаат двајца родители и двајцата треба подеднакво да бидат вклучени во нивната грижа и одгледување.

За волја на вистината, кога ќе ме побараат на телефон и на прашањето „Како си, што правиш?“, често знам да кажам „Еве, кој што прави - јас мијам бебешки газиња“.

Колку и да се шалам, на некој начин, за волја на вистината, така е.

Cо Миа не можев 100% да се дадам заради турнеите и настапите со „Нокаут“, но никогаш не сум ги делел семејните обврски на мајкини и таткини. Сите сме заедно во ова.

po-3-kjerki-jas-i-ponatamu-se-prashuvam-dali-sum-dobar-tatko-pere-od-nokaut-za-predizvicite-na-tatkovstvoto-05.jpg

Како го минувавте времето кога децата беа помали, а како денес?

Како што растат децата, така сè повеќе сакаат да бидат самостојни, што е сосема природно.

Миа и Каја се возрасни девојки, имаат свои обврски, свој круг на пријатели, но секогаш одвојуваат место за нас.

Пораснати сме во семејства во кои семејните вредности се приоритет. И денес, ако не секој викенд, барем секој втор се собираме на ручек или на прошетка или кај нас дома или кај моите родители.

Секако дека со Софиа сме лепенки, особено затоа што јас сум слободен уметник и за разлика од сопругата немам работно време, па имам повеќе време да ја однесам во градинка, да ја прошетам, заспијам, нахранам...

Фала му на Бога и поголемите ќерки секогаш со задоволство ми помагаат околу обврските со Софиа, па неретко можете да ги видите како шетаат заедно низ парк или се лулаат на некое од околните детски игралишта. 

po-3-kjerki-jas-i-ponatamu-se-prashuvam-dali-sum-dobar-tatko-pere-od-nokaut-za-predizvicite-na-tatkovstvoto-09.jpg

Колку е всушност голем предизвикот да се биде добар татко?

Огромен. А, она што за мене е најголем предизвик е што и после 3 ќерки јас сè уште се прашувам дали сум добар татко, дали правам сè како што треба, дали можеби треба да сменам нешто, да не сум престрог, да не сум премногу мек...

Впрочем не постои книга во која можеш да најдеш точна дефиниција за добар татко.

Гледајќи ги Миа и Каја како растат во прекрасни самостојни индивидуи, со свои ставови, успеси, кариери, си велам „Па добра работа сум завршил во мојот дел од нивното воспитување“.

Ме прават горд, што значи правам нешто правилно. 

po-3-kjerki-jas-i-ponatamu-se-prashuvam-dali-sum-dobar-tatko-pere-od-nokaut-za-predizvicite-na-tatkovstvoto-25.jpg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Кире Лазаров: „Со Каролина бевме партнери за матура, поради погрешна дијагноза мислев дека рано ќе ј... „Финалето на Светското клупско првенство беше мојот најтежок натпревар во кариер...
Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Јелена Розга за CRNOBELO: „Мислев ќе се срушам од убавина кога публиката ја пееше ‘Гинем’ на цел гла... „Утрото пред концертот имав некој чуден страв, па ѝ се јавив на другарка ми и ѝ ...
Ребека, Македонка во Сан Франциско: „Животот ми приреди бура - како испливав нагоре без страв и омра... „Дефинитивно самодовербата се губи ако имате партнер кој не е тоа што сте го зам...
Маја од Скопје на 41 година го победи ракот на дојка: „Пациентите кријат дека примаат терапии, кај н... „Сакав и одлучив да живеам и мислам дека таа свесна намера беше пресудна да се п...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg