Сузана Спасовска е наша инспиративна наставничка - работи со љубов, ја декорира училницата, децата ги смета за најчисти души

„Како одделенски наставник работам 24 години. Моите почетоци беа во забавишната група, а сега работам со првачињата. Децата од мојот прв работен ден, па досега за мене се исти - чисти душички на кои треба само да им покажеме дека ги сакаме, дека сме тука за нивно добро, да успееме да ја стекнеме нивната доверба и понатаму е сè лесно. Најсреќна сум кога по грешка ќе ме наречат ‘Мамо’...“, вели наставничката Сузана Спасовска во интервју за CRNOBELO.com.

nastavnickata-suzana-ovaa-rabota-se-raboti-so-srce-i-dusha-01.jpg

Сузана Спасовска е наставничка со многу години поминати во училница и вели дека сите генерации си ги доживува како свои деца. Сузана веќе 24 години работи како одделенски наставник во основно училиште „Свети Кирил Охридски“ во скопското село Драчево.

Таа своите почетоци во училниците ги имала со забавишна група, а подоцна почнала како одделенски наставник и вели дека успешен наставник може да биде само оној кој навистина си ја сака професијата. А за неа, најголем подарок е кога учениците по грешка, ќе и речат „Мамо“.

Таа е пресреќна за првачињата оваа учебна година - нова генерација и уште еден нов предизвик за неа.

Гледано од аспект на новите технологии и интернетот во наставната програма, Сузана вели дека овие иновации, позитивно влијаат врз децата, но само доколку истите се контролирани, дома од родителите и од наставниците за време на часовите.

Наставничката Сузана објаснува дека новите генерации на ученици доаѓаат поподготвени, посигурни во себе, поотворени за комуникација, полесно се адаптираат на нова средина. Според неа, иако има многу промени во образовниот систем, улогата на наставникот е непромената, а таа е да ги сака и почитува сите ученици подеднакво и да им ја пренесе љубовта кон учењето и читањето, и да им помогнат училницата да ја доживеат како втор дом.

На почетокот од новата учебна година, наставничката Сузана вели дека најдобриот совет е за родителите, а тоа да им помогнат на своите мали дечиња и идни првачиња да сфатат дека училиштето е место како што ќе се чувствуваат убаво и пријатно, каде ќе другаруваат и дека наставникот е секогаш тука за нив, да ги учи, советува, прифаќа и сака.

Во интервју за CRNOBELO.com Сузана говори за својата професија:

Колку години работите како одделенски наставник и каде?

Како одделенски наставник работам 24 години. Моите почетоци беа во забавишната група, а сега прво одделение.

Во забавиште работев шест години. Сите знаеме дека работата со најмалите дечиња е најтешка и не е многу посакувана.

Секоја година добивав нова генерација, нови предизвици, различен состав на ученици и родители. Потребно е време да се адаптираат пред сè на престојот во училиштето, како и на мене како наставник, а и јас на нив.

Потребно е време да се стекне довербата на учениците, а пред сè на родителите. Но, јас лично го сметам тоа за моја придобивка, затоа што ова ми помогна многу полесно да се справам со предизвиците кои ме очекуваа во мојата работа понатаму.

Доколку успееме како наставници да се справиме со предизвиците со најмалечките и да ја разбереме детската психологија на оваа возраст понатаму во погорните одделенија е многу полесно.

Често се вели дека да се биде учител, наставник, воспитувач, професор е едно од најблагородните занимања. Што најмногу ви се допаѓа во вашата професија?

Потполно сте во право. Мојата професија е една од најблагородните професии. Оваа работа се работи со срце и со душа.

Успешен наставник може да биде само оној кој навистина си ја сака својата професија.

Ние, наставниците, сме едни од ретките кои во својот живот најголем дел од времето го поминуваат со нашето најголемо богатство, а тоа се „децата“. Ние слободно можеме да кажеме дека сме најбогатите луѓе на светот затоа што имаме толку многу деца во нашите животи.

Сите мои генерации си ги доживувам како мои деца. Предноста на нашата професија е тоа што оставаме траги во животите на сите наши ученици, па нека се и минимални.

Но, морам да кажам дека и дечињата оставаат трага врз мојот живот и постојано добивам позитивна енергија од нив. И во некои тешки моменти од животот лекот ми беше на часовите каде што заборавав на сите проблеми и живеев со позитивна енергија и среќа кога ќе ги видев насмеаните лица во училницата.

Почнува нова учебна година, како Вие се подготвувате за истата?

Учебната година е на прагот, но за нас наставниците таа е започната многу поодамна. Ни претстојат подготовки на нови наставни планови и програми. Планирања за текот на целата учебна година во врска со воспитно образовниот процес, но и подготовки за воннаставни и слободни активности на учениците, додатна и дополнителна настава, најразлични посети, прошетки и уште безброј други активности кои треба да се реализираат во текот на учебната година.

Исто така, јас како наставник посветувам големо внимание на уредување на училницата во којашто работам за да биде место каде што моите ученици ќе се чувствуваат пријатно. Тоа е еден многу важен фактор за успешна работа, учениците да се чувствуваат пријатно во просторот во кој ќе поминуваат поголем дел од денот.

Оваа учебна година јас започнувам со нова генерација и особено ми е важно да си ги пречекам новите ученици во убаво уреден и пријатен простор. А морам да ја напоменам и психичката подготовка за предизвиците кои ме очекуваат со новите ученици и, се разбира, тука се многу важни и нивните семејства.

Првата наша средба е многу важна за понатамошна успешна работа со учениците и соработка со родителите.

nastavnickata-suzana-ovaa-rabota-se-raboti-so-srce-i-dusha-02.jpg

Колку се смени образовниот систем со употребата на компјутери, таблети и интернет и како тоа влијае на детскиот развој и навики за учење?

Кога ќе се спомене сето горенаведено, веднаш се очекува да се има негативен став кон ова врз детскиот развој. Но, моето искуство и мислење е дека има многу позитивно влијание, но секако доколку се користи правилно со давање насоки од страна на наставниците и родителите.

Особено е важна постојаната контрола врз децата затоа што тие се особено љубопитни, па можат и да си направат штета на самите себе доколку неправилно ги користат сите овие новитети.

Во нашето училиште компјутерите и паметни таблите се одамна присутни и моето искуство е дека сега подолго време се задржува вниманието на учениците кога имаме вакви иновации во училниците.

Дали може да направите мала споредба меѓу изминатите генерации и новите, сегашните генерации на ученици?

Сите мои генерации ми останаа во добро сеќавање, а се надевам и јас на нив.

Децата од мојот прв работен ден, па досега за мене се исти. Чисти душички на кои треба само да им покажеме дека ги сакаме, дека сме тука за нивно добро, да успееме да ја стекнеме нивната доверба и понатаму е сè лесно.

Постои мала разлика во однос на предзнаењата на новите генерации, а тоа е благодарение на интернетот кој им е достапен од мали нозе.

Денешните деца се послободни во однос на моите први генерации. Ни доаѓаат поподготвени, посигурни во себе, поотворени за комуникација, полесно се адаптираат на нова средина. Тоа е многу олеснително за мене како наставник.

nastavnickata-suzana-ovaa-rabota-se-raboti-so-srce-i-dusha-03.jpg

Улогата на наставникот е да ги сака и почитува сите ученици исто... Колку се смени улогата и работата на наставниците во последните години?

Улогата на наставниците останува иста. Да ги сака и почитува сите ученици исто, да им пружи безрезервна поддршка и љубов. Да им овозможи пријатен простор и услови за учење. Да направи учениците да го засакаат училиштето и учењето уште од најмала возраст.

Ако успее да го направи тоа половина работа е завршена.

Во однос на работата ако направам споредба од моите почетоци досега сменето е многу, особено тоа што ние наставниците сме оптоварени со многу административна работа која според мене е обемна и непотребна. Тоа ни одзема многу време и енергија за подготовка за најважната работа, а тоа е пред сè работата со децата.

Понекогаш имам чувство како да сум административен работник, а не наставник.

Продолжува на следната страница....



Би можело да ве интересира:

Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Бобан Алексов живее 6 години во Данска: „Заминав 'на слепо', работа најдов случајно на Фејсбук, живо... Боби Алексов (37) од Скопје, 6 години живее во Оденсе, Данска. За себе вели дека...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Миро Кацаров за љубовта со Ивана: „Ни се случи љубов на прв поглед, по неколку месеци веќе почнавме ... „Ивана знае дека јас сум блесав и будала на свој начин, па не беше шокирана од з...
Ребека, Македонка во Сан Франциско: „Животот ми приреди бура - како испливав нагоре без страв и омра... „Дефинитивно самодовербата се губи ако имате партнер кој не е тоа што сте го зам...
Маја од Скопје на 41 година го победи ракот на дојка: „Пациентите кријат дека примаат терапии, кај н... „Сакав и одлучив да живеам и мислам дека таа свесна намера беше пресудна да се п...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg