Ивана од Прилеп е на студентска размена во Бугарија: „Овде се слуша гласот на студентите, се одлучив за Стара Загора затоа што е блиску“
Како би ја опишала Стара Загора?
Стара Загора е град на паралелните улици, еден од најстарите градови во Бугарија и град којшто може да се пофали со еден од најстарите универзитети во Европа, со безброј зелени паркови, со перфектна енергија на опуштени граѓани и тишина која започнува во 9 часот навечер.
Има добар сообраќај, граѓани кои ги почитуваат правилата еднакво (секој со автомобил застанува на пешачки, секој купува билет во градски превоз). Голем град е, но од точка А до точка Б се стигнува пеш за половина час, така што доколку немате автомобил, не е некој преголем проблем.
Кои се работите од образованието таму кои би сакала да почнат да се применуваат и кај нас?
Дефинитивно практичниот дел којшто го имаат тие би сакала да се применува кај нас.
Имаат пракса неколку дена во неделата, но не посетуваат само институции да видат како работат, туку имаат таква организација што секој студент во различен ден се судира со тоа што треба да го работи во иднина и поминува повеќе време во институцијата работејќи и стекнува искуство.
Имаат многу настани за студенти. Кога ќе кажам многу, навистина мислам дека секој ден во неделата прават нешто студентите од сите факултети. Било тоа да се конференции, презентации, работилници за празник...
Јас учествував во настанот за „Денови на Еразмус“ каде што имав презентација пред целиот колектив и ми беше дефинитивно предизвик со предобар резултат, по што бев повикана во ректоратот како почесен студент и добив сертификат за учество со подароци од Еразмус тимот на Тракиски Универзитет.
Имаат ли студентите повеќе поволности?
Партиципација за школарина плаќаат исто колку ние тука, 400 лева (200 евра) за државна и 800 лева (400 евра) за приватна квота.
Најповолно е возењето со воз кое за студентите е доста корисно. Исто како кај нас, студентите плаќаат 50% поевтин билет, а има линии од Стара Загора до сите градови низ цела држава.
Јас тоа го искористив максимално и со воз патував до Софија, Бургас, Варна и Пловдив. Мило ми е што видов дека тука се слуша гласот на студентите и спремни се на промени во секој момент.
Стипендии добиваат само студентите коишто ќе заслужат.
Многу ми се допадна и пријателскиот однос што го имаат главните органи на факултетот (декан, секретар, доцентите) со студентите.
Зошто секој студент треба да оди на размена?
Размената е искуство што на студентот најпрво му носи гледање на работите од друг агол, учи нова култура, се стекнува со самостојност и се запознава себеси.
Предизвик е, за некого е лесно за некого не е толку лесно, но јас досега не сум сретнала студент којшто бил на размена и не си ја планира веќе следната размена.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
E. П. | Црнобело