Татјана Дешко од Русија се пресели со семејството во Скопје: „Во Москва сè се завршува на еден шалтер и културата цвета - тоа ми недостига тука“
- Детали
- вторник, 27 мај 2025
„Скопје има своја душа, и иако можеби не е толку богат со културна понуда како Москва, има топлина и непосредност која многу лесно ти влегува под кожа. Доста зелен, со многу скриени места што ги откриваш со време. А најубавото – луѓето. Има нешто многу човечко во Скопје – лесно е да се поврзеш, да запознаеш, да се засмееш со некого на автобуска постојка“ - вели Татјана за CRNOBELO.com која заедно со сопругот, режисерот Иван Поповски и двете ќерки, се преселиле од Русија во Македонија.
Татјана Дешко (39) од Москва на 19-годишна возраст првпат ја посетила Македонија кога била на гости кај својот тогашен дечко, а денес сопруг, режисерот Иван Поповски.
Таа се вљубила во Охрид, но и во луѓето, но не замислувала дека 2 децении подоцна, нејзиниот дом ќе биде токму нашата земја.
Татјана и Иван, заедно со двете ќерки, живееле во Москва до 2022 година, кога сплет на околности ги натерало да дојдат во Скопје и тука да го продолжат семејниот живот.
По професија, таа е менаџер за изведувачки уметности и продуцент, вљубеник е во уметноста и културата, а неодамна отвори и свој мал бизнис кој е поврзан токму со нејзината пасија.
За разликите од животот во Москва и Скопје, предностите и недостатоците и што ѝ се допаѓа најмногу тука, Татјана открива за CRNOBELO.com...
Кога се пресели во Македонија, што те донесе тука првпат, а што те натера да останеш?
Првпат дојдов во Македонија кога имав мислам 19 години, кај тогашниот дечко, кој по 3-4 години стана и мој сопруг.
Тоа беше лето, и целиот престој го поминавме во Охрид. Се заљубив – не само во градот, туку и во луѓето и во една посебна леснотија што ја чувствував во воздухот. Но тогаш немав намера да останам тука.
Во следните речиси 15 години, прво сами, а потоа и со децата, доаѓавме секое лето со Иван (мојот сопруг) и останувавме во Охрид.
Убедена сум дека Охрид е рајско и најхармонично место, едно од најубавите во светот. Но, како и секое туристичко место, кога ќе се пренатрупа, особено кога инфраструктурата не е подготвена за тоа, знае да стане неподносливо – и тоа ми е навистина жално да го гледам.
На почетокот на 2021 година почнавме да зборуваме со Иван дека треба да завршиме некои семејни обврски во Скопје и планиравме да дојдеме за подолг период, иако не знаевме точно кога.
А потоа, по февруари 2022 заради ембарго и сите санкции, практично стана невозможно да ја продолжам мојата работа – работев во еден од најголемите театарски фестивали во Русија, „Златна маска“, каде што организирав меѓународни гостувања на најдобрите руски претстави, и обратно.
Така, се одлучивме да дојдеме во Македонија за подолг период – што сè уште трае.
Како и каде се запознавте со сопругот?
Ммм… со Иван се запознавме во театарот, каде што тој веќе беше многу популарен режисер, а јас дојдов на студентска продуцентска пракса.
И еве, сосема банална ситуација – додека пишував есеј за една негова претстава (Отровна туника), почнавме многу да разговараме за претстави, за театарот…
Со Иван ми беше исклучително интересно, и така многу брзо се здруживме, се зближивме, и почна нашата приказна – која сè уште ја пишуваме заедно.
Како ви изгледаше животот во Русија во споредба со Македонија?
Ха-ха многу различно – во секоја смисла! Русија е мојата татковина и го сакам бескрајно мојот град.
Москва е град на музеи, театри, концерти, литература, историја, уметност, паркови, во Москва цело време се појавуваат различни нови местенца, и за тоа лицето на градот цело време се менува, ама стварно последните 10 години Москва многу се разубавела.
Тоа не е само град – тоа е дел од мене. Таму се моите спомени, моите луѓе, моите улици по кои чекорев и кога бев дете, и кога сонував да станам тоа што сум денес. Секојпат, кога помислувам на Москва, срцето ми трепери.
Скопје, обратно, е многу мал град (во споредба со Москва), и токму затоа тука сè станува јасно многу брзо. Тука е и планината – веднаш до тебе – каде можеш да се прошеташ, да здивнеш.
И тука секое случување има посебна тежина – едно мало предавање, изложба, концерт… некако сите знаат за тоа, и сите сакаат да бидат дел.
Градот има своја душа, и иако можеби не е толку богат со културна понуда како Москва, има топлина и непосредност која многу лесно ти влегува под кожа.
Доста зелен, со многу скриени места што ги откриваш со време. А најубавото – луѓето. Има нешто многу човечко во Скопје – лесно е да се поврзеш, да запознаеш, да се засмееш со некого на автобуска постојка. Тоа не го добиваш баш на секој агол од светот.
Сепак секаде има свои предности и недостатоци. Москва е многу активен град, понекогаш дури и премногу нервозен.
Луѓето таму се нервираат буквално секоја минута, постојано се обидуваат да испланираат по неколку задачи на ден, но ретко кога успеваат – поради огромните растојанија, метежот, сообраќајниот хаос… И нормално, потоа следуваат фрустрација и разочараност.
Но, од друга страна, токму поради тој ритам, во Москва е сè многу добро организирано – здравствени установи, банки, јавен превоз, метро, брзи возови, онлајн услуги, такси, музеи, Москва стана современ и ептен дигитализиран град.
Сè функционира брзо и ефикасно. Не можеш да „заглавиш“ во бирократија – речиси сè можеш да средиш брзо, онлајн или со само едно одење на „еден шалтер“.
Тоа ми недостасува во Скопје – нема таков систем кој ти овозможува лесно и брзо да решиш обична задача.
Овде најчесто сè зависи од луѓето – дали се на работа, дали се на пауза, дали имаат време, дали воопшто се расположени за работа…
Па мораш да чекаш или да се враќаш неколкупати. Но, фала Богу, барем Скопје е мал град – дури и ако одиш од еден до друг крај, нема да изгубиш повеќе од 20 минути. Така што, на крај, сепак успеваш да завршиш многу нешта.
А и тоа ја олеснува дружбата – тука е многу полесно да се видиш со пријатели, да отидеш и на кафе, и на изложба, и во театар, и на пијачка – сето тоа во еден ден!
Од друга страна, многу ми недостига тука поширокиот избор на дополнителни активности – културни настани, едукативни предавања, уметнички дискусии...
Тоа многу ми го исполнуваше животот. Можеби и јас сум „труп“ и не знам каде да барам – така што отворена сум за препораки!
Последниве неколку години во Москва многу силно се разви трендот на самоедукација – луѓето сакаат да учат нови, некогаш сосема непознати вештини и се спремни добро да платат за тоа.
Така го организираат и слободното време. Сега таму буквално има сè што можеш да замислиш.
На пример, мене сега би ми било многу интересно да посетам некои предавања за историјата на Скопје, архитектурата пред и по земјотресот, психологија, литература… Нешто што не е само пасивно – туку инспиративно и интерактивно.
Колку ти беше чудно и тешко да се привикнеш на начинот на живот во Македонија? Што те изненади најмногу, каков ти беше првиот впечаток за земјата?
Кога почнавме малку пошироко да ја запознаваме Македонија, местата што сега ми паѓаат на ум се: Галичник, Маврово (и Охрид во зима!), Берово, Куклице, еден многу мал, планински манастир во Радожда…
Многу го сакам Свети Пантелејмон и често одам таму пешки. Има и многу други убави места, но најфасцинантно за мене се – луѓето.
Не знам дали луѓето што ме опкружуваат се „типични Македонци“, но јас навистина не сум сретнала подобри – поотворени, повесели, повнимателни пријатели. Тоа ми е едно од најголемите богатства овде.
А она што ми беше многу чудно – и уште ме изненадува – е колку е загаден еден толку мал, мил и интересен град.
Не е оправдување што државата не организира доволно – тоа е неспорно – но уште потажен ми е фактот што многу луѓе, без да забележат, се помириле со животот во ѓубре.
Незабележливо за себе почнуваат сами да го создаваат тој отпад – и да живеат во него.
Со тоа не можам да се смирам. Понекогаш излегувам од дома и собирам ѓубре што се насобира по патот пред мојата куќа, или пред локалот што го водам.
Кога ќе видам некој како фрла ѓубре или цигара од автомобил – застанувам и му кажувам. Секогаш има различни реакции – ама, фала Богу, досега уште никој не ми удрил шамар.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





