Искра Трпева: „Ќерката ми ја фаќаше устата на 2 години за да не пеам, а сега ме ‘притиска’ да се вратам на естрадата“
- Детали
- вторник, 03 јуни 2025
„Татко ми беше човек со многу големо срце и иако спортист, беше голем љубител на класичната музика. Него го знаеше цела Југославија, да не зборувам за Македонија. Па кога првпат му се обратив да ми помогне преку пријатели за спонзорство за спот или за нешто, ми рече не“, се сеќава Искра Трпева Арсовска за CRNOBELO.com.
Кога кон крајот на 1990-те години се појави на музичката сцена, Искра Трпева Арсовска беше вистинско освежување - пејачка со моќен глас, која изгледаше одлично и сите песни ѝ беа хитови.
Многу песни, интервјуа, телевизиски гостувања и настапи во живо подоцна, Искра реши да го стави пеењето во втор план, а да се врати на музиката од која почна сè - оперското пеење, па почна да работи како професор.
Во меѓувреме стана и мајка, а ќерка ѝ Ангела, која како мало детенце ѝ ја затворала устата, оти не сакала Искра да ѝ пее, денес ѝ е најголемиот ветер во грб, после долги години да се врати на сцената со нова песна.
А Искра, и денес ја имаа во себе онаа искра што ја правеше посебна - насмевката, живоста, темпераментот и моќниот глас.
И во разговор за CRNOBELO.com, вели дека веќе работи на својот камбек, па и самата е возбудена што ќе ѝ се врати на естрадата.
Прочитајте го интервјуто со Искра:
Долго време те нема на сцената со нова песна... Помислуваш ли да се вратиш, да снимиш нешто ново?
Да, веќе разговарав со Кристијан Габроски и тој ми јави дека е поставен „костурот“ за песната.
Знаеш, сите мои песни досега се наменски направени, па и оваа, и да не бидам нескромна, но верувам дека токму поради тоа секоја моја песна била хит.
Никогаш никој не ми рекол „Имам песна - слушни ја“. Не, песните биле правени за мене.
Новата песна ќе биде нешто поразлично од досега слушнатото од Искра, а Габроски ми вели дека за тоа што го барам, ми треба Сан Ремо.
Јас сакам во композицијата, вокалот да оди заедно со инструментите. Ако немам симфонија во позадина, вокалот ми е сувопарен.
Ќе ме има. Не можам да кажам точно кога, но да, се работи на тоа.
Зошто се повлече од сцената? Иако повремено имаш свирки или гостување, сепак, тоа не е активно како во времето на најголемата популарност...
Верувам дека е така како што кажуваат сите, еве и ти ми го зборуваш истото, но, јас не го чувствувам тоа така.
Зошто е тоа така? Јас очигледно сум го преточила едното во другото, односно, кога стопирав малку со естрадата, го пренаменив времето во време за ќерката Ангела.
Да бидам искрена, Ангела е таа што ме притиска „Ајде мамо, кога пак?“.
А кога беше мала, на некои 2 години, ми ја фаќаше устата да не пеам, не знам, можеби се срамеше, не сакаше да пеам, но како поминуваат годините често ме прашува дали мислам да се вратам на естрадата.
Како реагираш кога денес ќе слушнеш своја песна на радио?
Апсолутно не исто како кога сум била помлада. Сега ќе се насмевнам и ми се појавува чувство на топлина.
Но, можам да кажам дека дел од младите генерации не ме познаваат, не ми ги знаат песните, а ни мене, зашто не сум многу активна на социјалните мрежи.
Ѝ ги пушташ ли на ќерка ти твоите песни? Ѝ раскажуваш ли за минатото, кариерата, дружењата со музичарите, фестивалите?
Не ѝ ги пуштам. Таа го зема телефонот, влегува на Јутјуб, ги наоѓа сите песни и ме прашува самата за некои коментари оставени под видеата.
„Знаеш колку гледаност имаш на ова видео?“ - знае да ми каже, а јас не сум отворила, ако ми веруваш.
Се гордее, да, апсолутно.
Ние сме други генерации, а ќерка ми гледа како јас темелно се посветувам на работите. Мене ме исполнуваат ситни работи и мислам дека животот и се темели на ситните работи.
Ангела е полетна околу мојата музика, и некогаш знае да ме искара зошто сум престанала, доколку не сум престанела можеби немало овде да живееме.
А бидејќи јас го сакам и почитувам домашното огниште, секогаш ѝ кажувам дека сакам секаде да прошетам, ама да се вратам дома, на ова мало парче земја.
Се дружиш ли со некој од музичарите приватно и денес? Со кого остана блиска?
Ќе ја исклучам Лидија Кочовска зашто ми е старосватица, иако со неа сум секогаш „на линија“ за што и да е, но со другите немам посебна дружба, не.
Ако се видиме на настап некој, на промоција, имам чувство како да не поминало време.
Со Андријана Јаневска се гледам на работа, со Маја Гроздановска Панчева, која е дел од хорот на операта, исто така се гледаме тука, пошто работата ни е блиску.
Но, Ребека, на пример ја немав видено одамна и се сретнавме пред околу две години. Ама, кога се видовме, пак ќе кажам - останало истото, односот, муабетите.
Поради тоа ќе заклучам дека сите сме „играле чисто“ без разлика какви сме биле во тој период - сите сме биле комуникативни, дружељубиви.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





