Македонскиот уролог д-р Виктор Станков на усовршување во Кина ја изучува роботската хирургија

ХИРУРГОТ Е ДИРИГЕНТ НА ОПЕРАЦИЈАТА СО ПОМОШ НА ПРЕЦИЗНОСТА НА РОБОТОТ „ДА ВИНЧИ“

makedonskiot-urolog-d-r-viktor-stankov-na-usovrshuvanje-vo-kina-ja-izuchuva-robotskata-hirurgija-01.jpg

Д-р Виктор Станков е специјалист по урологија при Универзитетската клиника за урологија во Скопје и доктор на науки и научен соработник на хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје.

Моментално е на тренинг за роботска хирургија во Гуанџоу - Кина, на едногодишна „fellowship“ програма за Да Винчи роботска хирургија на еминентната глобална организација „Endourological Society“.

Неодамна на престижниот натпревар на млади уролози во Кина, од вкупно 200 учесници, д-р Станков го освои првото место за најдобра презентација на операција. Натпреварот беше следен онлајн од 9000 уролози од цела Кина.

makedonskiot-urolog-d-r-viktor-stankov-na-usovrshuvanje-vo-kina-ja-izuchuva-robotskata-hirurgija-02.jpg

„Ова е трет пат како сум во Кина, првпат дојдов пред 8 години. Минатата година имав чест да бидам модератор и предавач на конгрес во Кина, каде добив покана за студиска програма тука“.

„Endourological Society“ е светска уролошка организација формирана во 1983 година, чија основна цел е едукација и тренинг на уролози во референтни светски центри. Нивна визија е иновација и ширење на нови неинвазивни методи во урологијата - со цел подобрување на здравјето на пациентите, како и квалитетот на живот после операција.

Нивна мисија е замена на класичната отворена хирургија со најнови минимално инвазивни методи достапни во светот. Програмата е атрактивна и го привлекува вниманието на илјадници уролози ширум светот кои аплицираат, па влезот не е лесен.

Името на роботот Да Винчи е инспирација од Леонардо Да Винчи - познатиот италијанскиот уметник, кој имал исклучително познавање на човековата анатомија, што може да се забележи од бројните скулптури.

makedonskiot-urolog-d-r-viktor-stankov-na-usovrshuvanje-vo-kina-ja-izuchuva-robotskata-hirurgija-03.jpg

„Да Винчи роботот e хируршки систем кој овозможува изведување на најкомплексни операции со исклучителна прецизност преку минимално инвазивен пристап. Најголем дел од операцијата ја изведува роботски систем со 3-4 раце, контролиран од хирургот, кој нема директен контакт со пациентот.

Овој систем го користи најдоброто од „двата света“, искуството и знаењето на хирургот во комбинација со прецизноста на роботот. Сакам да појаснам дека операцијата не е изведувана од систем на артифициелна интелегенција - хирургот е „диригент“ на операцијата.

Најчесто се користи за уролошки операции, потоа гинеколошки, за колоректални операции, за торакални и кардиохируршки зафати.“

makedonskiot-urolog-d-r-viktor-stankov-na-usovrshuvanje-vo-kina-ja-izuchuva-robotskata-hirurgija-04.jpg

Роботска хирургија во светот е присутна вeќе 25 години. Илјадници операции дневно се изведуваат ширум светот. На прашањето, зошто најголем дел од македонскиот народ нема слушнато за Да Винчи роботот, а ретко кој Mакедонец има шанси да се оперира на овој принцип, д-р Станков вели:

„Ова се прашања кои треба да си ги поставиме за да констатираме каква е моменталната состојба со здравството и како можеме подобро. Сметам дека во Македонија имаме високо квалитетни кадри и дека со мала иницијатива и организација може многу да се подобри здравствениот систем“.

Едновремено, д-р Станков е многу благодарен за можноста и честа да учи од светски имиња во модерната урологија - вистински легенди, кои иновираат процедури, конструираат хируршки иструменти, спасуваат животи, отвараат болници, едуцираат кадри, поврзуваат култури…

„Толку се „големи“ во секоја смисла на зборот, а толку приземјени, нормални, човечни и желни несебично да го споделат своето знаење акумулирано низ многу години и илјадници случаи. Знаете, знаењето не доаѓа пасивно, а кривата на учење е релативно голема.

Пред да почнете со операции на пациенти, задолжително е да се поминат минимум 100 часа на роботски симулатор, каде преку многу вежби се запознавате со можностите на роботот и ги вежбате движењата се додека не ви станат рутински. Секоја вежба се оценува со бодови од -30 до 100, а потребни се најмалку 95 бодови за успешно да ја поминете вежбата.

Потребна е голема љубов кон професијата и посветеност за да успеете во процесот. Оваа едукација претставува голема шанса за мене да се стекнам со нови знаења од областа на роботската хирургија, кои се надевам ќе имам прилика во скоро време да ги применам и во Македонија“.

makedonskiot-urolog-d-r-viktor-stankov-na-usovrshuvanje-vo-kina-ja-izuchuva-robotskata-hirurgija-05.jpg

КИНЕЗИТЕ СЕ РАДУВААТ НА ЖИВОТОТ И НЕ ГО ГУБАТ ДЕТЕТО ВО СЕБЕ

Каде и да патува, со себе ја носи дисциплината и релативно лесно се прилагодува кон новиот начин на живот и обврски. Не прави компромис за добар сон, спорт и нутритивна храна - единствено така, може да го освои денот, а не само да го помине. Најголема ментална храна и мотивација му е семејството, а помислата на нив му дава сила да истрае.

„Уживам во чаша добро вино, македонска ракија, или по ново „кинеска ракија“ - секогаш во друштво на пријатели.

Фразата „work hard - play harder“ добро ги опишува Кинезите, или барем моите колеги. Тие денови кога нема да заглавиме до 1h наутро на работа, задолжително излегуваме и се дружиме“.

makedonskiot-urolog-d-r-viktor-stankov-na-usovrshuvanje-vo-kina-ja-izuchuva-robotskata-hirurgija-06.jpg

Гуанџоу е прекрасен град, вели тој, и изобилува со средени паркови, тропски растенија и модерна архитектура. Гуанџоу е еден од петте најголеми кинески градови - со популација од околу 15 милиона жители.

„Кинезите се исклучителен народ, и прилично различни од нас. Ме трогнува нивната гостопримливост и желба да помогнат, а она по што се уникатни е начинот на кој му се радуваат на животот и не го губат детето во себе низ животот.

Каде и да одите гледате паркови со пензионери полни со ентузијазам - вежбаат, пеат, играат пинг понг, багминтон или шах, му се радуваат на животот, можеби тоа е тајната на нивната долговечност“.

Кинеската храна е различна во секој регион на Кина, така што, онаа кинеската храна што ја знаеме кај нас е сосема различна, односно, прилагодена е за нашето поднебје.

„Градот е полн со „street food” ресторанчиња и со раскошни ресторани со Мишелин звезди. Оние кои не сакаат да и дадат шанса на кинеската кујна, може да одберат помеѓу бројните италијански, јапонски, турски, индиски и арапски ресторани“.

makedonskiot-urolog-d-r-viktor-stankov-na-usovrshuvanje-vo-kina-ja-izuchuva-robotskata-hirurgija-07.jpg

РОДИТЕЛИТЕ - НЕГОВА НАЈГОЛЕМА ИНСПИРАЦИЈА

За изборот на професијата д-р Станков вели дека ја засакал хирургијата од кога памети за себе. Неговиот татко, д-р Оливер Станков, професор уролог при Медицинскиот факултет и претседател на Балканската асоцијација на урологија и неговата мајка Каролина, фармацевт, специјалист и докажан менаџер во фармацевтската индустрија се негова најголема инспирација.

„Децата се подложни на несвесно влијание од родителите, јас и брат ми не бевме исклучок и покрај тоа што „свесното“ влијание на татко ми не беше во насока на хирургија, туку сосема спротивно, сугерираше да одберам „полесна“ професија.

Секако за успех на кое било поле е потребна голема посветеност и учење, меѓутоа за медицината тоа посебно важи, потребна е голема „жртва“, многу години учење.

Не може да сте добар и успешен во оваа работа без вистински да ја сакате и да и се посветите целосно. Така што и покрај сугестијата на татко ми, тргнав по неговите стапки“.

Иницијалната љубов кон хирургијата, која се роди уште во детството се зацврсти кога се запишал на Медицинскиот факултет во Скопје.

„Како студенти имавме можност да гледаме операции во рамките на вежбите по хирургија. Возбудата и адреналинот во операционите сали ме инспирираа да продолжам по патот по кој бев тргнал.

Како млад студент имав прилика преку интернационални проекти за размена да патувам во различни центри низ Европа и да стажирам на хируршки оддели.

Имав едномесечно искуство на оделот за кардиохирургија во реномираната болница АКХ во Виена, а по завршување на студиите аплицирав и добив специјализација по кардиохирургија во најпрестижната болница во Франкфурт, Германија. И покрај тоа, мојата одлука падна на урологија, за што никогаш не се покајав“.

Од денешна визура, можноста да помага на луѓето и да спасува животи, колку стереотипно и да звучи, му ја одржува љубовта кон оваа благородна професија. Фактот што има успешни родители и што соработува со едниот е привилегија, но истовремено е и меч со две острици.

makedonskiot-urolog-d-r-viktor-stankov-na-usovrshuvanje-vo-kina-ja-izuchuva-robotskata-hirurgija-08.jpg

„Тешко е да се опише, а може да го разберат оние кои биле во слична ситуација. Едната страна, која е полесно видлива е можноста несебично да се пренесе големо искуство и знаење од областа, како и отворени врати за контакти со влијателни колеги од фелата.

Улогата на родител е сосема различна од таа на колега, едукатор, ментор, па дури и менаџер. Татко ми отсекогаш инвестирал во мојата едукација и ме насочувал правилно - за што сум му неизмерно благодарен.

Другата страна е таа што не сите ја согледуваат - а тоа е огромен пристисок да се оправдаат преголемите очекувања, кои се на висина на Монт Еверест.

Да се биде „ок“ не беше опција, мораше да се стремам кон најдобро - народски кажано да се натпреварувам со Јапонци и Кинези, а јас буквално тоа и го направив“.

Неговата мајка, Каролина му е најголем „фан“ и секојдневна инспирација. Нејзината љубов, мудрост, животна филозофија, филантропија, визија, водство, верба, се градбените единици на неговата личност и најсилно оружје.

ДИСЦИПЛИНАТА - НЕЗАМЕНЛИВА ФОРМУЛА ЗА УСПЕХ

За да биде добар доктор, мора да се биде комплетна и добра личност, над се.

„Со брат ми бевме воспитани во натпреварувачки дух. Уште од најмали нозе по завршувањето на школските обврски следеа бескрајни активности како тенис, пливање, карате, англиски, германски, клавир, секоја минута беше испланирана.

Благодарен сум на моите родители што ни овозможија широки познавања на повеќе полиња, со тоа нѐ направија „побогати“ личности, но најважно од се, ни ја всадија дисциплината, како незаменлива формула за успех на секое поле. Успехот не доаѓа наеднаш, тој претставува збир од мали дисциплини, константно повторувани“.

makedonskiot-urolog-d-r-viktor-stankov-na-usovrshuvanje-vo-kina-ja-izuchuva-robotskata-hirurgija-09.jpg

Д-Р СТАНКОВ ПОБЕДНИК НА НАТПРЕВАР ВО КИНА

Од сите признанија и успeси низ годините, посебно ја истакнува скорешна победа на престижниот натпревар на млади уролози во Кина, каде од 200 учесници го освои првото место за најдобра презентација на операција. Натпреварот беше следен онлајн од 9000 уролози од цела Кина.

„Имав чест да го претставувам универзитетот во Гуанџоу, каде моментално работам и огромна прилика и задоволство да го презентирам и мојот матичен факултет Св. Кирил и Методиј во Скопје.

Ова признание ми е особено драго, и истото претставува препознавање на напорната работа крунисана со голема победа надвор од Македонија, каде конкуренцијата е на сосема друго ниво.

Иако, успесите и наградите се секогаш возбудливи и примамливи, научив да не ги бркам директно. Најдобри се кога сами доаѓаат како „бипродукт“ на добра работа. Мојот фокус е да го давам својот максимум на сите полиња, константно да се подобрувам, а признанијата сами си доаѓаат“.

makedonskiot-urolog-d-r-viktor-stankov-na-usovrshuvanje-vo-kina-ja-izuchuva-robotskata-hirurgija-10.jpg

СОПРУГ НА НИНА И ТАТКО НА СТЕФАН СЕ ТИТУЛИ НА КОИ Е ИСКЛУЧИТЕЛНО ГОРД

Негова сопруга е Нина Ангеловска, успешна бизнисменка и поранешна министерка за финансии во Владата на Р.С. Македонија.

Претходно, јавноста ја познаваше како основач на Grouper.mk и претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, а денес е менаџер за интернационален бизнис развој на Ananas e-commerce.

Сопруг на Нина и татко на Стефан се две титули на кои е исклучително горд. Нина е делот од сложувалката кој го надополнува, а Стефан е најголема љубов и радост.

„Со сопругата во дел од работите сме компатибилни, a во уште поголем дел комплементарни. Уживаме во заедничките патувања. Каде и да одиме имаме наши незаменливи ритуали - утрински спорт после кафето, бавен појадок со убава тема за „разглабање“, долги прошетки низ градот, партија тенис, чаша просеко пред ручек, романтичен „дејт“ на зајдисонце.

Со доаѓањето на Стефан, дел од овие ритуали се променија, на пример бавните „маратонски“ викенд појадоци се претворија во „шпринтови“ (се смее).

makedonskiot-urolog-d-r-viktor-stankov-na-usovrshuvanje-vo-kina-ja-izuchuva-robotskata-hirurgija-11.jpg

Би можело да ве интересира:

Урбан лик: Ќазим Асотиќ од Скопје е кавалер од стар ков и маж со елегантен моден стил „Никогаш не излегувам од дома без часовник, машки голем прстен, вратоврска и мар...
Стефан Миленковиќ за CRNOBELO: „Секогаш со задоволство се враќам во Македонија, го сакам вашиот ајва... „И понатаму свирам на виолината изработена во 1783 година. Таа била во сопствено...
Зоран Спасов - Ѕоф, урбан скопски лик: „Скопје не би било исто без шармот на оние кои денес имаат по... „Во 2012-та дома го прогласивме Тито за светец и секој 25-ти мај ја славиме слав...
Вирџинија од Скопје е девојка со уникатен моден стил – шарени стајлинзи, сина коса и нокти во сите б... „Косата ми е сина веќе 7 години и е ‘морето во мене’. Облекувањето за мене е заб...
Анжелика од Скопје за ракот на дојката: „Се изнаплакав кога ми кажаа, а потоа ги извадив двете гради... „Сама бев појдена на контрола и, искрено, не се сеќавам како стигнав до дома. Се...
Здравко Чолиќ за CRNOBELO: „Сопругата ме ‘врза’ со толеранцијата, јас никогаш не сакав да се женам“ „Убаво ми е кога ќе дојдам кај вас - уживам во убавината, климата, воздухот, без...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg