Ана Колевска за одморот на Бали: „Го скршив стапалото, лизнувајќи се покрај базен - каков третман добив во болниците?“
- Детали
- вторник, 01 јули 2025
„На третиот ден од одморот, се лизнав на мокар под пред базенот од нашата вила во Убуд. Во моментот изгледаше како само силен пад, но следниот ден, после долг ден шетање низ Убуд, болката стана неподнослива. Вечерта завршив во болница - дијагнозата: скршено стапало“, споделува стјуардесата Ана Колевска за CRNOBELO.com и открива каков третман добила таму.

Ана Колевска е наша стјуардеса, која години наназад живее и работи во Дубаи, па токму таму ја пронашла и љубовта на својот живот – инженерот Терек.
Заедно со него таа беше на патување во Бали, каде, за жал, доживеа незгода.
За CRNOBELO.com Ана споделува детали за ова искуство, но и дава корисни совети за вакви немили ситуации:
„Бали ми беше познат и драг. Ова не беше мое прво патување таму – веќе ги знаев добро регионите, локациите и терените околу местата што сакав да ги посетам.

Имав 20-дневен одмор испланиран до последен детаљ – од спокојниот Убуд до динамичниот Улувату, па островските авантури на Нуса и Гили.
Но, животот, како што често знае, имаше други планови.

На третиот ден, се лизнав на мокар под пред базенот од нашата вила во Убуд. Немаше никакви безбедносни мерки.

Во моментот изгледаше како само силен пад, но следниот ден, после долг ден шетање низ Убуд, болката стана неподнослива.
Вечерта завршив во болница – дијагнозата: скршено стапало.

Фотографија од Дубаи, по враќањето од Бали
Со тоа, сѐ што следеше мораше да се промени. Помислив дури и да се вратам веднаш во Дубаи, но докторите не го препорачаа тоа – деветчасовен лет со свежа фрактура е голем ризик.
Одлучив да останам и да се адаптирам најдобро што можам.


Побаравме од хотелот во Убуд да ни даде вила поблиску до излезот – секојдневно морав да качувам околу 20 скали за да влезам или излезам од собата, но ни рекоа дека се целосно пополнети.

Искрено, верувам дека можеше ова да се реши со повеќе емпатија, но продолживме напред.
На седмиот ден конечно најдовме нов хотел – целосно рамен, без скали – и се преселивме таму.

Најтешкиот дел беше репланирањето: повеќето денови ги поминував со лаптоп во кревет, истражувајќи хотели кои се пристапни и погодни за некој со ограничена подвижност – што е навистина реткост во Убуд и Улувату.
Наместо мотор, моравме да изнајмиме автомобил со возач, а сите планинарења, водопади и адреналински авантури – мораа да се откажат.

Но, сепак, пронајдовме активности што ми беа достапни и прекрасно ме исполнуваа.
Посетивме кафе плантажа, го истраживме волшебниот дворец со вода – Тирта Ганга, и, секако, морав да ја имам мојата „Eat Pray Love“ епизода – со посета на Liyer Spirit House за читање на дланка и воден благослов.
Ова беше и прекрасна можност да уживам во гастрономијата на Бали – нешто што инаку веројатно немаше да го искусам толку интензивно.