Љубовната приказна на Евче и Александар Динев: „Бевме другари - кога тој престана да се труди да ме освои, јас направив прв чекор“
Раскажете ми некој интересен момент поврзан со вашата љубов, нешто од вашите бројни патувања заедно.
Ева: Имаме навистина многу посебни и забавни моменти поминати заедно, но еден што секогаш ќе ни остане во сеќавање е роденденот на Александар кој го славевме на Малдиви.
Тој ден отидовме на ручек, а јас се преправав дека сум го заборавила телефонот во соба, но вистината беше дека се вратив за да го подготвам роденденското изненадување.
Буквално претрчав цел остров, барав свеќа, подароци… дури и се изгубив на момент, ама битно се вратив на време и Александар воопшто не се посомнева.

Вечерта, кога сè беше подготвено, сфатив дека немам запалка за свеќата.
Александар спиеше, а јас од брзање боса излегов надвор за да барам запалка.
Прашував по рандом луѓе и конечно ми даде еден келнер, на кој му ветив дека ќе му ја вратам… и никогаш не му ја вратив.
Го разбудив Александар од спиење со песната „Честит рожденден“, а неговата реакција беше легендарна - преплашен, збунет, не знаеше што се случува.
Сè на сè, беше вистински хаос, ама слатка случка што долго ќе ја паметиме.

Пред година и нешто снимивте видео како правите свадба... Дали беше тоа пред да почне љубовта или веќе бевте во врска?
Ева: Кога го снимивме видеото за свадбата сè уште не бевме заедно, беше шега и ни стана интересно за тоа да се зафркаваме.
Ама ете, неколку месеци подоцна, таа шега до некаде прерасна во вистина.

Дали луѓето навистина мислеа дека сте во брак?
Ева: Да, многу луѓе навистина поверуваа дека сме во брак, некои можеби и ден денес мислат дека сме.
Добивавме по дома бонбоњери, честитки, па дури и неколку лути коментари од роднини кои беа навредени зашто не биле поканети на „свадбата“.
Ни беше многу смешно, особено затоа што сè уште не бевме заедно.

Ева, ти ми кажа и дека има такви кои и денес не веруваат дека сте во врска, туку само другари. Како реагирате на тие коментари?
Ева: Искрено смешно ни е кога ќе видиме дека некои луѓе сè уште мислат дека не сме заедно, но до некаде ги разбираме - направивме лажна свадба и сè почна од шега, па сега кога навистина сме во врска на некои им е тешко да поверуваат.
Веќе одамна е очигледно дека не е шега, тоа се гледа и по содржините што ги споделуваме и по начинот на кој се однесуваме еден со друг.

