Љубовната приказна на Евче и Александар Динев: „Бевме другари - кога тој престана да се труди да ме освои, јас направив прв чекор“
Кој е поромантичен од двајцата?
Ева: Кога зборуваме за романтика, тука некаде сме. И двајцата се трудиме да се изненадуваме меѓусебно.
Единствената разлика е што јас умеам да скријам изненадување до последен момент, додека Александар едвај чека да ми открие што смислил и многу често несвенсо се издава ха, ха, ха.
Најромантичното нешто што тој го направил за мене е дефинитивно роденденското изненадување - патување во Париз, моето омилено место кое отсекогаш сум сакала да го посетам.
Со тоа буквално ме погоди во срце!

Александар: Најромантичното нешто што Ева го направила за мене беше за Денот на вљубените.
Сокри неколку подароци низ станот и ми даде точно пет минути да ги најдам сите, а ако не најдам нешто, тоа требаше да остане за неа. Ама, нормално, ги најдов сите!
Потоа ме однесе на убава романтична вечера. Сè беше многу убаво испланирано и креативно!

Ева, што ти се допаѓа најмногу кај Александар?
Ева: Ех, од каде да почнам... Александар е, без преувеличување, најдобрата личност што сум ја запознала.
Благодарение на него, почнав да верувам дека навистина постојат луѓе кај кои надворешната убавина оди рака под рака со внатрешната.
Она што особено ми се допаѓа кај него е неговата интелигенција и креативност.
Отсекогаш сум се восхитувала на луѓе што размислуваат поинаку, имаат визија и храброст да ја следат.
Александар е токму таков - интелигентен, поразличен, иновативен и полн со идеи.
Исто така, неговата транспарентност и отвореност ме поттикнаа и мене да бидам поискрена, пред сè кон самата себе.
И што е најважно, ме инспирира секојдневно да бидам подобра верзија од себе.

Александар, кои се 3 најдобри квалитети на Ева, ама и 1 работа со која секогаш те вади од такт?
Александар: Ајде прво едната негативна работа да си ја тргнам од пат - Ева цело време доцни!
Не знам како е возможно тоа, ама кога и да треба да се видиме, да одиме на состанок или на дејт скоро секогаш ја чекам по пола саат.
За мене, пак, од друга страна, е многу важно да сум на време.
Воопшто не сакам да доцнам и дури кога можам - стигам 15 минути пред време.

Тешко ми да издвојам само три квалитети, но ајде ќе пробам да се воздржам.
Прво - знае како да биде тука за мене, кога и да ми е тешко, особено кога поминувам низ бурни периоди, Ева знае што ми е потребно за да се чувствувам поубаво.
Второ - препаметна е и интeлигентна. Не сте свесни колку пати сум бил шокиран од начинот на тоа како ѝ работи мозокот.
Многу брзо знае да дојде до решение, идеја и слично, а тоа ја прави ептен креативен problem solver.
Трето - емпатична , многу добро знае како да процени дали некој е во ред или не.
Знае како да се стави во туѓа кожа и да сочувствува, а тоа знаат феноменално да го прават само емоционално интелигентни личности.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело